Сѐ уште не може да се основа трговско друштво со основачки влог од едно евро

Фото: Pixabay

Со оглед на тоа што нема промени во Законот за трговски друштва во насока на дополнувања за формирање на трговско друштво со едно евро основачки влог, може да се констатира дека ветувањето дадено во предизборната програма на СДСМ не е исполнето

 

Владејачката партија СДСМ во предизборната програма „План за живот во Македонија“ даде ветување со рок, кое по нашата проверка оценивме дека не е исполнето:

Основање на трговскo друштво со капитал од едно евро: Ќе воведеме можност за основање посебен вид трговско друштво со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Овие трговски друштва ќе имаат определена, видно обележана ознака, за секој што ќе соработува со ваков тип на деловен субјект да знае дека неговиот основачки капитал е 1 евро.

[Извор: СДСМ-План за живот во Македонија, стр 213, датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ е дадено во предизборната програма, најпрво во општиот дел на стр. 65, а потоа и во конкретниот дел, „Нови работни места, повеќе пари кај граѓаните, поддршка за домашните фирми“, на стр. 213. Ова ветување е ставено во делот на Итните реформски приоритети на новата влада и е со конкретен рок од исполнување во првите 6 месеци. Без наведување на рок е ставено и во Програмата за работа на Владата на РМ 2017-2020 година, на стр.7.

Ветувањето е ставено и во Програмата за работа на Владата за 2018 година, но е ставено во делот иницијативи со среден приоритет и тоа за во септември.

Проверката на исполнетоста е направена преку достапните податоци на интернет, конкретно на сајтот на Владата, на сајтот на Министерството за правда во делот на постоечките закони и преку проверка на објави од медиумите.

На ниту едно место на проверката не наидовме на информација поврзана со ова ветување. Имено, ветувањето е поврзано со измени и дополни на Законот за трговски друштва, кој е прв пат донесен во 1996, па во 2002 година, па е ставен вон сила со новата верзија од 2004 година, која, исто така, има повеќе измени и дополнувања оттогаш па досега.

Меѓутоа, претпоследната измена е направена во 2016 година, кога на власт сè уште беше друга политичка партија со мнозинство во Собранието, додека последната измена е направена во април оваа 2018 година. По проверката и на последната измена може да се констатира дека интервенциите не се однесуваат на оваа материја.

Во Законот за трговски друштва, во член 172, детално е регулирано со колкав оснoвачки капитал може да се регистрира едно трговско друштво. Таа сума е ограничена во нејзиниот минимален праг и тој е одреден на 5.000 евра во денарска противредност. Овој основачки влог или основна главнина на друштвото, може да се зголемува, но, не смее да се намалува, т.е. има стриктни процедури што да се прави ако почне да се намалува.

Оттука, бидејќи нема промени во овој или други членови во Законот во насока на дополнувања за формирање на трговско друштво со едно евро основачки влог, може да се констатира дека ветувањето дадено во предизборната програма на СДСМ не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција