Редовната имунизација на децата не е ,,убивање”

Фото: meta.mk

Наспроти изнесеното во објавата, редовната вакцинација на децата е безбедна, штити од болести и тешки компликации, а вакцините кои се администрираат во земјава се истите што се даваат и во европските држави. Вакцините се многу безбедни, а болестите против кои штитат, се многу опасни. Благодарение на вакцинацијата кај децата, тие се заштитени, а голем број болести се искоренети

Наспроти изнесеното во објавата, редовната вакцинација на децата е безбедна, штити од болести и тешки компликации, а вакцините кои се администрираат во земјава се истите што се даваат и во европските држави. Вакцините се многу безбедни, а болестите против кои штитат, се многу опасни. Благодарение на вакцинацијата кај децата, тие се заштитени, а голем број болести се искоренети

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од известување и пишува:

02.11.2023 
Македонија, мајка од Битола:
 Веројатно гледаш дека се на втора фаза на вакцинација ќе одат на терен, ќе одат по училишта за редовна имунизација, не убиваат во сржта , маваат на децата , тоа ме убива.
 Денес треба да имам средба со директорот на нашето училиште, мора да се огради од ваква интервенција.

Во склоп на објавата се објавува соопштение, односно известување дека деца од основно училиште на 6 ноември годинава треба да бидат во училница во 11 часот наутро заедно со родител и да носат здравствена книшка, затоа што ќе се врши теренска имунизација и вакцинално картонче. Во централното училиште ќе се спроведе теренска имунизација, односно вакцинација на децата од 2 одделение (се повикуваат само деца од список, затоа што тие ја имаат пропуштено вакцината). Во известувањето до училиштето се наведува дека ќе се врши вакцинација против заразно заболување дифтерија, тетанус, пертусис и полио.

Во земјава се спроведува задолжителна активна имунизација на лица на одредена возраст, која се спроведува континуирано во текот на целата година против: акутен вирусен хепатит Б (Hepatitis B), туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Hib), дифтерија (Diphtheria), тетанус (Tetanus), голема кашлица (Pertussis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заразни заушки (Parotitis epidemica), црвенка (Rubeоla), инфекции предизвикани од хуман папилома вируси (HPV), инфекции предизвикани од ротавируси и инфекции предизвикани од Streptococcus pneumoniae за сите лица на одредена возраст согласно Календарот за имунизација.

Имунизацијата е еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и претставува најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот на заразните заболувања. Со вакцинирање се спасуваат 2 до 3 милиони детски животи во светот секоја година, согласно податоците од Светската здравствена организација (СЗО).

Според Министерството за здравство, редовните вакцини се безбедни и ефикасни. Тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести. Со редовната имунизација се развива долгорочна заштита. Целта на редовната имунизација е да помогне во градењето здрав и квалитетен живот. Националниот календар за редовна имунизација ги содржи сите потребни вакцини за заштита. Истиот треба да се следи и да не се пропушта препорачаниот редослед. Пропуштање и одложување на вакцинацијата го зголемува ризикот од инфекција која може да предизвика сериозни последици и хоспитализација. Доколку сепак некоја вакцина е пропуштена, треба да се прими во најскоро време, според календарот за „Примање пропуштена доза вакцина”. Сите информации за вакцината против дифтерија тетанус и пертусис може да ги погледнете овде.

Производител на оваа вакцина е фирмата „Санофи Пастер“ од Франција.

Дифтерија е акутна инфективна болест предизвикана од бактеријата Corynebacterium diphteriae. Бактеријата предизвикува воспаление на носот, грлото и крајниците и покачена температура (клиничка слика на ангина). Во рок од 2 до 3 дена, на крајниците, мекото непце и грлото се формираат синкаво-бели мембрани со различна големина. При кашлање, воспалителните промени можат да се прошират и на гласните жици, а покрај симптомите на грозница, се јавува и засипнатост. Овие мембранозни налепи се цврсто прикачени за ткивото, ги стеснуваат дишните патишта и го загрозуваат дишењето. Токсинот што го создава/излачува оваа бактерија се апсорбира и се шири низ крвта во различни делови од телото и може да доведе до бројни компликации, како воспаление на срцевиот мускул, промени на нервниот систем срцева слабост, промени на нервниот систем, парализа. Овие компликации можат да бидат фатални. Од оваа болест умираат околу 20 проценти од заболените деца помлади од 5 години. Дифтеријата се пренесува преку директен контакт со заразено лице или преку капки што заразеното лице ги исфрла во околината при кашлање и кивање. Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од дифтерија.

Тетанус е акутна и многу смртоносна болест предизвикана од бактеријата clostridium tetani. Инкубацијата трае од неколку дена до неколку месеци, а болеста доведува до силна болка и грчеви низ телото. Болните грчеви во мускулите започнуваат на лицето, потоа го зафаќаат вратот, телото и нозете. Кога се зафатени мускулите на лицето и вратот, детето има проблем и со голтање и дишење.Третманот на тетанус е многу комплексен и се изведува во болнички услови. Бактериите можат да инфицираат повреди на кожата и подлабоки рани и да произведуваат протеин (токсин) што влијае врз нервниот систем и може да доведе до грчеви на мускулите и неможност за дишење. Пред појавата на вакцините, оваа болест беше смртоносна во 80 проценти од случаите. За тетанус нема стекнат имунитет дури и по инфекција. Тетанус е болест што не може да се искорени бидејќи бактериите се присутни секаде во природата. Ги има во почвата и во цревата на животните, а во телото на вашето дете можат да навлезат преку повреди на кожата, каснување од животно или изгореници. Во нашата средина, децата се успешно вакцинирани против оваа болест, па затоа болеста е речиси исчезната. Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од тетанус.

Пертусис (голема кашлица) е многу заразна болест предизвикана од бактеријата bordetella pertussis. Раните симптоми изгледаат како симптомите на настинка. Околу една недела на децата може да им тече носот, да киваат и повремено да имаат лесна треска. Кашлицата се развива постепено, децата можат да имаат напади на кашлање што им го отежнува дишењето. Тие, исто така, можат да испуштат „рапав” звук на крајот од нападите со кашлање, по кои земаат длабок здив. Кашлицата обично е проследена со повраќање и зацрвенување на образите. Нападите на кашлање се влошуваат во текот на следните две недели, стануваат посериозни и позачестени. Можат да бидат исцрпувачки, иако помеѓу нападите децата се чувствуваат добро. Кашлицата може да трае со месеци. Кај бебињата под шестмесечна возраст, големата кашлица често има сериозни компликации, вклучувајќи сериозна пневмонија и апнеи (пократки или подолги застои во дишењето). Најчеста компликација кај малите деца е пневмонијата. Смртта е ретка и може да се случи само кај бебиња со компромитиран имунитет. Децата можат да бидат заразни до 21 ден од почетокот на кашлицата. Болеста се пренесува преку близок личен контакт, на пример при кивање и кашлање. Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од пертусис.

Полиомиелит (Poliomyelitis), познат и како детска парализа е болест на централниот нервен систем предизвикана од инфекција со полиовирус (Poliovirus). По навлегување во телото преку устата, вирусот се размножува во цревата од каде што може да се прошири на нервниот систем и да доведе до мускулна парализа. Во 1988 година, Светската здравствена организација (СЗО) започна иницијатива за искоренување на полиомиелитот. Сепак, и во 2019 поради намалената стапка на вакцинација, низ светот сè уште има случаи на оваа болест. Последниве години се регистрирани случаи на полиомиелит и во Европа, односно во Украина. Кај повеќето заразени деца воопшто нема симптоми или тие се лесни, слични на грип и траат една недела. Едно од 100 заразени деца има вкочанетост на вратот и повраќање како и знаци на менингит, а кај едно од 200 инфицирани деца се случуваат нервни оштетувања и неповратна парализа на мускулите на долните екстремитети. Бидејќи парализата може да влијае на респираторните мускули, 2 до 5 проценти од децата со парализа умираат. Кај возрасните, овој број е поголем и се движи од 15 до 30 проценти. Не постои лек за полиомиелит. Иако во голем број држави нема пријавени случаи на детска парализа, сепак вирусот може да се пренесе од друга земја, при патување. Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од детска парализа.

Вакцините кои се регистрирани во Македонија за заштита од овие болести, се истите што се користат во европските земји. 

Според сајтот на МЗ, безбедно е да се примаат повеќе вакцини истовремено и тоа не го нарушува одбранбениот систем на детето. Секоја вакцина треба да се прими навремено, според календарот на имунизација за да се обезбеди најдобра заштита и имунитет. Пропуштена вакцина или одложена вакцина може да го изложи детето на висок ризик од опасни болести.

Вакцината е многу побезбедна од заболувањето со која било болест. Повеќето деца немаат никакви сериозни проблеми после вакцинацијата. Вакцината, како и секој лек, може да имаат несакани ефекти. Чести несакани ефекти се болка во раката од боцкањето, температура и благо исипување. Многу ретки несакани ефекти се алергиска реакција или грчеви. Несаканите ефекти може да ги пријавите во МАЛМЕД, пишува на сајтот на Министерството за здравство за информации и разбивање митови околу вакцинацијата кај децата.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Редовната имунизација на децата е за нивна заштита од болести, компликации од болести и тешки последици, односно таа претставува една од највисоките придобивки на современата медицина благодарение на која многу болести се искоренети. Со редовната вакцинација во училиштата некој не „мава“ и не ги „убива“ децата, туку станува збор за нивна заштита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција