Пендаровски оцени дека ЕУ не се согласува самата со себе

Стево Пендаровски фото: Претедател на РСМ/веб страна

 

Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски, се обрати до граѓаните, при што, изјавата што ја издвојуваме, ја оценуваме како вистинита:

За жал, заклучоците на Советот (на ЕУ) не се во согласност со нашите оправдани очекувања и сигурно не се во согласност со претходните најави на самата Унија.

[Извор: Претседател на РМ/веб страна – датум: 18.10.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето до граѓните на РС Македонија од 18.10.2019 во врска со неодлуката на Советот на Европската унија за доделување датум за започнување на пристапни преговори на државата со ЕУ, оцени дека таквата одлука не е во согласност со македонските оправдани очекувања и сигурно не со претходните најави од Унијата, што по проверката оценуваме дека е вистина.

Имено, настрана од позитивните оценки на Европската комисија и нејзните цврсти препораки и во 2018, а особено за позитивна оценка за препорака пред Самитот во јуни 2019 година, Советот на ЕУ тогаш најави дека на проширувањето ќе се наврати во октомври, но притоа за Република Северна Македонија заклучиле дека, практично, досието е чисто и дека државата ги исполнила условите.

Ваквото разбирање на нештата е јасно наведено во тогашниот заклучок на Советот на ЕУ, донесен на 18.07.2019 г.:

Република Северна Македонија

Реафирмирајќи ги своите заклучоци од 26 јуни 2018, Советот силно го поздравува историскиот и бесценет Договор од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија и ја зема сериозно препоракaта од Комисијата за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија, врз основа на позитивната оценка за прогресот постигнат со исполнувањето на условите дефинирани од Советот.

Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на предметот, Советот ќе се врати на прашањето со цел да донесе јасна и суштинска одлука што е можно поскоро и најдоцна до октомври 2019 година.

По ова, поради процедури за прифаќање на проширувањето во одредени земји членки, на пример Германија и Холандија, следеше период во кој ниту една земја формално не приговори на неисполнување на критериумите од страна на официјално Скопје. Дури ни во одлуката на холандскиот Парламент, каде имаше забелешки и противење за Албанија, на пример, но не и за Македонија.

Поради погоре наведените причини, изјавата на Пендаровски во врска со оправданото очекување на земјата и позитивните сигнали што ги испраќаше Унијата, ја оценуваме како вистинита.

 

ИЗВОР:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција