Паричната помош за згрижувачки семејства е зголемена за 25 проценти

Повисок надомест за семејствата кои згрижуваат деца без родители Фото: Принтскрин

Зголемување на паричниот надоместок за згрижување на деца без родители и родителска грижа за 25%

ВМРО-ДПМНЕ во континуитет се грижи за подигнување на бројот на згрижувачките семејства кои се грижат за децата без родители, деца без родителска грижа, деца со пречки во развојот како и деца со воспитно-социјални проблеми. Во таа насока ќе се зголеми паричниот надоместок за 25% во следниот период. (Буџет: 12.000.000 денари годишно, рок: 2015 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018), насловена „Проверено“ на стр. 205, е ветено  дека до крајот на 2015 година надоместокот за згрижување на деца без родители и родителска грижа ќе се зголеми за 25 проценти. Ова изборно ветување го оценуваме како исполнето.

На 31 јануари 2015 година министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов најави дека Владата дала зелено светло за зголемување на надоместокот на згрижувачките семејства и за поволност на лицата со инвалидитет за набавка на  возило. Тој изјави дека семејствата кои што згрижуваат деца од јули ќе земат надомест зголемен за 25 насто. Со ова се опфатени 175 семејства поделени во три категории кои згрижуваат 315 лица.

Овие зголемувања ќе се реализираат од јули 2015 година, а на годишно ниво ќе се издвојуваат 37.500.000.00 денари при што за ова зголемување за 2015 година во буџетот предвидени се дополнителни 3.750.000 денари, а за 2016 – 7.500. 000 денари, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

На 20 јули 2015 година беше исплатена зголемената помош за згрижувачки семејства, а тоа го најави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при посетата на Дневниот центар за деца со церебрална парализа.

–  Вчера е извршена исплатата на зголемениот надомест за 25 проценти за семејства што згрижуваат деца без родители, која претходно изнесуваше од 6.000 до 8.000 денари, а сега ќе изнесува од 8.000 до 10 илјади денари. Истовремено  почнавме и со исплатата на зголемената социјална и постојана парична помош за околу 35.000 кроисници за 10 проценти.  Имавме ветување дека ќе ја зголемиме за 5 проценти, но најдовме можности во Буџетот да го зголемиме на 10 проценти и верувам дека со тоа колку толку успеваме да им помогнеме на овие лица да имаат поголема помош и поддршка од државата и да имаат поголем надомест, изјави Ставрески.

На веб-страницата на Министерството за финансии  во информација од  21 јули е наведено:

Владата ја исплати зголемената социјална и постојана парична помош за социјално ранливите категории за 10 проценти, како и зголемениот надомест за семејствата кои згрижуваат деца без родители за 25 проценти. Зголемената социјална помош е исплатена пред десетина дена, а вчера се исплатени средствата за постојаната парична помош и за згрижувачките семејства.

Од ова може да се заклучи дека ветувањето за „зголемен надомест за семејствата кои згрижуваат деца без родители за 25 проценти“,  е исполнето.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција