Рецензија: Руската црква е незадоволна од комуникацијата меѓу МПЦ и СПЦ

012112014-Ruski-vetar-vo-Dn-crop-resize

Во преамбулата на Кодексот на новинарите, меѓу другото, се вели:

„Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите.”

Оттаму, секој новинар има обврска да ги пренесува вестите сеопфатно и во вистинскиот контекст за да не се доведе во ситуација, со знаење или ненамерно, да објави информации кои не ја отсликуваат реалноста или фактите.

За жал, една ваква ситуација имаме во новинарската анализа што ја рецензираме тука која уште еднаш извлекува тези кои не постојат и кои не биле така изложени на средбата Иванов-г.г. Кирил, Патријарх на Руската православна црква (РПЦ) и тоа предизвикува погрешни заклучоци кај јавноста.

Во целата анализа, која се потпира единствено на мислењето на Епископот Хераклејски на МПЦ, Климент, клучната порака на рускиот патријарх Кирил, објавена и на официјалните веб страници на  патријаршијата на руски и на англиски се става во втор план, а таа е сосема јасна:

„…регулирањето на тој проблем (канонското признавање на МПЦ, м/з.) е од висока важност, и тоа треба да се направи преку братски дијалог со СПЦ.”

Оваа анализа го пренасочува вниманието на небитни и протоколарни работи и се изведуваат заклучоци кои дел од јавноста во земјава ги посакува, а не се реални. На пример: Кој би одбил молба на запалениот манастир Трескавец да му се подарат книги? Се разбира дека московскиот патријарх нема да ја одбие таа молба, но тоа не е знак дека РПЦ презема којзнае каква улога во решавањето на статусот на МПЦ.

012112014-Ruski-vetar-vo-DnЛинк до оригиналниот напис: Руската црква е незадоволна од комуникацијата меѓу МПЦ и СПЦ

Датум и време на објавување: 10.02.2014, 16:50

Датум на рецензирање: 11.02.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: За да ги разгледаме аспектите на вистинитост на новинарската сторија што ја рецензираме, ќе ни дозволите да тргнеме од одговорот на прашањето што е вистина, а што се фактите? Една од разликите меѓу нив е што вистини може да има повеќе, што зависи од оној што ги чита фактите, а фактите, пак, се – единствени. Тие се неменливи и колку и да сака некој да ги прикаже од свој агол, тие ќе ја отсликуваат вистината само на тој што ги толкува.

На пример: Во нашиот случај, можеме да прифатиме дека статусот на МПЦ од нејзина позиција, од позицијата на МПЦ-ОА, има една вистина. Со аргументите и толкувањата на оние што ја застапуваат, позицијата и вистината на МПЦ-ОА. Според таа логика, и Српската православна црква може да полага право на своја вистина во спорот на МПЦ-ОА – СПЦ.

Во ситуации кога имаме повеќе вистини, многу е важно која од тие вистини е поблиску до фактите, а не до емоциите или нерационалните позиции кои двете вистини секогаш ќе ги држат далеку една од друга.

Во случајот на приближувањето на двете вистини, онаа на МПЦ-ОА и онаа на СПЦ, патријархот руски вели дека „…регулирањето на тој проблем (канонскиот статус на МПЦ, н.з.) е од висока важност, и тоа треба да се направи преку братски дијалог со СПЦ”.

Значи, не е спорно дека МПЦ-ОА треба да добие канонски статус, но таа своја вистина треба да ја оствари преку фактот – братски дијалог со СПЦ. Сѐ друго во средбата Иванов-Патријарх Кирил е протокол и црковна дипломатија.

Проблеми со фактите има и воведот на анализата што ја рецензираме. Еве што се вели во него:

„Руската православна црква очигледно не е задоволна од степенот на комуникацијата што постои меѓу МПЦ и СПЦ за решавањето на меѓуцрковниот спор и не сака да стои настрана од него. Ставот што рускиот патријарх Кирил го искажал на средбата со нашиот претседател Ѓорге Иванов недвосмислено укажува дека има поместување кај руските позиции, оцени вчера епископот хераклејски на МПЦ-ОА, Климент.”

Тоа, за жал, не одговара на фактите. Прво, никаде во соопштението од кабинетот на рускиот патријарх не се споменуваат термините “не е задоволна”, ниту, пак, „незадоволство”, а второ, многу поважно, нема поместување кај руските позиции. Тие се искажани и за време на оваа средба во делот од соопштението што веќе го цитиравме, дека канонскиот статус на МПЦ-ОА треба да се направи преку братски дијалог со СПЦ. Тоа отсекогаш е позиција на РПЦ.

Оттаму, во оваа анализа во прашање е доведен вториот став од членот 1 од Кодексот на новинарите кој гласи:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.“

Во оваа анализа, новинарот или соговорникот, или обајцата, ја игнорираат клучната реченица во пораката на рускиот патријарх.

Извори на информации: Целата оваа анализа од која се извлекуваат заклучоци кои, како што гледаме, не одговараат целосно на фактите и се формираат само врз основа на толкувањето на Епископот Хераклејски г. Климент. Тое не е доволно за да се добие целосната слика за едно вакво сложено и деликатно прашање.

Ги нема ниту вообичаените „добри познавачи“ на црковните прилики.

Содржајност: Во делот на сеопфатноста, во анализата што ја рецензираме има еден дел што го привлече нашето внимание, но и таа информација е поттурната и и’ е дадена второстепена важност. Тоа е следната реченица:

„Според сознанијата, проблемот со Јован Вранишкоски бил спомнат на средбата на македонскиот претседател со рускиот патријарх, но тој немал третман како непремостлива пречка за нов импулс во дијалогот.”

Авторот на анализата вели „според сознанијата…“, но не наведува ништо поконкретно: според сознанија на кого и од кого. Доколку е ова точно, медиумот што ја објавува оваа информација, по природата на нештата има ексклузива, а не го нагласува тоа. Зошто?

Ова го велиме зашто непризнаената Православна охридска архиепископија и нејзиниот архиепикопот Јован (Вранишковски), во процесите на решавањето на статусот на МПЦ-ОА, нема да бидат без улога. И тоа е факт кој некому може да не му се допаѓа заради сопствената верзија на вистината, но секој новинар кој повеќе години ги следи овие собитија, едноставно, многу добро го знае тоа и не може туку така да го спомне без да му даде соодветен контекст.

Пристрасност: Она што е најчеста карактеристика кога се во прашање новинарските текстови поврзани со нерешениот статус на МПЦ-ОА, е нивната пристрасност. Речиси по правило нема независни експерти кои имаат поинакво мислење за оваа тема, по правило сите изјави и црковни лица од другите православни цркви се напаѓаат и се неприфатливи.

Тоа не е одлика на едно објективно и избалансирано новинарство. Какви и да се фактите и соодветната вистина на нив, треба да се објавуваат и оние информации или мислења кои застапуваат други позиции, колку и да се тие деликатни и да не им се допаѓаат некому. Тоа е непристрасно новинарство.

Квалитет на насловот: Има еден технички, не толку битен проблем во врска со насловот на оваа анализа. Ние го анализираме текстот објавен на електронското издание на медиумот, а таму во најавата на содржините на сајтот стои насловот „Руски ветар дувна во македонските црковни едра“, а на местото каде што е објавен текстот, тој е озаглавен со „Руската црква е незадоволна од комуникацијата меѓу МПЦ и СПЦ“. Треба да се внимава зашто оваа разлика може да прави проблем во архивирањето и пребарувањето на текстот подоцна.

Заклучок: Во завршницата на оваа рецензија ќе парафразираме еден слоган за кој се надеваме авторите нема да ни замерат зашто ќе го искористиме во соодветен контекст: „Цело е кога има сѐ“. Така е и во новинарството. Кога новинарите игнорираат, застапуваат една страна во случаи кога тоа не е оправдано, кога се пристрасни, кога не им даваат глас на сите што се битни за една сторија, новинарскиот продукт не е цел(осен).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција