Реконструирана главната улица во Пробиштип

Речиси две и пол години по рокот, се уште се вршеа работи на улицата. Фото: Фејсбук страница на општина Пробиштип

 

Проект: Комплетна реконструкција на дел од улицата Јаким Стојковски

Опис на проектот: Со проектот се предвидува поставување нов асфалтен слој, поставување тротоари и енергетски ефикасни светилки. Со реализацијата на проектот, Општината ќе ја подобри патната инфраструктура во вкупна должина од 1.220 метри, со што ќе се овозможи побезбеден транспорт, развој на економијата и подобар квалитет на живеење за сите жители во општината, а пред сè на оние што живеат покрај улицата и на оние што секојдневно поминуваат преку неа. (Средства: 15.000.000 денари, Извор на финансирање: Буџет на Општината, Рок: 2013 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во изборната програма со која на локалните избори во 2013 година ја побара довербата на граѓаните за втор мандат, Тони Тоневски, градоначалнички кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, на 73. страница вети и реконструкција на дел од улицата Јаким Стојковски, која е главната улица во Пробиштип. Истражувањето за ова ветување покажа дека тоа е исполнето, но долго после истекот на рокот – реконструкцијата се развлекува, а и дел не е направена добро, па на крајот на март годинава почнува гребење на асфалтот и преасфалтирање.

Првата најава за реконструкцијата ја најдовме на веб-сајтот на општина Пробиштип, објавена на 25 декември 2013 година, значи непосредно пред истекот на рокот наведен во ветувањето на Тони Тоневски. Во неа се наведува дека во моментот се бара изведувач, а реконструкцијата би почнала во март 2014 година.

Втората информација за активности што ја сретнавме на веб-сајтот на општина Пробиштип од 21 јануари 2014 година, во која се објаснува дека пари се обезбедени со заем од Светска банка, како и што опфаќа под-проектот за реконструкција на улицата Јаким Стојковски, која би траела шест месеци.

Проектот предвидува целосна реконструкција на улицата која опфаќа обновување на постојната асфалтна површина, изработка на тротоари од бехатон плочки, поставување на нови бетонски рабници, решавање на одведување на атмосферската вода преку сливници. Составен дел на проектот е и изработка на потпорни ѕидови, како и хоризонтална и вертикална сигнализација.

Реконструкцијата почнува на 9 мај 2014 година. Притоа градоначалникот Тоневски вели дека реконструкцијата ќе опфати 1.200 метри од улицата, а дознаваме и дека за тоа се предвидени половина милион евра.

Ќе следи целосна реконструкција на тротоарите, ќе се постави нова патна сигнализација, како и енергетски ефикасни светилки, со што општината ќе заштеди електрична енергија, наведе Тоневски.

На 1 октомври 2014 година, телевизијата Ирис известува дека реконструкцијата на улицата Јаким Стојковски, најкрупниот инфраструктурен зафат таа година во општина Пробиштип, е при крај.

Поради изработката на новата верзија на веб-сајтот на Општина Пробиштип и потешкотиите при пребарувањето на старата верзија на сајтот, следните информации што ги најдовме се од Фејсбук-страницата на Општината, односно во галеријата на фотографии. На 22 ноември 2014 година се објавени 10 нови фотографии од асфалтирањето на улицата, што значи дека тоа не е уште завршено, но е при крај.

Во информаторот на општина Пробиштип од март 2015 година, на 3 страница пишува дека „веќе седум месеци се изведува комплетна реконструкција, а зацртаните  работи течат според предвидениот план на активности“. Се известува дека се изградени нови тротоари со нови рабници, улицата е асфалтирана и поставени биле потпорни ѕидови на предвидените места, канделабри, подземна инсталација, а осветлувањето е во функција на потегот од кружниот тек кон населбата Калниште а во другиот, од кружниот тек до раскрсницата кај Општина Пробиштип допрва треба да се постават. Читаме и дека следува поставување урбана опрема.

Со пребарувањето на интернет и на веб-сајтот на општината не успеавме да најдеме информација за свечено предавање на реконструираната улица во употреба.

Потоа на Фејсбук профилот на општина Пробиштип на 28 март 2016 година наоѓаме информација дека изведувачот на работите на улицата „Јаким Стојковски“ ќе мора да го изгребе асфалтот, кој не бил со соодветен квалитет, и ќе мора да постави нов. Во Општинскиот информатор број 38 од 6 мај годинава, на страница 5, во дел од интервјуто на градоначалникот Тоневски дознаваме дека тој асфалт е заменет на трошок на изведувачот, и наместо првичните 4 сантиметри, сега улицата има 7 сантиметарски горен слој од асфалт.

Според утврденото, ветувањето за реконструкција на улицата е исполнето, иако со големо задоцнување и преасфалтирање поради неквалитетот на претходниот асфалт.

 

ИЗВОРИ

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција