Рецензија: Голема задолженост на општините кои ги раководи СДСМ
Кога во текст што претендира да биде класифициран како аналитички се започнува со коментар, веднаш се наметнува прашањето за неговата објективност, но и онаа на авторот и на медиумот што го пласира. Предметот на оваа рецензија е токму таков новинарски производ, кој е лишен од неколку стандарди и добри практики во новинарството.
Линк до оригиналниот напис: Голема задолженост на општините кои ги раководи СДСМ
Датум и време на објавување: 04.12.2013, 13:40
Датум на рецензирање: 06.12.2013
Рецензент: Теофил Блажевски
Вистинитост: Во текстот има повеќе информации, поткрепени со лоши скенирани документи кои не се доволно јасни, но и со наведување на изворите – т.е. документите од кои се црпени информациите. Проблемот е што така пласираните информации (без линкови или целосно скенирани документи), не се лесно проверливи, па на читателот му останува да верува или да не верува во нивната вердостојност.
Извори на информации: Има официјални и анонимни извори на информации. Тие се и релевантни и нерелевантни, но во секој случај се еднострани. Некои од изворите се контекстуални, некои се ставени вон контекст, колку да се засили впечатокот на насловот и во воведниот коментар.
Содржајност: Анализата што е изведена во текстот е несеопфатна и очигледно е прикривањето на информациите, пред сѐ, во врска со објективните економски параметри при оценувањето на најголем дел од анализираните субјекти.
Пристрасност: Вистината е прикажана само делумно. Објавени се бројки за трошоците и долговите на селективно избрани општини и на дел од нивните јавни претпријатија. Преку таквиот пристап, без никакви други истражувачки прашања, очигледен е обидот за извртување на вистината и за црно-бел приказ за тоа како владее една опозициона политичка партија на локално ниво, при што се прави и неселективна генерализација. Наклонетоста е видлива од насловот, до последниот збор во анализата, а наликува на политичка наклонетост.
Коментирање: Текстот започнува со коментар и завршува со коментар. Помеѓу е вметнато нешто што би требало да биде аналитичка содржина. Коментаторските делови се интегрирани и се среќаваат низ целиот текст.
Оригиналност/Плагијат: Новинарскиот производ што го рецензираме е без наведен автор и со делумно наведени извори, без линк, а во еден дел се повикува и на анонимни експертски извори. Повикувањето на анонимни експертски извори е дозволено во новинарството, но само како исклучок, а не правило и тоа со објаснување зошто е така постапено. Иако е тешко со вакви елементи да се оцени дали е плагијат или оригинал, цениме дека станува збор за оригинално дело, кое на прв поглед наликува на новинарски производ.
Квалитет на насловот: Насловот е сензационален и повеќе дезинформира отколку што информира. Тој, сепак, е соодветен на понудената содржина во анализата.
Говор на омраза: Во текстот нема навредлив говор или говор на омраза. Сепак, тој е преполн со дискредитација и дискриминација која наликува дека е со политичка позадина, а пораката од анализата до читателите е јасна и би можела да се синтетизира во следнава реченица: не треба да се гласа за одредена политичка партија (СДСМ) на локално ниво, зашто тие прават само трошоци и долгови.
Заклучок: Текстот формално припаѓа на поджанрот анализа, но авторот испуштил повеќе елементи кои според стандардите треба да ги содржи овој вид, а, пред сѐ, неизбалансираноста и неадекватното прикажување на бројки во врска со јавните приходи и расходи на субјектите кои се предмет на анализата. Ќе земеме само еден пример за да го поткрепиме кажаното.
.. општина Струмица има свои долгови кон други доверители и побарувачи во износ од речиси 2,3 милиони евра кои сеуште ги нема исплатено. Овие информации се добиени од кварталниот извештај до 30.09.2013 година доставен до Советот на општината.Вкупниот долг на општина Струмица и општинските јавни претпријатија надминува 4,5 милиони евра...
Вака наведена реченица во текст, што претендира да биде аналитичен за буџетот на една општина, е најблаго речено непрофесионален приод. Наместо тоа би било доволно авторот да ги прикаже барем вкупните приходи и вкупните расходи на посочената општина за дадениот период и дали има и колкав е дефицитот на општината. Зашто, ако се прикажува вкупниот долг, заедно со долговите на јавните претпријатија, тогаш треба да се прикажат и вкупните побарувања и да се направи анализа на наплатливоста на тие побарувања на истите јавни претпријатија.
Дотолку повеќе што буџетот на Општина Струмица, на пример, е околу 18 милиони евра (за 2013 година), при што приходната и расходната страна е речиси изедначена, па во тој случај не може да се зборува за „критична“ или „катастрофална“ состојба.
Тоа важи и за општина Куманово. Оваа општина во 2012 година, спаѓала во една од петте општини во Македонија со најголем приход. Притоа, трошоците на општината за наведениот период биле за нијанса помали од приходите, па оттука не може да се констатира дека состојбата е катастрофална или лоша.
Истото важи и за наведување на долговите на јавните претпријатија. Не може да се претендира на аналитичност ако се наведе на пример само долгот на ЈП Водовод во Куманово од 300 милиони денари, а да не се наведат побарувањата од над 200 милиони денари, од кои голем дел, според тврдењето на директорот на ова претпријатие, се од т.н. буџетски корисници, т.е. побарувања кои треба да се исплатат од владините министерства и други централни институции.
Проблем во анализата е и целосната генерализација на состојбите. Не може да се споредуваат „баби и жаби“. Секоја општина има свои специфики – од големината на општината, преку економските параметри, до состојбите во регионот кон кој припаѓа. Проблемите во Куманово или Струмица се едни и неспоредливи со проблемите во Ново Село или Дебарца, на пример.
И уште нешто. Анализата е поджанр на коментарот, но, тоа не значи дека коментаторските делови можат да бидат интегрирани со анализата и уште повеќе, анализата да започнува со коментар. Анализата што е предмет на рецензија е токму таков пример и кога ќе се соберат сите нејзини недостатоци, споредено со дел од податоците кои послужиле како инпут во анализата, доаѓаме до заклучок дека станува збор за нестандарден и многу субјективен новинарски продукт.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар