Ракот не е обична габична инфекција и не се лекува со сода бикарбона

Фото: pixabay.com

Наспроти „чудотворниот лек“ што се шири во овој пост на Фејсбук, не постојат научни докази кои сугерираат дека сода бикарбона може да превенира или лекува карциномни заболувања. Канцерот е сериозна болест, постојат повеќе видови и за сите е предвиден различен медицински третман. Вакви написи за „волшебни намирници“ од кои ракот „исчезнува“ се неетички и може да ги одвратат пациентите од редовните лекарства, прегледи и терапии, а со тоа да предизвикаат штета по здравјето

Наспроти „чудотворниот лек“ што се шири во овој пост на Фејсбук, не постојат научни докази кои сугерираат дека сода бикарбона може да превенира или лекува карциномни заболувања. Канцерот е сериозна болест, постојат повеќе видови и за сите е предвиден различен медицински третман. Вакви написи за „волшебни намирници“ од кои ракот „исчезнува“ се неетички и може да ги одвратат пациентите од редовните лекарства, прегледи и терапии, а со тоа да предизвикаат штета по здравјето

 

 

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук, при што повикувајќи се на изјава на доктор од Италија се тврди дека ракот е обична габична инфекција и се лекува со сода бикарбона. Ова не е точно.

Во текстот пишува:

Обичната сода бикарбона, разматена во чиста вода, нешто што можете сами да го направите дома. Стариот народен лек против многубројните воспалувања и габички гласеше: Три дена по ред наутро и навечер да се пие по една чаша чиста вода во која е растворена една лажица сода бикaрбона. Следните три дена да се пие свежа лимонада без шеќер цел ден, додека организамот не се презасити со витамин Ц и не може да го апсорбира повеќе. Во случај на потреба, целата постапка треба да се повтори.

Ова не е рецепт за лекување на рак, велат лекарите. Ракот не е обична габична инфекција, туку сериозна болест и бара медицински третман.

Содата бикарбона (Натриум бикарбонат) е природна супстанца со различни намени. Во текстот се мисли на нејзиниот алкализирачки ефект т.е намалување на киселоста. Канцерогените клетки се развиваат во кисела средина. Тие кои се поддржувачи на теоријата за лекување преку употреба на сода бикарбона, веруваат дека со внесување на дневна доза од оваа супстанца ќе ја намалат киселоста на вашето тело, што би требало да го спречи растот и ширењето на канцерогените клетки, вели д-р Илчо Ефкоски лекар по медицина на трудот.

Овие лица тврдат дека со јадење алкална храна или пиење алкална вода или раствори, ќе се намали киселоста на телото. За жал, тоа воопшто не е вистина, нашето тело не функционира така. Нашето тело одржува стабилно ниво на pH без оглед на тоа што јадете или пиете ! Досега не постојат научни докази кои сугерираат дека сода бикарбона може да превенира или лекува карциномни заболувања. Важно е да се запамети дека ракот расте и во здраво ткиво со нормални нивоа на pH. Дополнително пак, природно кисели средини, како желудникот на пример, не го поттикнуваат растот на карциномните клетки во истите, посочува Ефкоски во изјава за Вистиномер.

Во текстот, дополнително како лек за рак се препорачуваат и семки од горчливите кајсии, што според лекарите е опасно и може да доведе до труење кај луѓето. Се верува дека витаминот Б17 што го содржат овие кајсии, има антиканцерогени предиспозиции поради неговите антиоксидантски својства. Но, она што треба да се нагласи е дека истиот Б17 е високо токсичен за нашето тело.

 

Зошто се забранува употребата на семките од горчливи кајсии?

Затоа што овој таканаречен витамин Б17 е всушност растителен токсин Амигдалин, кој внесен во нашето тело се претвора во Цијанид кој понатаму предизвикува труење на организмот со симптоми како гадење, главоболка, жед, несоница, анксиозност, болки во зглобовите и мускулите, пад на крвниот притисок, а во поекстремни случаи може да доведе и до фатални последици. Смртоносна доза на Амигдалин за возрасни е проценета на 0,5-3,5 мг/кг телесна тежина, а за да се отстрани од семките, пред употреба е потребно истите да се термички обработени. За наша среќа топлината го разградува овој токсин, оставајќи ги горчливиот вкус и аромата на кајсијата, појаснува д-р Ефкоски.

Доколку се пребара на Гугл ќе се забележи дека токму споменатиот онколог д-р Тулио Симончини е единствениот лекар кој тврди дека ракот лесно се лекува со сода бикарбона.

Тие постови во македонските медиуми се споделуваат од 2016 година наваму.

 

Што е канцер?

Канцер е општо име за група од 100 заболувања. Заедничко за овие болести е тоа што почнуваат со неконтролирано растење на абнормални клетки кои може да ги нападнат другите ткива и органи. Алармантно зголемениот број на дијагностицирани пациенти со канцер зборува за тоа колку е раширен овој здравствен проблем. И покрај тоа што се разликува според потеклото, канцерот е заболување кое може да се излекува доколку навремено се дијагностицира.

Постојат повеќе видови на канцери кои имаат различен медицински третман.

Лекувањето на карциномитe главно зависи од стадиумот во кој се откриени, односно од проширеноста на заболувањето. Постојат неколку модалитети на лекување на малигните заболувања а основните се:

  • Хируршко лекување
  • Хемотерапија
  • Радиотерапија (зрачна терапија)
  • Хормонска терапија
  • Имунотерапија

На официјалниот веб-портал на Министерството за здравство во областа онкологија, има 21 вид на третман за лекување на различните видови канцер.

Третманот за рак може да се менува според некои различни околности на случајот. Видот на рак, фазата во која се развил ракот, други фактори во телото на пациентот и медицинските средства што се нудат во установата за лекување, можат да придонесат во избраниот начин на лекување кај случаите на рак.

Знаеме дека борбата против ракот може да биде најтешкото нешто со коешто некој може да се соочи. Тоа е 24 часовна работа што може да ги исцрпи мозокот и телото. Во текот на ова тешко патување, за успешни резултати потребно е многу упорност и посветеност. При лекувањето на ракот најефикасни решенија се добиваат со примена на мултидисциплинарниот пристап. Од големо значење при дијагностицирањето и лекувањето на ракот е консултацијата меѓу лекарите од различни области и бара нивна блиска тимска соработка, пишува на официјалниот веб портал на здравствената установа Систина.

Во однос на исхраната на болните од канцер, повеќе стручни лекари во 2008 година издадоа брошура, во која децидно е објаснето што треба да консумираат пациентите зависно од видот на канцер. Наспроти постот којшто препорачува сода и горчливи кајсии.

Законите велат дека не смее да се рекламира како лек нешто што не е така регистрирано и дека не смеат да му се даваат нереални својства. Дополнително, намирниците претставени во написот може да предизвикаат штета по здравјето на болните од канцер.

Вакви написи за „волшебни намирници“ од кои ракот „исчезнува“ се неетички и може да ги одвратат пациентите од редовните лекарства, прегледи и терапии, а со тоа да предизвикаат штета по здравјето.

Карциномот е сериозно, тешко заболување, животозагрозувачка болест што бара соодветен медицински третман, редовни прегледи и соодветна терапија. Недозволиво и неетички е со вакви наслови и непотврдени информации да се залажуваат пациентите заболени од канцер.

Оттука постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција