Сцена од филм на Нетфликс, прикажана како да е од демонстрациите во Франција

Фото: Принтскрин видео

Виралната фотографија споделена во постот не датира од јули 2023 година, туку станува збор за скриншот, односно снимка од минатогодишниот филм на Нетфликс, „Атина“, од францускиот режисер Роман Гаврас

Виралната фотографија споделена во постот не датира од јули 2023 година, туку станува збор за скриншот, односно снимка од минатогодишниот филм на Нетфликс, „Атина“, од францускиот режисер Роман Гаврас. Дел од конкретната сцена прикажана во постот може да се види на следниот линк (1,26 мин од видеото)

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува фотографија на којашто се  гледа бело полициско комбе на кое има повеќе млади луѓе,  еден од нив држи француско знаме, а до комбето едно лице се движи на мотор само на задните тркала. Во склоп на постот пишува:  „Добро утро“.  Постот е споделен на 2 јули годинава, кога во Франција имаше демонстрации. Но, фотографијата не е неодамнешните демонстрации во Франција, туку од филм.

Фотографијата од украдено полициско комбе со кое наводно управуваат „мигранти од блискиот исток“, сепак не е настаната на улиците на некој од француските градови на почетокот на јули, туку е во прашање сцена од филмот Атина, достапен на платформата Нетфликс, пишува српски Истиномер.

Виралната фотографија, според Истиномер, потекнува од Твитер сметки коишто се верификувани на начин што нивните сопственици платиле месечна претплата на „Твитер Блу“ од осум долари. Една од таквите кориснички на Твитер тврдела дека на фотографијата се наоѓаат „мигранти од Блискиот Исток“ кои во текот на демонстрациите украле полициско возило.

Таков е наративот со кој оваа фотографија се шири во регионот, во земјите од Балканот, а во Македонија истата се прошири со опис: „Добро утро“, сугерирајќи дека настанот од фотографијата е од истиот ден кога е постирана, а француското знаме на неа асоцира на демонстрациите кои во тој период масовно се одвиваа во повеќе француски градови.

Meѓутоа, виралната фотографија не датира од јули 2023 година, туку станува збор за скриншот, односно снимка од минатогодишниот филм на Нетфликс, „Атина“, од францускиот режисер Роман Гаврас. Дел од конкретната сцена прикажана во постот што го рецензираме, може да се види на следниот линк (1,26 мин од видеото).

Франција изминатите недели се соочуваше со масовни немири, откако на 27 јуни полициски службеник усмрти млад човек во предградието на Париз. Убиството на седумнаесетгодишниот млад човек од мароканско-алжирско потекло, Нахел Марзук, предизвика демонстрации ширум Франција кои потекнаа токму од имигрантските заедници во оваа држава. Немирите кулминираа со апсење на 1.300 луѓе учесници во демонстрациите на француските улици.

Праксата во која бројни лажни фотографии и видеоснимки стануваат вирални во кризни периоди не е нова. Точниот одговор на прашањето кој е мотивот за пласирање на лажни фотографии кои се користат за манипулација на јавноста во кризни времиња, како неодамнешните граѓански немири во Франција, војната во Украина и земјотресот кој ја погоди Турција, не е лесно да се даде. Но, иако секој од горенаведените настани беше пропратен со достапни автентични фотографии и снимки, трендот за лажни и сензационалистички содржини кои стануваат вирални, не престанува.

Поради сите горенаведени факти, сметаме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Фотографијата која е споделена на 2 јули со описот „добро утро“, а на која има француско знаме, не е од тој ден и не е од демонстрациите во Франција, туку е сцена од филм на Нетфликс.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција