Пендаровски беше и во посета, но и го посетија светски лидери

Стево Пендаровски, во рамки на учеството на самиот Украина – Југоисточна Европа, денеска во Тирана оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски Фото: pretsedatel.mk

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, д-р. Ѓорѓија Сајкоски, пред вчерашниот партиски митинг изјави дека Стево Пендаровски во својата функција како претседател не бил на официјални гостувања, ниту пак примил светски државници со што ги покажува „својот капацитет и безличноста“. Со оглед дека информациите на претседателот се редовно документирани и јавно достапни, лесно може да се утврди дека ова е далеку од вистината

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, д-р. Ѓорѓија Сајкоски, пред вчерашниот партиски митинг изјави дека Стево Пендаровски во својата функција како претседател не бил на официјални гостувања, ниту пак, примил светски државници со што ги покажува „својот капацитет и безличноста“. Со оглед дека информациите на претседателот се редовно документирани и јавно достапни, лесно може да се утврди дека ова е далеку од вистината

 

 

Пред вчерашниот митинг на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се одржа едночасовна дискусија каде пратеници и членови од партијата со пофални зборови говореа само за својата кандидатка за претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова, а упатија низа критики за нејзините противкандидати. Во таа насока, во своето излагање генералниот секретар на ДПМНЕ, д-р. Ѓорѓија Сајкоски, го изјави следното:

[…] Вие сте сведоци дека откога поминаа 5 години откога имаме претседател којшто не учествуваше во подготвување на меѓународни договори, претседател којшто не ги креираше меѓународните договори, претседател којшто изминативе години не посети ниту една држава надвор од Македонија за да покаже дека сака Македонија да ја приближи кон оние партнерски држави, затоа што устата му е полна со Европска Унија, а не посети ниту една земја од Европсакта Унија. Но, поразително е и тоа што претседателот на државата изминативе години не беше посетен од ниту еден светски државник. Тоа покажува за капацитетот на претседателот и покажува за безличноста.

[Извор: ЈуТуб каналот на ВМРО-ДПМНЕ , д-р. Ѓорѓија Сајкоски, датум: 04.04.2024]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Со официјалниот почеток на изборните кампањи почна поставување на реклами билборди, емитување на разни интернет, телевизиски и радиоканали, а тргнаа и политичките митинзи. Таков беше минатонеделниот партиски собир на опозициската ВМРО-ДПМНЕ што се одржа пред Владата. Пред официјалниот почеток на митингот, партијата одржа едночасовна дискусија со пратеници и членови, меѓу кои беа потпретседателите на партијата Александар Николовски и Владо Мисајловски, генералниот секретар д-р. Ѓорѓија Сајкоски, како и Дафина Стојаноска и Драган Ковачки

Во говорите на учесниците на оваа дискусија имаа како пофални зборови за својата кандидатка, Гордана Силјановски Давкова, така и критики за главниот противкандидат, претседателот Стево Пендаровски. Попрецизно, генералниот секретар Сајковски специфично изјави дека Пендаровски дека не само што не бил во друга држава во официјална посета за да „ја приближи кон оние партнерски држави“, туку ниту бил посетен од светски државници, небаре се изолирал од обврските во Вила Водно.

Од сите други изјави на своите соговорници, оваа негова изјава е најочигледно неточна. Според јавно достапните информации на претседателскиот кабинет, доколку ги вброиме посетите и примањата на гости само од претходните 365 дена, значи 5 април 2023 година, можеме да видиме дека претседателот имал 35 средби со државници и други еминентни политичари, функционери итн. Поточно, 21 средба била остварени во републиката – дали во Вила Водно или на друго место – а има четиринаесет индивидуални средби со други лица. Од официјални посети, може да се издвојат посетата на Њујорк за време на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, официјалната посета на Белгија и Чешка, учествувањето на Светскиот економски форум во Давос, како и регионалните посети на Приштина и Тирана

Прво, на следнава листа ќе ги издвоиме лицата кои претседателот ги примил:

  • 12.01.2024 – Премиерот на Ирска – Лeо Варадкар, во официјална посета на РСМ
  • 15.12.2024 – Претседателот на Албанија – Бајрам Бегај
  • 22.11.2023 – Претседателот на Хрватска – Зоран Милановиќ, во рамки на неформалениот состанок на лидерите на НАТО сојузници од регионот
  • 21.11.2023 – Генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, во посета на РСМ во рамки на неговата посета на земјите од Западен Балкан
  • 29.10.2023 – Претседателката на Европската Комисија – Урсула фон дер Лејен, во посета на РСМ
  • 12.10.2023 – Сенаторите од САД – Џин Шахин и Петер Велч, во посета на РСМ
  • 26.09.2023 – Словенечкиот министер за одбрана – Марјан Шарец, во рамки на официјална посета на РСМ
  • 12.09.2023 – Португалската министерка за одбрана – Марија Хелена Кареирас, во рамки на официјална посета на РСМ
  • 04.09.2023 – Претседавач на Воениот комитет на НАТО – адмирал Роб Бауер, во рамки на официјална посета на РСМ 
  • 17.09.2023 – „Вајмарската тројка“ – министерката за Европа на Сојузна Република Германија, Ана Лирман, државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Француската Република, Лорeнс Бун и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк – во рамки на средбата со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ 
  • 16.06.2023 – Црногорскиот претседател – Јаков Милатовиќ, во рамки на учеството на Преспа форум за дијалог 2023
  • 16.06.2023 – Албанскиот претседател – Бајрам Бегај, во рамки на учеството на Преспа форум за дијалог 2023
  • 26.05.2023 – Сенаторот од САД – Крис Марфи
  • 16.05.2023 – Специјалниот пратеник на Владата на Сојузна Република Германија – Мануел Сарацин
  • 02.05.2023 – Mинистерката за европски прашања на Кралството Шведска – Џесика Росвал, во рамки на посета на РСМ 
  • 25.04.2023 – Министерот за национална одбрана на Романија – Ангел Тилвар, во рамки на официјална посета на РСМ 
  • 24.04.2023 – Сојузната министерка за одбрана на Република Австрија – Клаудиа Танер, во рамки на официјална посета на РСМ 
  • 12.04.2023 – Специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт Дипартмент – Џејмс Рубин
  • 05.04.2023 – Премиерот на Хрватска – Андреј Пленковиќ, во рамки на официјална посета на РСМ

Понатаму, листата на лица со кои претседателот се има сретнато во неговите официјални посети и учествување на светски настани:

  • 28.02.2024 – Претседателот на Украина – Володомир Зеленски, во рамки на учеството на самиот Украина – Југоисточна Европа во Тирана
  • 25.01.2023 – Премиерот на Косово – Албин Курти, во рамки на работната посета на Република Косово
  • 25.01.2023 – Претседателката на Косово – Вјоса Османи-Садриу, во рамки на работната посета на Република Косово
  • 17.01.2024 – Претседателот на Ерменија – Вахан Хачатурјан, во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос
  • 16.01.2024 – Претседателот на Латвија – Едгарс Ринкевичс, во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос
  • 22.09.2023 – Претседателот на Јужна Кореа – Јун Сук-Јеол, во деновите на 78. Генерално собрание на Обединетите нации
  • 22.09.2023 – Членови на Стејт Дипартмент – Јури Ким, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија и Џим O’Брајан, раководител на канцеларијата за координација на санкции
  • 20.09.2023 – Потпретседателот на Европската Комисија – Жозеп Борел
  • 19.09.2023 – Претседателот на Кипар – Никос Христодулидис
  • 19.09.2023 – Кралот на Јордан – Абдула Втори
  • 18.09.2023 – Германскиот канцелар – Олаф Шолц
  • 29.08.2023 – Претседателот на Владата на Чешката Република – Петр Фиала, во официјална посета на Чешка
  • 23.05.2023 – Претседателката на Сенатот на белгискиот Парламент – Стефани Д’Ос, во рамки на работната посета на Кралството Белгија
  • 23.05.2023 – Претседателката на Домот на претставниците на белгискиот Парламент – Елијан Тилје
  • 23.05.2023 – Премиерот на Белгија – Александер Де Кро

Настрана што ова е само еден извадок од една година од која се црпи овој примерок, сосема е можно претседателот да бил на гости или примил гости кои не биле во официјална посета или за истото да не било јавно објавено. Но, не може да се негира фактот што централни фигури за иднината на нашата држава како претседателката на ЕК,  Фон дер Лејен, генералниот секретар на НАТО Столтенберг и германскиот канцелар Шолц имале средба со Пендаровски во една или друга средина. 

Според горенаведените објави, може да се оцени како невистина изјавата на генералниот секретар Сајкоски дека актуелниот претседател Пендаровски ниту бил во посета, ни примил „на свој терен“ светски државници. 

 

ИЗВОРИ:

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција