Руски дезинформации сејат магла и антизападно расположение во С. Македонија  

Фото: Oleg ShakurovPixabay

Бројни дезинформациски наративи се истурија во земјава преку странски канали за да го свртат јавното мислење во полза на Русија, а на штета на Украина од почетокот на воената инвазија до денес. Анализата на пет најчести дезинформациски наративи, како и разговорите со безбедносни експерти и политички фактори, укажуваат на тоа дека руските дезинформации не доминираат во јавниот простор, но многу лесно продираат преку медиуми, социјални мрежи и пренесени изјави на  експонирани политички фигури, некогаш и надвор од контекст или наменски фабрикувани

 

Бројни дезинформациски наративи се истурија во земјава преку странски канали за да го свртат јавното мислење во полза на Русија, а на штета на Украина од почетокот на воената инвазија до денес. Анализата на пет најчести дезинформациски наративи, како и разговорите со безбедносни експерти и политички фактори, укажуваат на тоа дека руските дезинформации не доминираат во јавниот простор, но многу лесно продираат преку медиуми, социјални мрежи и пренесени изјави на  експонирани политички фигури, некогаш и надвор од контекст или наменски фабрикувани

 

 Пишува: Мирослава Симоновска

 

Дезинформациите за лаборатории за биолошко оружје финансирани од САД, личните дискредитации кон претседателот на Украина Володимир Зеленски, претставувањето на Украина како нацистичка држава, а Русија и Русите во Украина како жртва, се само дел од наративите што се истурија по почетокот на војната со цел да се манипулира со јавното мислење. Резултатот на крај е половичен. Руската пропаганда не доминира во формирањето на јавното мислење, но таа многу лесно продира по повеќе основи и канали.

Фросина Ременски Фото: Принтскрин видео

Руската агресија врз Украина значително влијаеше врз количеството дезинформации што се ширеа на теми поврзани со странски штетни влијанија во земјава и тоа во континуитет, уште од анектирањето на Крим во 2014 до денес, смета професорката од Факултетот за безбедност, Фросина Ременски. Таа ги забележува доминантните теми за пласирање на странско штетно влијание во земјава кои според неа, примарно имаат за цел да ја сатанизираат Америка како светска сила.

Ги релативизираат стратешките цели на САД за политички и безбедносно стабилен Западен Балкан. Ја омаловажуваат улогата на ЕУ во превенирање на економски, енергетски и безбедносни кризи, со цел да се поттикне реториката и размислата за барање алтернативи. Се заговара дека ЕУ е во фаза на распаѓање, а дека процесот на европски интеграции е долг, скап и неисплатлив. Апстрактно религиски се поврзува православието олицетворено во српското и руското црковно влијание, наспроти сè што значи верски различно. Се интензивира реториката за масовна криминализација на прозападните политички структури во земјите, наспроти патриотската должност на проруските структури кои се претставуваат како спасители на идентитетот и државата од западната хегемонија и американска доминација, вели Ременски во изјава за Вистиномер.

Според неа, тие дезинформации во земјава имаат цел да создадат перцепција дека десно ориентираните политички партии имаат и мисија за зачувување на православието под покровителство на Русија и нејзиното влијание на Балканот, наспроти лево ориентираните политички партии кои во тие дезинформации се врзуваат за САД и ЕУ, кои пак, според дезинформациите, се против православието и земјите од Балканот.

Дезинформациите одеа во насока на демонизирање на Украина како извор на нацизам и фашизам, САД како непријател на словенските народи, ЕУ како елита за сите, но не за земјите од Западен Балкан и така натаму, вели Ременски.


Пендаровски: Дезинформациите водат кон затворено општество

Пендаровски -Зеленски, на Самиот Украина – Југоисточна Европа, во Тирана, 28.02.2024 Фото: pretsedatel.mk

Претседателот Стево Пендаровски, во изјава за Вистиномер вели дека дезинформациите се продуцираат за да им наштетат на демократските процеси во општествата, како и за да му наштетат на јавното добро и на интересот на јавноста.

Тие не се непознати за нашето општество. Покрај дезинформациите кои сè почесто се продуцираат во земјата, ние, во континуитет сме предмет и на дезинформации кои доаѓаат од странски актери кои во земјава влегуваат најчесто преку вести и стории на интернет портали, а потоа се шират и преку профили на социјалните мрежи, создадени, како кај нас, така и во нашето опкружување. Овие профили се честопати лажни и создадени со намера да помогнат во масовното ширење на дезинформациите. Инаку, дезинформациите кај нас се најчесто насочени кон омаловажување на евроатлантските вредности, критика кон европските општества, кон отвореноста на општеството, сè со неоснована поддршка на теории на заговор и пропагирање на нови вредности кои водат кон затвореност на општеството и спротивно на нашите утврдени цели за демократски развој, европска и евроатлантска интеграција, смета Пендаровски.


 

Руската пропаганда „рака под рака“ со локалните проблеми

Максим Саморуков
Фото: Принтскрин видео

Максим Саморуков, соработник на фондацијата Карнеги вели дека една од силните страни на руската пропаганда е тоа што е тесно испреплетена со локалните проблеми, па така луѓето загрижени од проблемите дома, шират руска пропаганда дури и без да знаат.

Покрај борбата против руската пропаганда, исто така е важно да се решаваат локалните проблеми кои ја прават оваа пропаганда возможна и на што Русија поентира. Некогаш луѓето се сериозно загрижени од локалните проблеми и сакаат решенија. Русија е концентрирана на поткопување на западните интереси повеќе отколку на промовирање на својата агенда. Многу е лесно за Русија да користи проблеми што се случуваат во Западот, за да уништат нешто или за да подгреваат тензии. Но, вообичаено ова е базирано на некои реални локални проблеми кои треба да се адресираат и да исчезнат дури и без руска пропаганда, вели Саморуков.

Според него, историскиот контекст кој продуцира резултати корисни за руската пропаганда преку влезот на дезинформациите во С. Македонија преку Србија, е сложен.

Не би рекол дека Србија е лоша земја поради тоа што оттаму доаѓа руска пропаганда. Многу е комплексен процесот. Тоа е резултат на повеќе фактори како бомбардирањето на НАТО, ситуацијата со Косово, начинот на кој војните во поранешна Југославија се одвиваа во деведесетите, тоа што медиумите во Македонија тешко може да се натпреваруваат со српските во продукцијата на содржини. Но и тоа што публиката има историска навика да гледа српски медиуми од Белград. Ова е комплексен историски контекст кој продуцира резултати корисни за руската пропаганда, вели Саморуков.

Анализирајќи ги состојбите за Македонија, експертот смета дека опасноста е помината, но дека Русија и натаму верува оти обединет Запад е закана за рускиот геополитички интерес.

Павле Трајанов
Фото: demokratskisojuz.org.mk

Со сличен став е и експертот за безбедносни прашања и поранешен министер за внатрешни работи Павле Трајанов. Според него, кога би имало руско влијание врз политичките процеси и кога Македонија би се придвижила во друга насока, тоа секако би влијаело и врз безбедноста.

Но, засега нема директна закана по безбедноста и стабилноста на државата. Тоа беше присутно за време на усвојувањето на заклучоците за францускиот предлог, тогаш имаше протести и меѓу нив една – две проруски партии кои тоа го злоупотребија, ни рече Трајанов.

Тој слушнал гласини за четири политички партии финансирани од Русија, но не може да ги потврди.

Мислам дека во земјава има најмалку четири активни партии на политичката сцена што се проруски определени и од прилика знаеме кои се. Русија главно го покрива македонското подрачје со влијание преку порталите во Србија и социјалните мрежи. Генерално мислам дека немаат некое големо влијание на политичката определба на партиите во Македонија. Маргинално е влијанието, но не е занемарливо. Што се однесува на хибридните закани, тоа што имаше дојави за бомби, а за кое беше кажано дека сите патишта воделе кон Русија, беше пропаганда без никакви аргументи и докази. За случајот се покажа дека станува збор за млади луѓе од Македонија кои ги злоупотребиле социјалните мрежи, вели Трајанов.

 

Левица, Единствена Македонија, Десна со вокабуларот на Москва

Неколку политички партии во државата во дел од јавноста се перцепирани како партии кои имаат проруски ставови. За тоа придонесуваат и нивните објави на социјалните мрежи, каде понекогаш се користи истиот вокабулар кој го користи Русија за да претстави што се случува во Украина.

Димитр Апасиев Фото: levica.mk

На пример, на 16 март 2022 година, партијата Левица објавувајќи соопштение од средбата со рускиот амбасадор во Македонија Сергеј Баздникин, вели дека се разговарало за „специјална воена операција во Украина”, се споменува „денацификација”, а изјавите на тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи се оценети како „русофобски“.

Некои од овие термини, како „специјална воена операција во Украина” и „денацификација” ги користат и официјални лица од Русија, односно и самиот Владимир Путин, па тоа можеби е и причината поради којашто истите предизвикаа реакција кај Османи за да ја поврзе Левица со Русија.

Претседателот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев на Фејсбук упатуваше критики кон македонската влада зашто ја осудила воената инвазија во Украина и тоа на начин што тврдеше дека Турција имала, наводно, неутрален став околу војната, што е невистина. Постот е објавен на денот на руската инвазија.

Во своите објави против Украина, а со цел величење на Русија предничеше партијата Десна која отворено изразува анти НАТО ставови, ги величаше руските политичари, ги навредуваше ЕУ, НАТО и политичарите од владата. Претседателот на партијата Љупчо Палевски, кој е првоосомничен за убиствата на тинејџерката Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, се наоѓа во привремен затвор во Турција и во тек е постапка за негова екстрадиција, во една од своите емисии од серијалот „Трета Политика“ војната во Украина ја опишува со московска терминологија како „специјална акција за денацификација”.

 

Милошоски: Москва влијае во Македонија преку 4 држави во регионот

Фото:ФБ профил на Антонио Милошоски

Поранешниот министер за надворешни работи, Антонијо Милошоски, смета дека главната цел на овие хибридни војни, односно на војните со дезинформации, е да се придобие перцепцијата на граѓаните.

Тоа е борба за перцепција кој е во право во одредена војна, односно кој е агресор, а кој жртва. Или пак, релативизирање на јавното мислење по однос на одредена перцепција. Во врска со војната во Украина јасно е дека агресијата доаѓа од Русија како поголем сосед, но во Македонија и во другите земји од регионот се пуштаат одредени информации кои имаат цел да ја променат оваа перцепција. Истовремено, во овој контекст може да се набљудуваат и одредени дезинформации поврзани со Израел, Палестина и конфликтот во Газа. Најсвежиот пример е обидот да се смени перцепцијата за настаните од 11 септември во САД, преку обновувањето на едно старо писмо за кое се верува дека е напишано од тогашниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен, а кое преку кинеската апликација Тик Ток сега вирално се шири во целиот свет, особено во САД, вели Милошоски за Вистиномер.

Запрашан дали има забележано некој тренд, односно дали постои некоја држава која е попатна станица преку која се пласираат дезинформациите за војната во Украина во земјава, тој посочува четири такви „станици“.

Треба да се направи анализа со која не е невозможно да се дојде и до квантитативен заклучок на оваа тема. Политички гледано во регионот има неколку земји што имаат посериозно дипломатско, трговско, па и медиумско влијание од страна на Руската Федерација. А тоа се Република Србија, Република Српска, во еден дел Република Бугарија – каде симпатиите кон Руската Федерација датираат од нивното сојузништво со Советскиот Сојуз и се прилично забележителни, и во поширокиот регион би ја споменал и Република Кипар. Таа е земја каде добар дел од руските бизнисмени, па и медиумски влијателни тајкуни, имаат свои сериозни инвестиции. Така што, регионално овие четири политички ентитети, односно држави во регионот, се одредени инкубатори за пласирање на вести кои би му одговарале на официјален Кремљ, објаснува Милошоски.

Интернетот, втор „воен фронт“ за придобивање на јавната перцепција

„Додека вистината да ги облече чевлите, лагата го прошетала половина свет“, гласи старата анегдота со која се опишува дека лагите се шират подалеку, подлабоко и побрзо отколку вистината. Тоа се потврдува и на социјалните мрежи.

Студија од 2020 година на бизнис школата на МИТ од Масачусетс, посветена на социјалните медиуми, дезинформациите и изборите, покажа дека твитовите што содржат лаги, е поверојатно дека ќе бидат споделени, за дури 70 проценти отколку оние со вистинита содржина. Друго истражување од 2021 година од шест автори, за справувањето во САД со лажните информации кои доаѓаат од Фејсбук, покажа дека невистинитите информации на Фејсбук, имаат 6 пати повеќе интеракции отколку фактички точните објави.

Но, кога станува збор за војна, тогаш целта е да се обесхрабри, збуни и да му се одвлече вниманието на непријателот, а јавното мислење да се придобие на страната на дезинформаторот. Со други зборови, во војната има два фронта: едниот е на бојното поле, а другиот на интернет, каде се води битката за јавното мислење.

На 28 февруари 2022 година, четири дена по неиспровоцираната воена инвазија на Русија врз Украина, македонската влада препорача кабелските оператори во Македонија да ги исклучат каналите каде како основач се јавува Руската Федерација, по одлуката на земјите членки на ЕУ да ги забранат Раша Тудеј и Спутник. Брисел смета дека преку нив Кремљ се обидува да дезинформира и да манипулира.

Но, овие два медиума сè уште допираат до македонската публика, само преку нов „автопат“ – интернетот. Од земјава непречено се пристапува кон нивните веб-страници на српски јазик ( https://sputnikportal.rs/ ) (https://rt.rs/ ) и ( https://www.rt.com/ ).

Џејмс Рубин
Фото: Принтскрин видео Јутјуб

Во јуни годинава Џејмс Рубин, координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт Департментот рече дека постоењето на Раша Тудеј и Спутник во Србија, се користи за мешање во Северна Македонија.

Откривме дека поради постоењето на Русија денес и Спутник во Србија, тоа се користи за мешање во Северна Македонија. Се договоривме со Владата на Северна Македонија да склучиме Меморандум за разбирање. Со овие меморандуми се воспоставува волја на друга земја да го третира проблемот со истата итност како што го третираме ние, изјави Рубин во интервју за Гласот на Америка.

 

Украински лаборатории контролирани од САД – пример за моќна дезинформација

Воената инвазија на Русија врз Украина донесе продолжување на веќе воспоставени и инјектирање на сосема нови дезинформациски и дискредитациски наративи во етерот, чија цел е да се оправда неиспровоцираниот атак на агресија од руската страна со демонизирање на украинското раководство и украинската позиција во целост.

Таков е примерот промовиран од руските државни медиуми, кои почнаа да ги обвинуваат Соединетите Американски Држави дека ,,спонзорирале лаборатории за биолошко оружје во Украина”. Станува збор за една од најсподелуваните дезинформации во светски рамки, а македонскиот медиумски и интернет простор не остана имуна на неа.

Дезинформациите за „лабораториите за биолошко оружје во Украина“ беа пласирани на профили на социјалните мрежи, каде инаку со месеци претходно се промовираа теориите на заговор на Кју Анон. Подржувачите на Кју Анон во Северна Македонија продолжија да ги заплеткуваат своите дезинформации околу нова тема – војната во Украина.

Кога станува збор за медиумите, тие во земјава го пласираа лажниот наратив за „лаборатории за биолошко оружје“, следејќи изјави на теоретичари на заговори од САД, како на пример Роберт Ф. Кенеди ЈуниорНеизбежно е да се нотира дека тој и во текот на ковид пандемијата беше извор на дезинформации и за ковид и за вакцините, а војната во Украина ја искористи за да продолжи со промоција на невистини. Неговите изјави без докази и покритие беа пренесувани и во некои од македонските портали.

Организации како Светскиот македонски конгрес, исто така ги проширија овие наративи и помогнаа тие поуверливо да се доживеат од страна на јавноста во земјава, со руски речник, небалансирано и како генерални вистини, без да се земе предвид дека станува збор за лаборатории со долга историја на работа на јавно-здравствени проблеми и немаат излезено од своите надлежности. За да успее дезинформацискиот наратив, несомнено помагаа и изјавите на официјални лица од Русија, кои потоа завршуваа во македонски прокси портали.

Интересно е да се забележи дека конзервативните кругови во САД, олицетворени во Такер Карлсон, беа засилувачите на звукот на дезинформацијата дека во Украина има лаборатории за биолошко оружје финансирани од Америка. Како што тие дезинформации се појавуваа во Америка, така се појавуваа и на дел од македонските портали. Но, непосредно пред тоа се појавија и во дел од српските медиуми. Поради јазичната блискост, се забележува и полесен и побрз пробив на овие наративи.

 

Нападот како најдобра одбрана – Русија ги брани традиционалните вредности

Фото: kremlin.ru

Во рамките на обидите да се оправда воената инвазија врз Украина, Русија на самиот почеток на 24.02.2022 година, потоа и една година подоцна, на 21.03.2023 г. преку говорот на својот претседател Владимир Путин, но и денес, ги оправдува воените дејства тврдејќи дека требало да ја ослободи Украина од неонацистите кои биле поддржувани од Западот.

Ваквиот наратив беше комбиниран и со тврдењето дека целиот колективен Запад е антирелигиозен и антихристијански, антисемеен – со вредности за уништување на семејството, а Русија е чуварот, односно лулката на православието, семејните вредности, бракот… Секако, Русија се обидува да ја наметне тезата дека таа ја спасува Украина со воената инвазија од овие деструктивни текови.

Мит е дека Западот сака да ги уништи „традиционалните вредности“ односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“. Но руските претставници, вклучувајќи го и Путин, постојано го туркаат овој наратив:

За време на специјалната воена операција Русија ги брани своите земја, народ и вредности, затоа дефинитивно ќе излезе како победник. Нема сомнеж, се подразбира, изјави на средината на 2023 г. рускиот претседател Путин, преку ТАСС, а таа изјава заобиколено пристигна и во македонскиот медиумски простор.

За да се промовираат овие вредности на семејност, религиозност и пристојност, кои се наводно ексклузивни за Русија, а ги нема во западниот свет, на бројни Фејсбук профили на македонски корисници, како на овој, се промовираа слични тези, дури и во ситуации кои не беа поврзани со војната. Значи во С. Македонија, на Фејсбук профилите лажно се промовираше дека „нашите деца се приморани да се облекуваат како спротивниот пол“ поради „неолибералните вредности“, а во Русија, децата се „пристојни“.

Приказната за семејните вредности во С. Македонија стигнуваа и преку пренесени изјави на челниците и соборци на Путин, меѓу другото и преку Рамзан Кадиров, чеченскиот лидер кој се обиде да креира тензии и да ја вжешти и онака распламтената ситуација во Украина, и со религиозна пропаганда и манипулации, кажувајќи дека „оние кои го навредувале пророкот  Мухамед  денес се борат против нас во Украина“:

Тие сакаат да ја распарчат нашата татковина на делови, да ја понижат и згазат а потоа да ги осквернават верата и културата, така што не би имале никаков идентитет, никаква семејна вредност. Со причина го користам зборот сатанизам. Таму на Запад, сатанизмот отворено делува против Русија. Сатанистичка демократија е кога им ги одземаат деца на верниците и ги ставаат во семејства од ист пол, рече Кадиров.

На профили на социјалната мрежа Фејсбук, изјавите во ваков стил на руски претседател Путин, Кадиров, итн., беа пренесувани и глорифицирани како навистина да се работи за борба на Русија за заштита на нејзините духовни вредности. Еден пример може да се погледне овде. Во друга објава, пак, се вели:

Русија е во војна со антирелигиозна цивилизација која се бори против Бога и ги уништува самите основи на духовните и моралните вредности: Бог, црквата, семејството, родот и човекот.

Запад го има детектирано наративот за „вредностите“

Фото: state.gov

Проценувајќи ги петте најголеми дезинформациски наративи, Стејт департментот го појаснува ова прашање, кое како што може да се види е актуелно и кај нас:

Пропаста на западната цивилизација е една од најстарите дезинформации во Русија со тврдење дека Западот е во распаѓање,  а вакви наративи се документирани уште во 19 век. Овој дезинформациски наратив заснован на вредности, евоцира лошо дефинирани концепти, вклучувајќи традиција, семејни вредности и духовност. Русија тврди дека е бастион на таканаречените традиционални вредности и родови улоги и служи како морална противтежа на декаденцијата на САД и западните земји. На пример, Путин тврди дека Западот практично ги откажал концептите на мајка и татко и наместо тоа ги заменил со родител 1 и родител 2, додека министерот за надворешни работи (Сергеј -н.з.) Лавров напиша дека западните ученици учат на училиште дека Исус Христос бил бисексуалец, соопштуваат од Стејт департментот за оваа приказна.

Тинк-тенкот „Европски совет за надворешни работи“ има слично толкување кое може да се види од нивниот коментар со наслов: „Како Русија дојде до тоа да го мрази Западот“:

Во 2013 година, модернизацијата беше отфрлена и како збор и како политика. Ја замени де факто курс спротивен на модернизацијата, кој вклучуваше социјален конзервативизам и акцент врз „руските традиционални вредности“. Во минатото Путин повремено зборуваше за Западот како за непријателски конкурент или како за сила којашто се обидува да ѝ наштети на Русија. Во јавните говори на крајот на 2013 година, Путин звучеше како проповедник: остро ги критикуваше „евроатлантските“ држави за нивната декадентност и неморал. Рече дека ги напуштиле своите корени и христијански вредности и го изедначиле верувањето во Бога, со верувањето во сатаната. Путин го осудуваше европскиот мултикултурализам и ја отфрли политиката на толеранција како стерилна и неплодна. Голем дел на официјални лица и негови лојални луѓе само ги повторуваа неговите зборови. Еден умен пропаганден трик, беше да се засили сликата на „злобниот Запад“ на начин што тој наратив ќе се спои со наративите на конзервативците. Така, западните луѓе, хомосексуалците, либералните, современите артисти и нивните фанови, оние коишто не ја третираат Руската православна црква со должната почит и оние кои ќе се осудат да се сомневаат во руската совршена историја, сите заедно беа презентирани како едно „неразделено зло“, закана за Русија, нејзината култура, вредности и националниот руски идентитет“, пишува во коментарот на „Европскиот совет за надворешни работи“.

 

Русија го брани светот од „украинскиот неонацизам“

Помеѓу најупотребуваните наративи во Северна Македонија со цел да се изврти сликата за тоа кој е жртвата, а кој е агресорот, неминовна е и пропагандата дека „Русија се бори во Украина против Наци-агресорот“.

Во Првиот извештај за манипулација со странски информации и закани од мешање, објавен од Европската служба за надворешни работи (EEAS), се наведува овој наратив како еден од најчестите:

Конечно, последниот наратив, одново се врти кон жртвата – Украина, обидувајќи се целата вина да ја насочи кон Киев и неговата наводна соработка со нацистичка Германија во Втората светска војна, па наводно, корените и на актуелните случувања треба да се бараат во Киев, а не во Москва. Наративот дека Украина е наци и терористичка држава, содржи објави со лажни тврдења дека Украина е нацистичка држава којашто поддржува такви групи. Овој наратив е регистриран во 11 од инцидентите во извештајот.

Тој не ја одмина и С. Македонија и креираше во одредени кругови поддршка за инвазијата која патем за овие лица беше „специјална воена операција“.

Фото: Принтскрин видео

Во дел од македонските медиуми, исто така,  беа неконтекстуализирано пренесувани и изјавите на руските официјални лица, како на пример на Марија Захарова, чија изјава со наслов:

Захарова со страшно предупредување:Украинците се подготвени да ја изгорат нуклеарката во чест на своите наци идоли,  е пренесена овде.

Овој наратив, кој се вклопува во наративот т.н. „превртено огледало“, треба да ја претстави Русија не како агресор кој почна војна во суверена и независна држава, туку како „ослободител“ кој морал да се справи со нацисти.

 

Зеленски претставуван како „марионета“ и забавувач

Бројни се дезинформациите и дискредитациите за првиот човек на Украина, претседателот Володимир Зеленски. За него и неговото дело, од почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина имаше оркестрирана тирада на дезинформации. Откако се потврди дека лажно се тврдеше дека избегал од Украина и ја оставил државата сама да се справува со војната, на пропагандистите им остана да манипулираат и со личниот кредибилитет на претседателот Зеленски, неговата кариера пред да влезе во политиката која била во областа на забавата и актерството. Но, и со нешто многу посериозно – манипулации со економското богатство на Зеленски и лагите дека тој ја злоупотребува воената помош која западните партнери ја испраќаат за Украина – за лично богатење.

За да се успее да се протне овој спин, беа користени мноштво комбинирани техники. На пример, посочени беа лажни документи дека наводно таштата на Зеленски купила вила во Египет, којашто никогаш не беше купена, како што потврди и самиот сопственик на комплексот.

Олена Зеленска
Фото: president.gov.ua

Кога се откри дека таа трансакција никогаш не се случила, тогаш беше пласирана нова дезинформација дека сопругата на Зеленски, Олена Зеленска, купила накит во „Картие“ во Њујорк за 1 милион долари, иако во тоа време таа не била таму. За овие дезинформациски наративи, се користеа видеоматеријали од наводни „истражувачки новинари“ кои  не постоеја или продавачи во Картие кои биле отпуштени, а вакви дезинформации се најдоа и во дел од македонските медиуми.

Пласирањето на (дез)информации за имотната состојба на Зеленски и неговото семејство, секогаш е во контекст на западните пари кои беа испратени со цел Украина да го одржи своето право на самоодбрана од руската агресија, како што се појаснува во оваа сторија.

На сајтот на Стејт Департментот транспарентно е наведено колкави и какви донации се дадени на Украина, но наспроти дискредитациите, тие пари не се лично за Зеленски.

 


Терминот „нацизам“ букна на руските сајтови пред  2 години

Анализа на 8 милиони текстови за Украина собрани од повеќе од 8 илјади руски сајтови од 2014 година, покажува дека референци со „нацизам“ биле релативно неупотребувани 8 години, но се издигнале на невидени размери од 24 февруари 2022 година, денот кога Русија изврши воена инвазија врз Украина. Оттогаш овој наратив високо котира. Податоците обезбедени од Semantic Visions, компанија за аналитика, вклучува главни и големи руски медиуми како и илјадници помали сајтови и блогови. Анализата покажува поглед на руските обиди да се оправдаат за нападот врз Украина на начин што ја претставуваат како преплавена од десничарски екстремисти.


 

НАТО таргетиран за противник

Наративот дека Русија се бори против НАТО и дека го победува, е лајт мотив на целата воена инвазија и оди во чекор со наративот дека сатанистичкиот Запад е во колизија со Русија лулката на христијанството, религиозноста, пристојноста и семејните вредности.

Запад, англосаксонската лига е 800 милиони популација и пак губи војна од Русија, пишува во една објава на Фејсбук.

 

Граѓаните на Запад веруваат дека Украина ја победува Русија, додека остатокот од светот е сведок како Русија го победи НАТО,се вели во друга објава од истиот автор.

НАТО ја поттикнува војната до последниот Украинец, се вели во трета слична објава, но таа реченица ја има кажано и самиот Владимир Путин.

На страницата „Дали крајот вака мириса“, каде подолг временски период се промовираат проруски наративи, исто така беше објавен таков пост, заедно со видеоматеријали од тенкови кои НАТО ги испрати во Украина.

Овој наратив дефинитивно потекнува од руската политичка кујна. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека НАТО е во војна со Русија затоа што ѝ праќа оружје на Украина и тој наратив беше пренесуван и во македонскиот етер. Тој отиде и чекор подалеку па кажа дека Украина е „потрошувачка стока на Западот во војната против Русија“.

Ваквите политички ставови беа проширени и од постојаниот претставник на Кина во Обединетите нации, Џанг Џун, кој го повика НАТО да не ги поттикнува конфликтите во Украина. Изјавата на Џанг Џун, пак, пренесена е со атрибуција на српски медиум.

Овие наративи за војна на Русија против НАТО се збогатени и со барањето на Украина за членство во НАТО, како во следниот пример:

Украина никогаш нема да стане членка на НАТО. Западот сфати дека не може да победат во војна против Русија. НАТО ја изгуби оваа војна, а Зеленски и Украина изгубија најмногу. Поради него загинаа многу Украинци, а уште повеќе се раселени. Ќе биде запаметен како марионета на ЕУ и САД, пишува во една од таквите објави.

Она што е евидентно е дека тие се поклопуваат со изјавите на некои високопозиционирани руски фигури на политички функции. Истиот наратив дека Украина никогаш нема да биде членка на НАТО  го пласираа и промовираа руски експерти преку портали во земјава.

 

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција