Рецензија: Странските инвеститори со меморандум за соработка ќе ја подобруваат бизнис климата во земјата

Странските инвеститори со меморандум за соработка-crop-resize

Написот насловен како „Странските инвеститори со меморандум за соработка ќе ја подобруваат бизнис климата во земјата“, всушност, претставува еден екстензивен извештај од протоколарен настан во Стопанската комора. Основниот проблем  со текстот е што е фокусиран само на протоколот и воопшто не ја пренесува  главната поента од настанот:

„Агенцијата за странски инвестиции ќе иницира изработка на нов извештај од независна ревизорска куќа, бидејќи се незадоволни од укажувањата во извештајот направен од страна на Државнииот завод за ревизија“ 

Што, пак, можеше да се види во дел од медиумите, а во некои тоа беше вест број еден во дневникот.

Странските инвеститори со меморандум за соработка ќе ја подобруваат бизнис климата во земјаваЛинк до оригиналниот напис: Странските инвеститори со меморандум за соработка ќе ја подобруваат бизнис климата во земјата

Датум и време на објавување: 13.01.2014

Датум на рецензирање: 14.01.2014

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Написот се потпира на изјавите на официјални претставници

Во „Инвестирај во Македонија“ се формираше посебен сектор за грижа на инвеститорите (after care), во чии рамки е опфатена целокупната база на податоци за сите странски инвеститори кои во моментот се присутни во земјава и таа база на податоци редовно се ажурира. Целта на овој сектор е со своето работење да придонесе за успешна работа на странските инвеститори….“    (Висар Фида)

„Нашата цел е да бидеме веродостоен партнер со државата и да даваме информации за влијанието кое што законите и нивната имплементација ја имаат врз странските компании во Македонија, но и врз домашните компании. Една од целите е да се заврши „Белата книга“ која ќе биде презентирана годинава…“ (Хуан Педро Иманез Наваро)

и тие се точно пренесени (истите беа објавени речиси во сите медиуми)

Извори на информации: Извор на иформации е прес-конференцијата на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора.

Содржајност:  Во извештајот  е даден простор на двајцата потписници на Меморандумот за соработка, директорот на Агенцијата за  инвестиции и промоција на извозот (Висар Фида) и новиот претседател на Советот на странски инвеститори (Хуан Педро Иманез Наваро). Во раскажителна форма е пренесена и изјавата на директорот на „Џонсон Мети Македонија“ (кој е и потпретседател на Советот на странски инвеститори). Но, во овој материјал, кој е прилично опширен за настан од ваков тип, недостига делот од изјавата на директорот Фида: „Агенцијата ќе ангажира независна ревизорска куќа“.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е со авторски потпис и фотографија од авторот.

Квалитет на насловот: Насловот е долг и неинвентивен.

Фотографија: Извештајот е илустриран со фотографија од прес-конференција во Стопанската комора.

Заклучок: Независно дали се работи за невнимание, лоша проценка од неискуство, или непознавање на темата, направен е пропуст и во јавноста не е соопштена најважната работа кажана на пресот. Иако тоа веројатно не било дел од  „тематската прес-конференција“, туку одговор на новинарско прашање.

Минатата недела медиумите, вклучувајќи го и порталот, го објавија Извештајот на Државниот завод за ревизија, според кој:

„Не постои целосна евиденција кој странски инвеститор како ја троши државната помош, нема попис на побарувањата од економските промотери, ниту пак има докази за вредноста на маркетинг кампањите. Ваквата состојба,  доведува до ненаменско трошење на буџетските средства, но и злоупотреба на позицијата на инветситорите и поттикнување на нелојална конкуренција“

Токму поради тоа, изјавата на Фида (фрагментот што недостасува во текстот) е многу битна. И во написот што го рецензираме треба да избие во преден план, а потпишувањето на Меморандумот за соработка да се спомене само попатно, чисто информативно. Како што беше во прилогот објавен на една телевизија со национална концесија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција