Плашек: Земјите на Балканот се добра мета за Кина и нејзините штетни влијанија

Давид Плашек е водечки аналитичар на Црвената програма на невладината организација Европски вредности од Прага. Тој е докторанд на Карловиот Универзитет во Прага и еден од ретките научници што се бави со проучување на кинеската пропаганда во Европа. Балканот е интересна мета за оваа авторитарна пропаганда

Давид Плашек е водечки аналитичар на Црвената програма на невладината организација Европски вредности од Прага. Тој е докторанд на Карловиот Универзитет во Прага и еден од ретките научници што се бави со проучување на кинеската пропаганда во Европа. Балканот е интересна мета за оваа авторитарна пропаганда

 

Пишува: Горан Лефков

 

Кинеската пропaганда од неодамна започна да се шири во Европа преку неколку сфери на активности. Некаде оди паралелно или ја копира руската пропагандна тактика, на некои места инсталира сопствени модели и методи. Со започнувањето на војната во Украина се зголемува влијанието и потребата на Кина за Балканот. Таа е присутна со инвестиции во инфраструктурата во скоро сите Балкански земји и затоа Вистиномер одлучи да направи интервју со Плашек.

 

Каква е активноста на Кинеската пропаганда во Источна Европа и кои се спецификите на оваа пропаганда во Северна Македонија?

Северна Македонија, како Србија и останатите земји на Балканот, се добра мета на Кина. Тие не се во Европската Унија, но дел се членки на НАТО, па можат да следат што прави НАТО во балканскиот регион.

Кинеската пропаганда е различна во различни земји во Југоисточна Европа, но генерално оваа пропаганда започнува да се шири. Досега руската пропаганда беше толку силна, додека Кина се обидуваше економски да се етаблира. Има многу руски интернет и информативни платформи, но сè уште нема ниту една кинеска платформа или кинески медиум во Југоисточна Европа. Кина учи и се обидува да ја копира руската пропаганда, но е далеку од инсталациите што ги имаат Русите во Европа. Засега, од тоа што можеме да забележиме, има неколку чешки компании кои соработуваат со кинески компании, им дадоа поголеми бизнис, ги проширија и во моментот кога станаа големи, започнаа да ги притискаат да станат нивни инструменти и да ја притискаат чешката влада во исполнување на кинеските интереси. Имаме големи компании како Пи Пи Еф, кои го поминаа овој пат и подоцна започнаа да ја притискаат чешката и другите влади да бидат во служба на кинеските интереси.

 

Колку регионот е изложен на кинеската технологија за видеонабљудување?

Ова прашање зазема сè поголема важност. Баш пред една недела чешката влада им забрани на вработените да ја користат мрежата Тик Ток на телефоните, а, како што знам и приватни компании, исто така, им забраниле на своите вработени да користат Тик Ток на службените телефони.

Како што знаете и Европската комисија го забрани Тик Ток. Чешката Влада пред извесно време користеше технологија и телефони на Хуавеи, но пред некое време уредот за сајбер безбедност на Чешка го забрани Хуавеи како провајдер.

 

Колку се опасни кредитите за изградба на инфраструктурни објекти од Кина? Колкав е степенот на корупција во овие проекти?

Корупцијата е присутна скоро во сите кинески проекти на Балканот. Во нашиот регион, Централна Европа, немаме изградба на инфраструктурни проекти од Кина, но имаме влез на Хуавеи и технолошките компании, секако и кај нас беше присутна корупцијата.

 

Колку кинескиот Универзитет во Будимпешта се користи за ширење на црвената кинеска пропаганда?

Кинеската академска активност во Европа дефинитивно е проблем. Искрено, мислам дека засега нивната пропаганда и не е толку голема. Многу поголем проблем е пристапот до научните активности на кинеските научници на европските универзитети. Има многу голема соработка помеѓу кинески и европски научници и проблемот е што тие кинески научници се плаќани од кинеската влада за да стапат во соработка со европските научници. Конфучие институтите во Чешка, се многу попроблематични, затоа што тие се дел од западните чешки и словачки универзитети, дури и ако се платени од Кина, нивните вработени се граѓани на Кина, кои треба да ги следат кинеските закони. Тие ги користат овие вработени за шпионажа, но и за ширење на пропаганда. Тие, исто така, ги објавуваат кинеските комунистички книги, итн. Овие вработени имаат пристап до базите со податоци на европските универзитети и тие ги преземаат или може да ги хакираат овие бази подоцна. Ова е начин да добијат знаење многу побрзо отколку само да го креираат во Кина, практично да го украдат. Тие можат да ги искористат унгарските универзитети како отворена врата да влезат во европската академска заедница и тоа е веќе проблем.

Ширењето на пропагандата од Универзитетот во Будимпешта за мене е помал проблем од можноста да го искористат овој универзитет за да влезат во европската академска заедница и да го украдат знаењето и достигнувањата на европските универзитети и научници.

 

До каде е кинескиот инфраструктурен проект на „Патот на свилата“?

Војната во Украина го зголемува значењето на Балканот за овој проект. Порано главните железнички линии на овој проект од Кина, преку Русија, минуваа низ Украина. Сега овој потег е прекинат, и на Кинезите многу повеќе им треба врската преку Балканот.

Втор аспект на војната во Украина, е што Кинезите играат улога на посредници во војната во Украина, надевајќи се да земат учество во нејзината реконструкција подоцна.

 

Невладината организација Safeguard Defenders од Шпанија објави дека кинеската влада отворила над 100 илегални полициски станици надвор од Кина. Половина од нив се во Европа. Колку се опасни овие полициски станици на европско тло?

Оваа проблематика ја истражувам подолго време. Само во Германија беа повеќе од 17 полициски станици, 2 беа во Чешка, но имаше низ цела Европа. Во Грција мислам имаше 1-2. Она што е загрижувачки е што овие полициски станици не беа дел од кинеските амбасади во Европа, туку тие беа во седиштата на кинески компании и во куќи на поединци низ цела Европска Унија. Ова ги прекршува сите дипломатски правила. Такви органи и тела, треба да бидат во рамките на амбасадите, а не во приватни куќи и седишта на компании. Има регуларен начин како да се реши тоа. На пример, ако има многу кинески туристи во Италија и кинеската влада е загрижена за нивната безбедност, тие може да побараат од италијанските власти да има заеднички патроли со италијански и кинески полицајци во местата каде што постои ризик да се наруши безбедноста на овие туристи.

Овие полициски станици беа организирани и поставени од кинеските провинции. И првите информации за нивните активности ги добивме од веб-сајтовите на овие провинции. Кога ги откривме, тие прво пишуваа дека полицајци се луѓето што работат во овие станици, подоцна кинеските власти ги прекрстија од полицајци во асистенти и слични имиња за истите луѓе.

Пораката на овие полициски станици е дека иако избегаш од Кина, раката на комунистичката партија е долга и се протега низ целиот свет и дека ќе те најдат, каде и да избегаш. Имаме примери каде овие полицајци им се закануваа на кинески граѓани во западните земји дека доколку не се вратат во Кина, нешто ќе им се случи на нивните блиски во Кина.

Идејата дека странски полициски сили се на твојата територија е зачудувачка, да не речам луда.

Се сеќавам на еден случај во Букурешт, каде туристка од Кина била силувана и некој ѝ ја украл чантата. Таа не го пријавила случајот во романската полиција, туку заминала во кинеската полициска станица во Букурешт. Кинеските полицајци ја зеле некако камерата од продавницата каде ѝ ја украле ташната, го нашле крадецот и успеале да ѝ ја вратат ташната. Тие ова го објавија на кинеските веб-сајтови на кинески јазик. Тие дејствувале илегално во Романија, не ја известиле романската полиција, што е сериозно мешање во суверенитетот на Романија.

Кинеската полициска станица во Прага е затворена пред еден месец. Мораше министерот за надворешни работи да испрати нота до кинескиот амбасадор за да прекинат овие илегални активности на територијата на Чешката република.

 

Колкава е опасноста од странските студенти кои завршиле високо образование во Кина, да бидат користени за ширење на пропагандата на Кинеската комунистичка партија во Европа?

Имаме случаи во нашата пракса дека докторанди на кинеските универзитети добиле стипендии да објават некои незначајни научни трудови. Тие, всушност, со овие трудови ја прикриваат вистинската причина за земањето пари и должничко-доверителскиот однос што е креиран со тоа плаќање. Многу студенти кои ја проучуваат Кина на западните универзитети, исто така, за да бидат добри во својата бранша мора да ја посетат Кина, или да живеат таму. Кога ќе заминат таму или за да заминат таму, тие мора да се самоцензурираат, бидејќи кинеските власти нема да им дозволат да престојуваат во Кина. Од истите студенти може да очекуваме и да се вклучат во кинеската пропагандна машинерија, за да можат да напредуваат во својата професија и научно да се издигнуваат.

Чешкото министерство за надворешни работи издаде и прирачник за студентите кои сакаат да учат во Кина за состојбите таму, посебно за студентите на техничките и информатичките науки.

 

Колкава е улогата на инфлуенсерите што го користат видеоканалот Јутјуб за да ја шират кинеската пропаганда?

Овие се поретки ситуации во Југоисточна Европа. Во Чешка сè уште не сум сретнал некој таков канал, но кинеската пропаганда не е многу присутна на Јутјуб. Во САД има многу такви профили на Јутјуб, каде инфллуенсери, на пример, предаваат кинески јазик и ја шират кинеската пропаганда. Често се плаќани и од кинеската влада. Во Европа, особено во Источна Европа, тоа не е случај. Можеби и поради јазикот кој го зборуваме, односно им треба повеќе време да ги научат словенските јазици за да можат да ги подучуваат граѓаните кај нас на кинески јазик.

Она што се случува во Западна Европа е Кинезите да им плаќаат на познати јутјубери да кажат нешто добро за Кина или да направат некоја емисија за Кина. Тое го имам среќавано во моите проучувања.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција