Политичка и етничка злоупотреба на трагичната смрт на Вања

Една од последните ФБ фотогравии на убиената Вања Ѓорчевска

Јавноста деновиве беше „бомбардирана“ со дезинформации за случајот со тинејџерката Вања Ѓорчевска која на 27 ноември беше киднапирана во сред Скопје, во време на главниот сообраќаен шпиц, додека одела на училиште, а по една недела беше најдена мртва во атарот на скопското село Бразда. Се ширеа невистини и од етнички и политички побуди, сакајќи некој да профитира и од оваа траорна ситуација со убиството на девојчето

Јавноста деновиве беше „бомбардирана“ со дезинформации за случајот со тинејџерката Вања Ѓорчевска, која на 27 ноември беше киднапирана во сред Скопје, во време на главниот сообраќаен шпиц додека одела на училиште, а по една недела беше најдена мртва во атарот на скопското село Бразда. Се ширеа невистини и од етнички и политички побуди, сакајќи некој да профитира и од оваа траорна ситуација со убиството на девојчето

 

 

Трагедијата со киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, за жал, беше повод и за мноштво дезинформации, терори на заговор, па и за политичка злоупотреба на целиот случај, за кој имаше обиди да му се даде и етничка  боја.

 

Од каде Ременски знае како е убиено девојчето?

Капак на сѐ, се чини, беше објавата на поранешната пратеничка и министерка за труд и социјална политика, Фросина Ременки, професор на Факултетот за безбедност. Таа во објава на Фејсбук даде свое видување на трагичниот настан со Вања и притоа напиша:

Вистинскиот предзнак за убиството на Вања е СВИРЕПОСТ – пукано во задушено дете кое требало да биде заложник во изнуда во договор со „таткото”.

Но, Ременски не открива од каде ѝ е оваа информација, во ситуација кога официјалните институции сѐ уште не ја споделија со јавноста точната причина за смртта на девојчето.

Сепак, нејзината објава се виде интересна за повеќе медиуми кои излегоа со наслови како овој:

Ременски за убиената Вања: Таткото прв знаел дека нема да може да се изврши изнудата, Вања била задушена и станала неупотреблив заложник

 

И етнички подбуцнувања на сметка на Вања

Меѓу првите дезинформации кои се проширија беше онаа дека девојчето кое исчезна во понеделникот на 27 ноември рано утрото во Дебар Маало во Скопје, наводно била пронајдена во соседна држава. Невистинитата информација на 29 ноември првично ја објави сајтот Курир и ја споели на социјалните мрежи (а потоа ја презедоа и други портали) со наслов:

НЕОФИЦИЈАЛНО Курир дознава: „Вања е пронајдена во соседна држава“.

Вистиномер веднаш ја дебанкирараше оваа невистина, повикувајќи се на изјава од портпаролот на МВР, Тони Ангеловски кој беше категоричен дека се работи за дезинформација.

Оваа лажна вест, инаку, се прошири од профил со име „Џамија во Подујево“ каде беше објавено дека  девојчето се наоѓа во нивната џамија и дека е здраво и живо.

Лажен профил од каде се ширеа дезинформации за убиеното девојче Вања Ѓорчевска/ скриншот

Во неделата на 3 декември, пред МВР и Јавното обвинителство да излезат со соопштение дека во атарот на скопското село Бразда е „пронајдено безживотното тело на 14-годишната Вања Ѓорчевска“, опасна, етнички обоена и потпалувачка дезинформација ги зовре социјалните мрежи. Претседателот на партијата Македонски концепт, Петар Богојески сподели на социјалните мрежи оти власта се обидува да прикрие убиство, изразувајќи сомнежи дека „осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица“ и прашувајќи „дали се веќе пренесени на Косово?!?“:

 КРАЈНО ВОЗНЕМИРУВАЧКИ ВЕСТИ!!!

Македонци, до нашата партија Македонски Концепт пристигнаа крајно вознемирувачки вести за девојчето Вања!!!

Му даваме 30 минути на обиџуко Oliver Spasovski да ја извести јавноста за последните настани за судбината на девојчето!!!

Комуницирано е со МВР и потрпаролот на МВР, одбиваат да ги демантираат информациите кои ги споделивме со нив!

Дополнително бараме информација дали осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица и дали се веќе пренесени на Косово?!?

Подоцна Богојески напиша уште еден статус , во кој јасно алудира на Вања Ѓорчевска, иако не ја спомна со име:

СЕ ОБИДОА ДА ПРИКРИЈАТ УБИСТВО НА ДЕТЕ!!! Мартин Нешковски 2!

ИТНО ОСТАВКА И АПСЕЊЕ НА ОБИЏУКО.

Овие негови објави испровоцираа лавина коментари, a токму поради ваквите шпекулации МВР и Јавното обвинителство во своето соопштение по овој повод нагласуват дека сите петмина осомничени за убиството се Македонци:

Наспроти шпекулациите и дезинформациите според кои овој случај има етничка заднина, информираме дека сите осомничени се од македонска етничка припадност, пишува во соопштението.

Порталот Еуромапрес, пак, пред  да биде официјално соопштено дека Вања е убиена, исто така сигнализираше оти се шират лажни информации според кои „киднаперот на деца е Сенад Маљоку“. Порталот пишува дека Сенад Маљоку, жител на Франција, кој бил нападнат преку лажниот Фејсбук профил „Фатиме Фатиме Фатиме“.

На овој профил е објавена негова фотографија со натпис „Киднаперот на  деца, се вика Сеанад Маљоку“.  Истата објава ја презедоа и други профили на Фејсбук  кои ја проширија на социјалните мрежи Фејсбук и ТикТок, многумина без никакви аргументи и докази, нанесувајќи штета на самата личност, како и на истрагата и душевна болка на семејството на исчезнатото девојче Вања.

Според Маљоку, со кого контактиравме, неговите пријатели пред три дена го известиле дека неговата фотографија со јавното обвинение за киднапирањето на Вања е објавена на лажниот профил „Фатима Фатима Фатима“. Тој тврди дека ова е голема лага. „Во Франција сум 15 години, за тоа време никогаш не сум бил не само во Македонија, ниту во родното Косово, ниту сум влегол на Балканот, не знам која е мотивацијата на овие чести напади врз мене. Не ми е јасна  причината зошто овој лажен профил често ме напаѓа мене и моите колеги од РТВ Рома каде што сум сопственик. Преку истиот профил често се објавуваа бизарни лажни објави со фотографии од моите колеги…, пишува Еуромапрес.

Колаж од визуелни елементи со лагите против Сенад Маљоку. Фото: eiromapress.com

 

Срамно политичко профитерство

За одбележување е и тоа што лидерот на Македонски концепт, Богојески, во друга објава на Фејсбук напиша дека „убијците на  Вања се ослободени! “, што исто така се покажа како неточно.

УБИЈЦИТЕ НА ВАЊА ГИ ОСЛОБОДИ ОБИЏУКО!!!!

НЕМА ТРОЈЦА УАПСЕНИ, сите пет ги ослободиле! Еден имаат наводно приведен!

Наспроти неговите тврдења, на заедничка прес-конференција МВР и Јавното обвинителство во понеделникот, на 4 декември, ја потврдија информацијата што првично ја кажаа во соопштението од претходниот ден, дека за убиството на Вања се уапсени тројца, дека првоосомничениот Љ.П е во бегство, а дека петтоосомничен е таткото на девојчето. Подоцна, во текот на денот и за него беше одреден притвор, а за Љ.П. беше распишана меѓународна потерница.

Во меѓувреме се прошири и лажната вест дека главниот осомничен  Љ.П. е уапсен во Хрватска, иако оваа вест е стара и е поврзана со сосема друг случај.

 

Се ширеа и дезинформации дека заради Самитот на ОБСЕ се криеле информации за случајот со Вања. Во таа смисла во објави на социјалната мрежа Х пишува:

Знаеа за Вања. Не сакаа да објават да не ја нарушат популарноста на Бујар додека траеше ОБСЕ. Ќе горите во пеколот.

Држава на која и е поважен имиџот пред ОБСЕ, отколку пронаоѓање на дете, не заслужува нит граѓани, нит гласачи. Лесна ти земја Вања.

Една од дезинформациите со која се вели дека имиџот на земјата пред ОБСЕ е поважен од истрагата. Фото: скриншот

Во врска со ваквите обвинувања министерот за внатрешни работи Спасовски  на пресот истакна дека се работи за чисти невистини:

Тоа е апсолутна лага, апсолутна бесмислица, поради тоа што никој, ни јас како човек, ниту кој било во полицијата, ниту Јавното обвинителство не може и нема да дозволи заради ваков случај да се прекине нешто поради одржување на одреден настан. На крајот од краиштата одговорен за организацијата на самиот настан и за безбедноста беше Одделот за заштита на определени личности и објекти, а одговорен за истрагата е СВР Скопје, односно Одделот за крим полиција. Тоа се двата Оддели кои работат – на едниот настан, за одржување на безбедноста и, паралелно, интензивно над 100 полициски службеници работеа интензивно од првиот момент на пријавувањето, па сѐ досега и продолжуваат понатаму .

Освен ова, во јавноста беа пласирани и дезинформации дека тинејџерката била жртва на трговија со органи:

ДАЛИ КИДНАПЕРИТЕ НА СОСЛУШУВАЊЕ ЕДНО КАЖАЛЕ А ОБИЏУКО НА ПРЕС ДРУГО НАС НЕ ЛАЖЕ.

СНИМКИТЕ ОД КАМЕРИТЕ И ОБДУКЦИЈАТА НА ДЕВОЈЧЕТО ПРЕМНОГУ СЕ ОПАСНИ ЗА ОФИЦИЈАЛНИТЕ ЛАГИ ОД ПРЕСОТ НА ОБИЏУКО.

ДЕВОЈЧЕТО Е ЖРТВА НА ТРГОВЦИ СО ОРГАНИ?

Се разбира и дека и ова се покажа како уште една лажна вест во морето дезинформации за тажната судбина на Вања.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција