Паушално се тврди дека вакцинацијата на децата против ковид-19 е агенда за нивно убиство
Центарот за контрола и превенција на болести на САД ја одобри вакцината против ковид-19 за децата. Извршниот директор и коосновач на „БајоНтек“, Угур Шахин, веќе изјави дека резултатите се „први и единствени откриени долгорочни податоци кои ја демонстрираат безбедноста и ефикасноста на вакцината против ковид-19 кај поединци на возраст од 12 до 15 години“. Мајо клиниката во САД, пак, пишува дека за децата на возраст од 5 до 11 години Американската агенција за храна и лекови прегледала студија спроведена на повеќе од 4600 деца во оваа возрасна група и децата кои ја примиле вакцината биле мониторирани за несакани ефекти барем два месеца по втората доза и тие несакани ефекти биле главно благи
Центарот за контрола и превенција на болести на САД ја одобри вакцината против ковид-19 за децата. Извршниот директор и коосновач на „БајоНтек“, Угур Шахин, веќе изјави дека резултатите се „први и единствени откриени долгорочни податоци кои ја демонстрираат безбедноста и ефикасноста на вакцината против ковид-19 кај поединци на возраст од 12 до 15 години“. Мајо клиниката во САД, пак, пишува дека за децата на возраст од 5 до 11 години Американската агенција за храна и лекови прегледала студија спроведена на повеќе од 4600 деца во оваа возрасна група и децата кои ја примиле вакцината биле мониторирани за несакани ефекти барем два месеца по втората доза и тие несакани ефекти биле главно благи
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека има агенда за убивање на деца. Во објавата се цитира доктор Лари Палевски кој рекол дека „кога децата ќе почнат да умираат, никој нема да верува дека тоа е поврзано со вакцината“, која според него, не е вакцина.
Постои формирање на масовна психоза кај медицинскиот персонал, мас медиумите и јавноста. Никој нема ни да помисли од што умираат децата. Ракот ќе се зголемува кај малите деца. Срцевите напади исто кај малите деца. Мозочните удари кај малите деца. Згрутчувањето на крвта кај малите деца. Промената на менталниот статус кај малите деца. Ниту ќе помислат дека има било каква врска со пелцот. За жал вие дозираните возрасни го отворивте патот до пеколот на вашите деца и внуци, се вели во постот шти го рецензираме.
Во видеото Палевски вели дека вакцините биле генетска терапија. Како што Вистиномер претходно пишуваше, од досега презентираните официјални факти, познато е дека вакцините против ковид не се генетска терапија затоа што не се дизајнирани на ниеден начин да ги променат вашите гени.
Американската национална библиотека за медицина терминот генетска терапија го дефинира како „техника која може да им дозволи на лекарите да третираат состојба со вметнување на ген во клетките на пациентот, наместо да користат медикамент или операција“. На пример, докторите со генска терапија можат да вметнат или да заменат мутиран ген кој не функционира на соодветен начин или да стават нов ген во телото кој ќе направи нешто за да се бори против болестa.
Генот се состои од ДНК и служи како базична физичка и функционална наследна единица. мРНК, пак, е различен од ДНК. РНК е рибонуклеидна киселина додека ДНК е дезоксирибонуклеинска киселина и служи како библиотека за инструкции за производство на протеини. Кога клетката сака да продуцира протеин, ја користи ДНК за да продуцира копија од мРНК. ДНК е во јадрото на клетките. Рибозомите не се. Поради тоа, мРНК од ковид вакцината нема да влезе во јадрото на клетката, туку едноставно ќе оди во рибозомите кои ќе го продуцираат спајк протеинот.
Значи, влезот на мРНК во човековите клетки не го менува ДНК на човечката клетка и доколку овие клетки се множат, тогаш мРНК нема да се инкорпорира во генетските информации на новите клетки.
Понатаму, генската терапија вклучува правење намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. мРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија.
Генетските терапии можат да имаат долгорочни ефекти бидејќи перманентно ја менуваат ДНК на клетката. Спротивно на ова, мРНК клетките се секогаш транзиторни и не се наследени од ќерките клетки, што ги прави идеални за користење во вакцините.
И Центарот за контрола и превенција на болести на САД, официјално потврдува дека вакцината против ковид-19 не влегува во интеракција со нашата ДНК на каков било начин:
мРНК никогаш не влегува во јадрото на клетката каде што се чува генетскиот материјал. Клетката го разградува и се ослободува од мРНК веднаш по завршувањето на користењето на инструкциите, потврдува Центарот за контрола и превенција на болести на САД.
Што се однесува до тврдењата изнесени во постот што го рецензираме, дека вакцините ќе почнат да убиваат деца, да предизвикуваат сериозни проблеми со нивното здравје и дека поради колективна психоза никој нема да ги поврзе таквите настани со вакцината, може да заклучиме дека ваквите тврдења не се базирани на факти. Едноставната причина е во тоа што вакцините за децата имаат поминато голем број клинички испитувања и регулаторни дозволи кои ја потврдуваат нејзината делотворност и безбедност. Што ќе се случи хипотетички во иднина не може да се каже, ама можат да се разгледаат искуствата околу вакцинацијата на децата досега и од тие презентирани податоци да се сфати дека вакцините не се штетни, ниту пак предизвикуваат сериозни последици или смртност. Центарот за контрола и превенција на болести на САД ја одобри вакцината за децата.
Извршниот директор и коосновач на „БајоНтек“, Угур Шахин, истакна дека резултатите се „први и единствени откриени долгорочни податоци кои ја демонстрираат безбедноста и ефикасноста на вакцината за ковид-19 кај поединци на возраст од 12 до 15 години“.
Мајо клиниката во САД пишува дека за децата на возраст од 5 до 11 години Американската агенција за храна и лекови прегледала студија спроведена на повеќе од 4600 деца во оваа возрасна група. Од нив 3100 примиле Фајзер вакцина, а другите плацебо. Децата кои ја примиле вакцината биле мониторирани за несакани ефекти барем два месеца по втората доза и тие несакани ефекти биле главно благи. Несаканите ефекти кај децата се слични како и кај возрасните се болка во рамото, главоболка, мускулна болка, температура, потечени лимфни јазли, повраќање и траат најмногу два дена по вакцинацијата. Некои деца, како што пишува Мајо клиниката, воопшто немале несакани ефекти.
Поради тоа што клиничките тестирања почнаа во летото 2020 година, не е уште јасно дали вакцините ќе предизвикаат долготрајни ефекти. Но, вакцините ретко предизвикуваат долгорочни ефекти. Дел од децата во секоја возрасна група беа мониторирани за безбедносни причини барем два месеца откако им беше администрирана втората доза од ковид вакцината, пишува на веб-страницата на Мајо клиниката.
За разлика од тоа што не може да се докаже дека вакцината против ковид-19 има долгорочни несакани ефекти врз децата, докажливо е дека децата заразени од ковид-19 можат да имаат симптоми кои траат долго (т.н. долг ковид), кои вклучуваат замор, потешкотии со спиењето, концентрацијата, кашлица, мускулна болка.
Универзитетот Џонс Хопкинс наведува дека има пријави на миокардитис кај деца кои се вакцинирани, меѓутоа со оглед на фактот што се администрирани милиони дози од вакцината против ковид-19, овие пријави се исклучително ретки. Проблемот со миокардитис се случува често кај адолесценти, тинејџери од машки пол. Кај сите случаи, миокардитисот е благ и завршува со добар исход, односно целосно опоравување.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека нема докази дека вакцинацијата против ковид-19 претставува агенда за убиство на деца. Несаканите ефекти кои што се регистрирани кај децата, се исти како и кај возрасните, претежно се благи и ретки, траат неколку дена и не вклучуваат сериозни долгорочни последици наспроти она што се сугерира во постот што го рецензираме.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар