Произволно се тврди дека новите власти на Нигер го прекинале извозот на ураниум и злато во Франција

Фото: pixabay.com

Проверувачите на факти на Ројтерс пишуваат дека до 2 август, а според нашите проверки и на трети август, кога е пишувана оваа рецензија, не постојат официјални потврдени информации од властите на Нигер, ниту од оние кои го спроведоа пучот врз претседателот на Нигер, за наводно прекинување на извозот на ураниум и злато во Франција

Проверувачите на факти на Ројтерс пишуваат дека до 2 август, а според нашите проверки и на трети август, кога е пишувана оваа рецензија, не постојат официјални потврдени информации од властите на Нигер, ниту од оние кои го спроведоа пучот врз претседателот на Нигер, за наводно прекинување на извозот на ураниум и злато во Франција

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Не знам како ова може да заврши поинаку освен со француска интервенција. Или со интервенција на сојузниците на Франција во регионот.

Се разбира, за слобода, демократија, човекови права и ураниум. Не мора по тој редослед.

Новите власти на Нигер го прекинаа извозот на ураниум и злато во Франција – ТАСС“.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс, до 2 август, а според нашите проверки и на трети август, кога е пишувана оваа рецензија, не постојат официјални потврдени информации од властите на Нигер, ниту од оние кои го спроведоа пучот врз претседателот на Нигер, за наводно прекинување на извозот на ураниум и злато во Франција.

Нигер, Мали и Буркина Фасо немаат објавено запирање на извозот на ураниум и злато и покрај постовите на социјалните мрежи од јули и август коишто сугерираат дека трите држави решиле да престанат да ги снабдуваат Франција и САД со овие добра. На крајот на јули, дел од војската на Нигер изврши пуч врз демократски избраниот претседател Мухамед Базум, со што го прекрши Уставот и ги разреши сите институции во државата. Хунтата на соседните Буркина Фасо, Мали и Гвинеа изразија поддршка за лидерите на пучот. И покрај ваквите тврдења, до 2 август, ниту една од трите држави Буркина Фасо, Мали и Нигер нема официјално објавено планови да престане да извезува ураниум и злато, ниту пак има споменато вакви добра во врска со извоз во Франција и САД, пишуваат проверувачите на факти на Ројтерс.

Нигер е седмиот најголем производител на ураниум во светот,  според Светската нуклеарна асоцијација,  но ниту Буркина Фасо, ниту Мали не ископуваат ураниум во моментот, иако Мали има наоѓалиште на ураниум.

Радиоактивниот метал е најшироко употребувано гориво за нуклеарна енергија. Исто така, се користи во третманите против канцер, за поморски погон и за нуклеарно оружје.

Од Нуклеарната агенција на ЕУ „Еуратом“ за Ројтерс изјавиле дека Нигер е вториот најголем доставувач на природен ураниум во Европската Унија минатата година, но агенцијата не гледа дека има ризик ЕУ да остане без ураниум набрзо, затоа што има доволни залихи дури и кога Нигер би решил да го сопре извозот.

Нигер, исто така, добавува ураниум за САД, но не е меѓу петте први извори што извезуваат ураниум во Америка. Клучните добавувачи на ураниум за САД се Казахстан, Канада, Австралија, Русија и Намибија, според Администрацијата за енергетски информации на САД.

Цената на ураниумот само благо е покачена по пучот во Нигер. Француската компанија за нуклеарна енергија „Орано“, која што оперира со ископи на ураниум во Нигер, на 1 август соопшти дека активностите и оперативноста продолжуват.

Златото се произведува и се извезува од страна на трите држави. Според Светскиот совет за злато, организација за развојот на пазарот на златото, Мали е 11-от најголем производител на злато во 2022 додека Буркина Фасо е 12-та, а Нигер 27-ми.

Статии и Фејсбук објави во кои се тврди дека Нигер престанува извоз на ураниум и злато во Франција, почнаа да се појавуваат во различни медиуми на 31 јули, ама без докази или какви било коментари од локалните власти, пишува Ројтерс.

Би Би Си, исто така, објави статија според која, се споменува можен прекин на извозот, ама фокусирајќи се само на ураниумот, а не на златото. Но, подоцна го поправи текстот со напомена : исфрлена е референца дека хунтата го запрела извозот на ураниум во Франција“.

Оригиналниот напис на Би Би Си беше цитиран од руската новинска агенција ТАСС. Тој текст на ТАСС уште содржи во себе неточна референца, не е обновен и достапен е на сајтот на ТАСС.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека новите власти на Нигер го прекинале извозот на ураниум и злато во Франција.

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција