Рецензија: Докажано: Македонците се директни потомци на Александар Македонски!

Докажано-Македонците-се-директни-потомци-на-Александар-Македонски-–-think-crop-resize

Новинарите прашуваат, информираат, анализираат – тоа е нивната работа. Но, понекогаш е многу полесно да се препише. Една силно обоена информација, објавена во друг медиум пред две и пол години и дискутабилна по сите основи, овде комплетно се препишува и се пренесува како актуелна.

Реобјавениот текст е субјективно и површно, сензационалистичко четиво што задира во многу чувствителна и сложена историска и политичка  тема. Самата вест е толку бајата и рециклирана толку многу пати, што нејзината информативна вредност е речиси никаква. Од друга страна, темата и натаму има потенцијал да се „преџвакува“ и сервира – а целта да не биде информирањето, туку голата провокација, можеби и манипулација.

Докажано  Македонците се директни потомци на Александар Македонски  – thinkЛинк до оригиналниот напис: Докажано: Македонците се директни потомци на  Александар Македонски! 

Датум и време на објавување: 28.11.2013

Датум на рецензирање: 03.12.2013

Рецензент: Соња Здравеска

Вистинитост:  Написот содржи факти, но од нив авторот изведува заклучоци на многу субјективен и во основа погрешен начин. Во текстот се изнесуваат тврдења чија вистинитост е многу тешко да се утврди. Точно е дека компанијата „Игенеа“ спроведува генеолошки истражувања од кои се извлечени некои статистички наводи поврзани со потеклото на денешните народи. Но, дали ова е доволно за да се заклучи дека модерните Македонци се „директни потомци“ на античките? Можеби е легитимно еден новинар да се обиде да го одговори ова прашање. Тогаш, тоа е голем новинарски предизвик, а за оној што со него ќе се зафати, објективноста и фактите мора да имаат врвно значење. Но, фактите овде се користат само наменски – за да се поткрепи една проблематична и крајно субјективна теза.

Извори на информација: Единствен извор кој се користи е веб-страницата на институтот „Игенеа“, односно објавите на форумот на оваа веб-страница. Иако методите и истражувањата на „Игенеа“ се во најмала рака дискутабилни, авторот го претставува изворот како несоборлив авторитет, а резултатите како утврдена вистина. Написот е едностран, а изворот прилично неактуелен – некои од објавите на форумот на „Игенеа“ на кои се повикува текстот биле стари по неколку години, дури и кога написот оригинално бил објавен. Понатаму, авторот ги бира само форумските објави на „Игенеа“ кои одат во прилог на неговата теза, а не ги вклучува деловите во кои компанијата се оградува од користењето на резултатите од нејзините истражувања за политички цели.

Содржајност: Авторот се потпира исклучиво на истражувањето на „Игенеа„, без воопшто да ги спомне дилемите за научниот кредибилитет на методите што ги користи компанијата. Секако, дури и швајцарскиот институт да беше призната научна институција, овој напис ќе беше несеопфатен, затоа што прашањето на потеклото на еден народ никако не може да се одговори во само еден новинарски текст. Истовремено, порталот што го пренесува ова испушта да наведе дека целиот текст е оригинално објавен на друг медиум, пред цели две и пол години. На дното на истата страница, објавена е уште една тогашна вест со наслов „Денеска се промовира првиот македонско-грчки речник“ , која го наведува читателот на тоа дека се работи за актуелен настан, иако тој се случил на 22 јуни 2011.

Пристрасност: Ова е напис што не е напишан за да информира – тој е комплетен спин, во кој авторот се труди да ги убеди читателите во „докажаната“ исправност на една позиција. Притоа, тој користи бајати информации и полуинформации, од нив изведува произволни заклучоци и ги пакува во сензационалистички пропаганден целофан.

Коментирање: Текстот не содржи коментари, но делови од него се напишани на начин што ги открива субјективните ставови на авторот.

„Интересно е тоа дека наместо за сопственото потекло и историја, грчките државјани на сајтот на “Игенеа” прашуваат за потеклото на, како што не нарекуваат “Славомакедонците”, на што од признатиот швајцарски институт им одговараат: “Тие се Македонци, а не Славомакедонци, како што вие ги нарекувате од политички причини“.

Плагијат: Плагијатот овде е речиси комплетен – написот е препишан сосе придружната вест која јавува за промоција на македонско-грчкиот речник. Никаде не е наведено дека се работи за стара вест, а нема ниту наведен извор. На пренесениот напис стои името на авторот на оригиналниот текст, без да пишува дека тој е првично објавен на друг медиум. Од ова се добива впечаток дека потпишаниот новинар работи за порталот што ја пренесува веста, што не е точно.

Квалитет на насловот: Насловот на овој напис соопштува грандиозна сензација, а текстот не нуди ништо за да ја поткрепи. Згора на сè,  дополнително ја „нашминкал“ веста – го додал зборот „докажано“ во насловот, со што таа уште повеќе го губи допирот со реалноста. Во насловот на пренесената вест е додаден зборот „докажано“, со што таа уште повеќе губи допир со реалноста. Кога некој, врз основа на толку малку докази, тврди дека е најден одговор за едно бескрајно сложено историско/политичко прашање, тоа може да се објасни само со несериозност или со тенденциозност.

Фотографија: Написот е илустриран со графички приказ на резултатите од истражувањето на „Игенеа“, на кој се претставени процентите од генетските трагови на древните племиња во гените на денешните балкански народи. Не е наведен изворот, иако веројатно се работи за илустрација од веб-страницата на институтот „Игенеа“.

Говор на омраза: Написот задира во чувствителните теми на националниот идентитет и историското потекло, а во него се донесуваат заклучоци за кои науката се уште нема дадено конечен збор. Овој текст директно не повикува на дискриминација. Но, објавен во атмосфера на жестоки полемики и подвоеност во македонската јавност околу овие прашања, ваквиот напис може да ги навреди граѓаните кои не веруваат во тезата дека модерните Македонци се директни потомци на античките.

Заклучок: Пренесувањето написи од други медиуми е легитимна новинарска практика. Секако, многу е важен изборот на веста, нејзината актуелност, како и формата во која се пренесува, односно дали е наведен изворот. Ова се прашања со кои понекогаш се соочуваат сите новинари, а многу почесто оние кои работат во интернет медиуми.

Но, кога еден новинар ќе одлучи од збор до збор да препише текст стар две и пол години, без да го наведе изворот и контекстот во кој текстот е објавен, тешко е да се верува дека целта е објективно информирање на јавноста. Веројатно во обид да ја искористи темата за да предизвика провокација и внимание кај читателите, препишувачот овде се одлучил на еден многу неетички потег. Оригиналната вест, која е спротивна на сите основни новинарски правила, била несреќен избор на текст за пренесување.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција