Родилиштето во Мариупол е навистина бомбардирано додека внатре имало бремени жени

Фото: Принтскрин видео

На 9 март беше бомбардирано породилиштето во Мариупол, а  како што покажува и снимката на „Асошиејтед Прес“ снимена непосредно по бомбардирањето,  внатре имало бремени жени. Во видеото  има изјава од Володимир Никулин, шеф на полицијата во Доњецк, кој вели: „денеска руските окупатори извршија тежок злочин и воено злосторство без никакво оправдание“. Новинарите на „Асошиејтед Прес“ кои известувале од Мариупол уште од почетокот на инвазијата на Русија врз Украина, го документираа нападот и лично ги виделе и жртвите и оштетувањата од бомбардирањето на болницата. Тие снимиле и видео и фотографии од неколку раскрвавени бремени мајки, додека медицинскиот персонал врискал и децата плачеле

На 9 март беше бомбардирано породилиштето во Мариупол, а  како што покажува и снимката на „Асошиејтед Прес“ снимена непосредно по бомбардирањето,  внатре имало бремени жени. Во видеото  има изјава од Володимир Никулин, шеф на полицијата во Доњецк, кој вели: „денеска руските окупатори извршија тежок злочин и воено злосторство без никакво оправдание“. Новинарите на „Асошиејтед Прес“ кои известувале од Мариупол уште од почетокот на инвазијата на Русија врз Украина, го документираа нападот и лично ги виделе и жртвите и оштетувањата од бомбардирањето на болницата. Тие снимиле и видео и фотографии од неколку раскрвавени бремени мајки, додека медицинскиот персонал врискал и децата плачеле

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, а кој се однесува на бомбардирањето на болницата во Мариупол, односно на породилиштето во овој град во југоисточна Украина. Постот и самиот напис линкуван во него се исклучително вирални, со повеќе од 115 споделувања, над 530 допаѓања и повеќе од 65 коментари.

Што се тврди во овој манипулативен текст?

На почетокот на наpисот се вели:

Украинските власти објавија уште една монструозна лажна вест – овој пат руските вооружени сили се обвинети за воздушен напад врз породилиштето во Мариупол. Породилиштето одамна го испразнија неонацисти од баталјонот „Азов“, а во него немаше трудници. – пишува Спутник. Во средата вечерта, на 9 март, украинските медиуми објавија снимка од уништувањето по наводниот напад на воздухопловните сили врз родилиштето и детската болница во Мариупол. После тоа се огласи и претседателот на Украина, Владимир Зеленски, кој ја обвини Русија за воздушен напад.

Во целиот напис се цитирани проруски извори коишто го негираат бомбардирањето на болницата во Мариупол. Прв таков цитиран извор е првиот заменик-постојан претставник на Русија во ОН, Дмитриј Полјански кој кажал дека „радикалите ја претвориле болницата во воен објект и дека е загрижувачки што ОН ја шират таа информација без проверка“.

Полјански го цитирал обраќањето на постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, кој на седницата на Советот за безбедност на ОН на 7 март рекол дека, „според жителите на Мариупол, вооружените сили на Украина го протерале целиот персонал од породилиштето”.

Потоа во написот се цитираат руски и украински канали на Телеграм:

Авторот на каналот „Војна против лажните вести“ (Војна со лажните) наведува дека породилиштето не работи од почетокот на руската специјална операција во Украина и дека лекарите биле растерани од милитанти на националистичкиот полк забранет во Русија – „ Азов“, се вели во текстот што го рецензираме.

Исто така се цитира неименуван син на еден од вработените во породилиштето кој во интервју за „Лента.ру“ изјавил дека „на крајот на февруари во родилиштето каде што работи мајка му дошле луѓе во униформи, дисперзиран персонал и опремени позиции во зградата“ и дека оваа информација наводно ја потврдуваат и снимки од породилиштето по гранатирањето, од украински Телеграм канали.

Се цитира и канал на Телеграм „Неофицијален Безсонов“ (Neofficialny Bezsonov) кој тврди дека  „на почетокот на руската воена операција во Украина, родилиштето во Мариупол беше окупирано од две компании на 36-та поморска бригада“.

Во текстот е цитиран и Телеграм канал „Сигнал“  кој „открил дека девојката фотографирана под урнатините на породилиштето во Мариупол личи на моделот и популарна блогерка за убавина Маријана Подгурска“. Според неименувани аналитичари, таа „навистина била бремена, но не можела да легне во родилиштето кое неодамна било окупирано од неонацистите Азов”. 

Девојките и дадоа работи, се нашминкаа и ја донесоа пред камерите, пишува во написот што го рецензираме.

Потоа се цитира телеграмски канал „Војна против лажните вести“ со тврдење дека фотографиите на кои се гледаат жртвите од наводниот напад (како што се нарекуваат во текстот) биле објавени на интернет многу подоцна од веста за настанот, а масовното споделување на фотографии на социјалните мрежи е дел од антируската кампања.

Се цитира директор на Центарот за евроазиски истражувања Владимир Корнилов, според кој од првиот ден на руската специјална операција, тимот на Зеленски произведува и дистрибуира лажни вести со постојана поддршка на западот – од британскиот премиер (Борис) Џонсон до некои левичарски медиуми.

Интересно е што неколку часа пред нападот на родилиштето во Мариупол, Зеленски лично изјави дека во градот нема вода и струја, а дека сите медицински установи се затворени и евакуирани. Сепак, однапред се знаеше дека штабот на украинскиот национален баталјон е распореден во породилиштето, вели Корнилов кој се надева дека кога руските трупи ќе го ослободат Мариупол, ќе се направат неколку интервјуа со учесниците на „фотосесијата“ во породилиштето и дека светот ќе ја дознае вистината.

Текстот завршува со коментар на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, според кој зградата долго време била база на ултрарадикален баталјон и рекол дека таму нема пациенти и персонал.

 

Дали породилиштето во Мариупол беше бомбардирано, кога и од кого?

На 9 март 2022 година, породилиштето во Мариупол беше бомбардирано. За време на бомбардирањето, внатре имало бремени жени, како што покажува и снимката на „Асошиејтед Прес“ снимена непосредно потоа. Една од тие жени на видеото е бремена и крвари од стомакот додека ја изнесуваат на носилки. Во видеото на 1 минута и 20 секунда, има изјава од Володимир Никулин, шеф на полицијата во Доњецк, кој вели дека „денеска руските окупатори извршија тежок злочин и воено злосторство без никакво оправдание“

Новинари на „Асошиејтед Прес“ кои известувале од Мариупол уште од почетокот на инвазијата на Русија врз Украина, го документираа нападот и како што се објаснува на следниот линк, лично ги виделе и жртвите и оштетувањата од бомбардирањето на болницата. Тие снимиле и видео и фотографии од неколку раскрвавени бремени мајки, додека медицинскиот персонал врискал и децата плачеле.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски рече дека нападот во Мариупол заробил деца под урантините.

Детска болница, породилиште. Каква закана беа тие за Руската Федерација? Каква земја е Руската Федерација, ако е исплашена од болници, породилишта и ги уништува?, праша тој.

Светската здравствена организација потврди 18 напади на здравствени установи откако почна инвазијата, а во нив починале 19 луѓе. Не е јасно дали во нив е вбројано и породилиштето во Мариупол.

Дали блогерката навистина лежела во бомбардираното родилиште?

Додека проруските Телеграм канали ја обвинуваа дека е актерка и дека не е можно да била во породилиштето во Мариупол, девојката на фотографијата погоре која инаку се вика Маријана Вишегирскаја се породи. Фотографот на „Асошиејтед прес“ Евгениј Малолетка ја фотографираше со бебето на 11 март 2022 година, откако таа се породи во друга болница каде беше пренесена откако го преживеа бомбардирањето во породилиштето.

Два дена претходно, „Асошиејтед Прес“ ја фотографираше Маријана како бега од бомбардираното породилиште во Мариупол.
„Асошиејтед Прес“ ја фотографираше и како го напушта ова бомбардирано породилиште, додека проруските теоретичари на заговор манипулираа дека таа е „актерка што глуми“.
Лежевме во собите кога стакло, рамки од прозорци и ѕидови се распрснаа. Не знаеме како се случи. Бевме во собите и некои имаа време да се покријат а други не, изјави Маријана Вишегирскаја за „ Асошиејтед Прес“.

Нападот беше верификуван и од системот  на СЗО за следење напади на здравствени институции.

Со месеци Вишегирскаја споделуваше видеа на Инстаграм од својата бременост и фотографии од неа како позира со козметика. Но, ова не значи дека таа е кризна актерка како што невистинито се посочува во текстот што го рецензираме. Нејзината погрешна идентификација почна тогаш кога руската амбасада во Лондон ја спореди нејзината фотографија со таа од жената што ја изнесуваат на носила. Оваа  жена почина со нејзиното бебе. Односно, не е истата жена, туку во случајот станува збор за друга, неидентификувана личност.

Руската амбасадата тврдеше во твитови дека таа ги менувала улогите на двете бремени жени. Но, вистината е дека станува збор за две различни жени. Едната од нив, прикажана на носилки ( принтскрин подолу), почина со своето бебе, а Маријана преживеа и се породи два дена подоцна во друга болница, каде беше евакуирана по нападот на родилиштето.

Твитер ги отстрани твитовите од руската амбасада во Лондон, затоа што ги злоупотребуваат правилата за однесување кои забрануваат содржини што негираат масовни катастрофи.

Претседателот на Украина, Зеленски на Телеграм сподели видеоматеријал од нападот и штетите.

Градскиот совет на Мариупол, исто така сподели снимка и кажа дека руските сили фрлиле неколку бомби врз болницата.

Максар Технологии објави сателитски снимки направени пред и по нападот во породилиштето кои покажуваат голема штета.

 

Дали екстремисти од Азов биле во болницата?

Нема докази дека болницата не работела и дека баталјонот Азов ја користел за воени цели како што се тврди во текстот кој го рецензираме. Руската амбасада во Израел на Твитер сподели фотографија од тенк пред зграда, со тврдење дека болницата била окупирана од Азов баталјонот. Но, оваа фотографија е снимена на 10 километри оддалеченост од породилиштето и не го отсликува него!

Обединетите Нации на 11 март во соопштение рекоа дека болницата може и да се идентификува и во времето на нападот била дефинитивно во употреба за цивили.

Самото породилиште, на 2 март сподели Фејсбук пост во кој побара да се помогне со бензин за да може да продолжат да работат бидејќи Мариупол беше без струја и вода.

Заменикот на градоначалникот на Мариупол Сергиј Орлов за Гардијан изјави дека неколку цивилни цели биле погодени вклучувајќи бројни области каде живеат цивили, детска болница, породилиште, главната административна зграда и фабриката Авостал.

Претседателот на Украина, Зеленски, исто така, објави видеоматеријали од состојбата на бомбардираното родилиште после нападот.

Повеќе странски сервиси за проверка на факти, исто така, оценија дека е невистинито тврдењето дека бомбардирањето на родилиштето во Мариупол било исценирано.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека нападот од родилиштето во Мариупол било исценирано и не е вистина дека Азов баталјонот го користел во време на нападот. Напротив, внатре имало бремени жени.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција