Пропаганда и црни кампањи се шират преку забавни сајтови и страници на Фејсбук во Бугарија

Image by u_5785qxtfen from Pixabay

Никола Тулечки од Factcheck.bg вели дека бугарски страници на Фејсбук како „Доза среќа“ или „Допри ми ја раката ако ме сакаш“ и слични со чудни имиња кои не изгледаат како да служат за ширење на медиумски содржини всушност споделуваат псевдомедиумски содржини

 

Страници на Фејсбук со забавна содржина во Бугарија се користат за да се соберат огромни заедници на луѓе, на кои потоа им се пласираат пропагандни содржини, наведено е во студијата на Factcheck.bg. Медиапул.бг го пренесува разговорот со Никола Тулечки, кој е член на тимот за проверка на факти и е еден од основачите на бугарското здружение „Податоци за добро“.

„За нас беше неочекувано да ја откриеме оваа практика, која се покажа како доста воспоставена, голема и успешна. Затоа што гледаме колку внимание привлекуваат овие страници преку бројки“, коментира Тулецки.

Тој вели дека бугарски страници на Фејсбук како „Доза среќа“ или „Допри ми ја раката ако ме сакаш“ и слични со чудни имиња кои не изгледаат како да служат за ширење на медиумски содржини всушност споделуваат псевдомедиумски содржини.

Според него, страница на Фејсбук со шеги, со цитати од мудреци или со делови од Библијата или полни со патритски содржини, се креирани за да се собере критична маса на поддржувачи, чија долна граница е десетици илјади, а ги има и со над сто илјади корисници.

„Откако се развива страницата, таа престанува да ја споделува својата оригинална содржина и почнува да споделува вести од некои сомнителни медиуми“, вели овој аналитичар.

Тој тврди дека ваквите страници на Фејсбук се користат за црни кампањи и политички содржини. Де-факто овие страници и нивните создавачи ги лажат своите корисници затоа што им нудат мешани содржини, додава тој.

Никола Тулечки верува дека ова е дел од успехот на хибридните методи за влијание врз бугарското општество, а се потпира на тоа што првично објавените содржини ќе бидат оставени надвор од радарот поради тоа што се банални и секојдневни. Сепак, штом почнат да објавуваат пропаганда, овие страници на Фејсбук ги делат луѓето, создаваат табори и се користат за внатрешнополитичко и надворешно политичко влијание.

Според него, не треба да се заборави и руската пропаганда, која е многу силна во Бугарија и има за цел да ги поткопа темелите на западните вредности – демократија, слободен пазар, фер избори, поделба на власта итн.

Тој додава дека дел од страниците на Фејсбук кои шират вакви содржини се поврзaни и со некои сајтови во Бугарија. Токму нивните содржини се ексклузивна пропагандна содржина насочена кон уништување на политичките противници или на оние кои во моментов се на власт или кои сакаат да дојдат на власт.

Тулецки додава дека од ваквите содржини на нишан се ставени западните вредности, но не и рускиот претседател Владимир Путин.

„Има многу страници кои директно го поддржуваат Путин. Дали оваа содржина е нарачана, не можеме да кажеме, но корисниците добиваат голема збрка од контрадикторни содржини. Секој што се храни со хаос има корист од ова“, вели Тулецки.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција