Реклама за казино претставена како сатанистички ритуал во црква во Украина
Видео во кое се гледаат пејачи, маскирани и нашминкани како ѓаволи, кои пеат на украински, се користи од страна на руската пропаганда за да се дезинформира јавноста дека е снимено во украинска црква и како небаре Украина е сатанистичка и демонска. Но, ова видео не е снимено во црква во Украина, ниту е некако поврзано со религија, како што се тврди во објавата, туку е реклама за казино
Видео во кое се гледаат пејачи, маскирани и нашминкани како ѓаволи, кои пеат на украински, се користи од страна на руската пропаганда за да се дезинформира јавноста дека е снимено во украинска црква и како небаре Украина е сатанистичка и демонска. Но, ова видео не е снимено во црква во Украина, ниту е некако поврзано со религија, како што се тврди во објавата, туку е реклама за казино
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук споделено е видео на кое се гледаат лица маскирани во ѓаволи како играат и пеат, а според објавата, ова наводно е снимено во црква во Украина. Но, тоа не е вистина, видеото нема никаква поврзаност со религија.
Во црква во Украина.. Подршка има ли од северџанија????
Видео во кое се гледаат лица преправени во ѓаволи како пејат на украински се користи од страна на руската пропаганда за да се дезинформира јавноста дека ова е снимено во украинска црква и дека Украина е сатанистичка и демонска. Според објавите во руските пропагандни медиуми, видеото наводно е објавено на 6 јануари односно на Бадник според јулијанскиот календар. Хорот од ѓаволи (актери со маски со рогови на главите) пее на украински за тоа како на Украинците им треба трпение и упорност за да победат.
Но, ова видео не е снимено во црква во Украина, ниту е некако поврзано со религија, како што се тврди во објавата што ја рецензираме.
На видеото што се споделува, може да се забележат симболите на украинската телевизија Канал 24, а часот кој се прикажува е 11:10. Од StopFake ја пребарале архивата на преносите на Канал 24 за 6 јануари во 11 часот попладне и откриле дека програмата „Реалии: Сè е за војната“, била емитувана во тоа време и немало видео со ѓаволи.
Ова видео, кое Русија го искористи за ширење на дезинформации, всушност е реклама за онлајн казино. Станува збор за цел серијал на видеа во кои „ѓаволите“ се појавуваат на различни начини и вакви видеа се објавувани уште од пред неколку месеци. Во оваа ситуација искористено е видеото во кое компанијата на сите им ја честита Новата година. Видеото нема никаква врска со религијата или тамошната православна или било која друга црква, ниту, пак, е официјална честитка за Божиќ од Украинците.
Исто така, важно е да се напомене дека во Украина постои закон за рекламирање, според кој рекламирањето на онлајн казино може да се прикажува само од 23:00 до 06:00 часот. Па, така, емитувањето на вакво видео во етер во 11:00 часот претпладне не е можно, бидејќи тоа би значело кршење на законот.
Со помош на вакви невистини, се зајакнува наративот кој Кремљ долго време го форсира по медиумите и социјалните мрежи, дека Украинците се сатанисти кои без рускиот свет го губат вистинското „канонско“ православие.
Според сите набројани факти заклучуваме дека ова видео не е снимено во црква во Украина, нема врска со религија, туку е реклама за казино. Затоа објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар