Рецензија: Кежаровски е осуден според Законот за заштита на сведоци предложен и изгласан од СДСМ

Кежаровски е осуден според Законот за заштита на сведоци предложен и изгласан од СДСМ-crop-resize

Модерна форма на „новинарско истражување“ каде што се прави класична манипулација со фактите и замена на тези, при што, авторот од лисјата што се обидува да ни ги открие, не успеал да ја види шумата. Или не сакал!

Текстот, поткрепен со извод за гласање од Собранието на Република Македонија од 2005 година, кога се носел Законот за заштитени сведоци,  треба да не убеди дека не е важно дали осудениот новинар бил виновен или не, дали правилно се водела постапката, дали се утврдиле фактите, зошто толку долго траел притворот, туку најважно е дека е осуден според закон кој бил донесен во времето кога СДСМ бил на власт. За споредба, во американските медиуми нема да најдете обвинување против тие кои го донеле Уставот или законот, кој се применува таков каков што е со децении, туку, оправдано, целиот гнев се насочува кон тој што го (зло) употребува законот за други цели, кои не секогаш се поврзани со владеење на правото. Текстот ги обвинува социјалдемократите дека не направиле измени на законот на време во делот на казните, но во ниту една реченица не се потрудил барем реторички да праша, зошто тие кои го наследиле спроведувањето на законот од 2006 (законот стапи на сила на 1 јануари 2006) не увиделе дека законот има „сериозни фалинки“, па оттаму и да предложеле измени во овие 7 години. На медиумите им е дадено легитимно право да иницираат прашања кои засегаат одредени целни групи, да анализираат, да истражуваат, но не и да ги бијат политичките битки. Така, ризикуваат да бидат етикетирани дека ја изгубиле функцијата на медиум. 

“Во 2005 година донесени се измените во Законот за заштита на сведоци. СДСМ тогаш имал можност да направи измени во законот, но социјалдемократите не го направиле тоа”.

Кежаровски е осуден според Законот за заштита на сведоци предложен и изгласан од СДСМЛинк до оригиналниот напис: Кежаровски е осуден според Законот за заштита на сведоци предложен и изгласан од СДСМ

Датум и време на објавување: 06. 11. 2013 14:01

Датум на рецензирање: 09. 11. 2013

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост:  Во текстот се користат одредени факти, дека е донесен закон и кој гласал, но тие се вметнуваат како поткрепа на обвинувањата дека СДСМ е виновен што е осуден новинарот, бидејќи тоа е сторено врз основа на одредбите на законот во 2005 година.  Затоа, гледано во целост, овој текст има сериозен проблем со пласирање на вистината, која не може и не смее да биде параван за затскривање на манипулациите.

Извори на информации: Нема  извори, нема соговорници, туку се користи извод за гласање од собраниска седница за да се илустрира тврдењето изнесено уште во насловот и да се повикуваат поединци зошто гласале така, без да се направи напор да се побара барем изјава од било кој што е заокружен на изводот од гласањето, даден во прилог. 

Содржајност:  Текст, чија содржина е проблематична од наслов до крај, од сите аспекти на кои е обврзан новинарот, според правилта на новинарството утврдени во Кодексот. Бидејќи нема автор, и не е обележан како коментар, за да може да се говори за изнесено лично мислење, ова е пример на текст чија содржина, нема ниту еден елемент што треба да го содржи основна новинарска информација.

Пристрасност: Апсолутна пристрасност, каде што преовладува дури и брутален обид да се обвини некој и за „ланскиот снег“, без да се води сметка за професионалните и етички правила, кои налагаат да се праша и другата страна за коментар и најважно да се води сметка за пресумпцијата на невиност. За авторов/авториве на текстот нема ништо спорно во пресудата за новинарот (тие ја утврдиле и запечатиле вината), туку проблематичен е само делот на законот кој го донеле властите во 2005 година. Но, ваквиот пристап на пристрасност не ги спречувал авторите да прашаат дали некој сега би иницирал законски измени за да не се повтори некој друг да биде осуден „според законот на СДСМ“, а со тоа да го наруши имиџот на земјата.

Коментирање: Текстот почнува со коментар и завршува со коментирање. Но, како жанр, оваа содржина не е коментар, нема автор, па ни се нуди како материјал што треба да не информира. Можеби овој пример треба да биде поттик во иднина новинарите ако имаат што да кажат, тоа да го кажат во свое име, како коментар, а да не се затскриваат зад наводни информации, кои во целост се спротивни на професионалните и етички правила во новинарството.

Оригиналност/Плагијат: Оригинална идеја, која не е препорачлива да се копира и репродуцира.

Квалитет на насловот: Манипулативен и несодржински.

Фотографија: Користени документи како илустрација на содржината на текстот, која е соодветна на тезите пласини во текстот.

Говор на омраза: Неаргументиран, селективен напад насочен кон одредена група, во случајов пратеници, посочени со име и презиме, на кои не им  е дадена можност за одбрана. 

Заклучок: Лош пример за одбрана на неодбранливото. Дури и во случаи кога медиумот, под наводната форма на истражување, сака да нападне некого, основна работа е да му даде простор и да се одбрани. Во овој случај единствената позитивна страна можеше да биде новинарскиот обид да добијат барем една  изјава од било кого од посочените за да ја оправдаат улогата дека информираат. Вака, оваа форма е класичен политички памфлет, својствен за политичари од наш ков, кои секој ден меѓу себе се обвинуваат и си бараат одговори за тоа кој за што е виновен, но не смее медиумите да бидат пренесувачи на овие содржини. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција