PCR тестот прецизно го детектира присуството на корона вирусот

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, но и во светот.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите istinomer.rs, анализираше објави на Фејсбук со тврдење дека PCR-тестот за корона вирус открива „само воспаление, но не и од што настанало“, како и дека „луѓето се прогласуваат за позитивни на корона вирусот, иако можеби боледуваат од некоја друга болест“.

Тврдењето се заснова на наводна изјава на член на српскиот Кризен штаб за сузбивање на заразната болест Kовид-19, односно, пулмологот Бранимир Несторовиќ, пишува српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите.

„Ако Ви е позитивен PCR-тестот, Вие имате некои воспаление, но тоа воспаление се води како Kовид. Тогаш Ве прогласуваат за заразени со Kовид, иако можеби не сте, а ако веќе не сте, голема е шансата тоа да станете, бидејќи ќе Ве стрпаат со заразени, коишто, исто така, може да бидат заразени со што било, бидејќи PCR-тестот покажува само воспаление, но не и поради што се развило“, гласи пренесената наводна изјава на Несторовиќ.

Проверката на istinomer.rs покажала дека станува збор за преправена изјава на Несторовиќ, врз основа на оригиналната изјава што на почетокот на јули ја дал за телевизијата Прва.

„Овој тест не е сосема специфичен за овој вирус. Значи, и кога ќе го направите овој PCR-тест и ќе добиете позитивен резултат, тоа не значи дека сте болни од овој Ковид-19. Тоа значи дека Вие сте болни од некој од корона вирусите, а има и извесна реактивност со вирусот на грип и уште некои вируси. Затоа што тој дел што е избран за тестирање, е всушност таков што е малку вкрстено реактивен. Тешко е, вирусите се слични, не е овој вирус толку различен за сега Вие да направите текст што е специјален за него. И Вие можеби имате некоја друга инфекција – тестот ќе биде позитивен“, изјавил тогаш Несторовиќ.

Теоријата за недоверливите PCR-тестови не е измислена од Несторовиќ. Таа, повикувајќи се на „неименуван угледен научник во САД“, се појави уште во март годинава во статија објавена на GlobalResearch.ca, во којашто се критикува методата PCR (Полимеразна верижна реакција), којашто се користи нашироко во лабораториите низ светот, а е создадена од Кери Мулис, кој за тоа ја доби Нобеловата награда во 1993 година. Материјалот од оваа статија е пренесен и во видео што е поставено на Јутјуб, а кое до моментот на негово бришење имало 750.000 посети.

Со проверката на тврдења од спорната статија се позанимавала и непрофитната организација посветена на научно образование, „Science Feedback“, која со помош на податоци од универзитетот Квинсленд во Австралија и други научни истражувања утврдила дека наводите за недоверливост на PCR-тестовите се неосновани и погрешни.

Како што објаснува оваа организација, „благодарение на напорите на научниците, сега знаеме дека целосниот геном на овој вирус, што овозможува дизајнирање специфични прајмери за вирусот, кои ги препознаваат единствените сегменти на нуклеински киселини што не се вкрстуваат со оние што се пронајдени со другите вируси од семејството корона“.

Тоа значи дека PCR-тестовите се креирани да бидат специфични за вирусот што ја предизвикува моменталната пандемија и можат точно да го откријат и да го разликуваат од останатите припадници на семејството на корона вирусите, потенцира istinomer.rs.

Со идентичен став, односно со аргументирано одговарање на тврдењата дека овој тест е недоверлив, е и професорот Иан Мекеј од универзитетот Квинсленд. Тој вели дека PCR-тестовите што се користат денес, се „извонредно ефикасни во детекцијата на SARS-CoV-2, којшто ја предизвикува ковид-19“.

„PCR-тестот е креиран така да открива одреден вирус. Можеме да ги согледаме генетските секвенци на сите останати познати вируси и со доверба да тврдиме дека овој тест нема да има интеракција со нивниот генетски материјал. Тоа ни помага да избегнеме еден облик на лажен резултат“, наведува Мекеј.

извор: Meta.mk

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција