Поставена е челична конструкцаја за затворениот базен во Ѓорче Петров

Фото: Фејсбук/Александар Наумоски

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на отворен и на затворен базен

[Извор: Изборна програма на Александар Наумоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров, стр.24 ; датум: октомври 2017 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на отворен и на затворен базен на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, е во тек на реализација. Проектот е дел од неговата предизборна програма за локалните избори 2017-2021, насловена како „Живот во Ѓорче Петров! За Сите“.

Во програмата на Наумоски се посочува дека е незамисливо  во населба со 40.000 жители да нема место за рекреација на граѓаните и за тренинзи на спортистите од пливачките спортови.

Незамисливо е во 21 век нашата Општина да нема отворен и затворен базен. Во минатото одевме на езерото Треска, на „Састав“ и на базенот во Сарај за рекреативни и спортски активности, но сега овие места се замрени, запуштени, загадени и оставени на милост и немилост на природата. Ќе се испита можноста за обезбедување соодветна локација и овој капитален проект да се реализира во соработка со Владата. Ќе иницираме изградба на отворен и на затворен базен, во согласност со постојната урбанистичка документација, стои во предизборната програма на Наумоски.

Овој проект го има и во предизборната програма на СДСМ за последните парламентарни избори (2020-2024), насловена како „Можеме“ (стр.152). Инаку, ветувањето за изградба на отворен и затворен базен во Општина Ѓорче Петров беше дел и од  предизборната програма на СДСМ во 2016 година „План за живот“.

На почетокот на оваа година (10.02.2020 г.), во ООУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ во Општина Ѓорче Петров почна да се гради затворен пливачки базен.

На 02.12.2020 година од Општина Ѓорче Петров информираа дека е поставена монтажна челична конструкција на затворениот базен во споменатото основно училиште. Информација за тоа на својот Фејсбук профил објави и градоначалникот Наумоски, кој, меѓу другото, напиша:

И покрај отежнатите услови предизвикани од пандемијата темпото на изградба е задоволително. Се наоѓаме во еден исклучителен важен здравствен период, но исто така важна е и спортската инфраструктура, затоа што по завршување на кризата ќе треба да ги подигнеме спортските стандарди и задравиот начин на живот пред се кај најмладите, напиша Наумоски.

Информација и фотографии  за текот на изградбата на базенот има објавено на веб-страницата на Општината, а истите беа објавени и во дел од медиумите.

Имајќи предвид дека објектот е во фаза на изградба и неодамна е поставена монтажната челична конструкција на затворениот базен, според методологијата на „Вистиномер“,  ова изборно ветување на Наумоски добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција