Пендаровски и Рубин разговараа за влијанието на дезинформациите врз демократските процеси

Кабинет на Претседателот на Република Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин.

Како што соопштија од претседателскиот Кабинет, Пендаровски и Рубин разговараа за напорите и начините за справување со дезинформациите и нивното влијание врз развојот на демократските процеси на глобално ниво.

Македонскиот претседател за време на средбата оцени дека дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и поради тоа се една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави. Во таа насока ја нагласил и потребата од постојано вложување во ресурси и вештини за нивно препознавање и разобличување, но и создавање на национални стратегии за опсежен одговор на дезинформациите.

„Претседателот ја истакна посветеноста на Северна Македонија да продолжи активно да работи за јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија, вклучувајќи ја отпорноста на кампањите на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции“, се вели во соопштението на Кабинетот на Претседателот.

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција