Симпсонови не го предвиделе појавувањето на слушалките за виртуелна реалност на „Епл“

Фото: Принтскрин видео

Симпсонови не го предвиделе појавувањето на виртуелните слушалки на Епл Vision Pro. Програмите за виртуелна реалност (VR) не беа нов концепт кога епизодата се емитуваше во 2016 година. Компаниите како Oculus VR веќе ги објавија своите VR слушалки на пазарот, со што употребата на такви уреди стана популарен концепт, а не ново предвидување на шоуто

Симпсонови не го предвиделе појавувањето на виртуелните слушалки на Епл Vision Pro. Програмите за виртуелна реалност (VR) не беа нов концепт кога епизодата се емитуваше во 2016 година. Компаниите како Oculus VR веќе ги објавија своите VR слушалки на пазарот, со што употребата на такви уреди стана популарен концепт, а не ново предвидување на шоуто

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која споделува видео во кое се тврди дека Симпсонови го предвиделе лансирањето на новите слушалки за виртуелна реалност, Apple Vision Pro.

Однадвор е ко да гледаш шизофренични. Се управува со поглед (!) и со раце, стои во објавата.

Сцената од видеото е од втората епизода од 28-та сезона на американското цртано комично шоу, насловено „Пријатели и семејство“, кое се емитуваше во октомври 2016 година.

Видеото кое е доста вирално на социјалните мрежи, а за кое пишуваа и дел од македонските медиуми, но и странските како Daily MailNew York Post, и The Independent, не прикажува предвидување за новите слушалки на Apple од Симпсонови, пишуваат проверувачите на факти Сноупс, Мисбар и Ју-ес-еј тудеј.

Шоуто познато по своите сатирични коментари за општествените трендови и технолошкиот напредок, во оваа епизода го истакнува зголемениот интерес за технологијата за виртуелна реалност во тоа време.

Програмите за виртуелна реалност (VR) не беа нов концепт кога епизодата се емитуваше во 2016 година, пишуваат Мисбар и Сноупс. Компаниите како Oculus VR веќе ги објавија своите VR слушалки на пазарот, со што употребата на такви уреди стана популарен концепт, а не ново предвидување на шоуто.

Неодамна ги испорачавме Oculus Rift, слушалки за виртуелна реалност развиени и произведени од Oculus VR (сега во сопственост на Facebook). Ги закачивме денес и премногу се забавуваме со нив! Сем Харис, директор за технологија и поддршка за учење, вели дека многу од нашите дипломски програми ќе можат да ги користат различните VR симулации за дополнително да го подобрат својот процес. „На пример, бесплатната симулација „Body VR“ им овозможува на корисниците обиколка на циркулаторниот систем на човечкото тело – совршена за нашите часови по анатомија и физиологија“, рече Харис, се наведува во објава на Фејсбук од Маривил универзитетот во јуни 2016 година во која е прикажано и видео од пробата на VR слушалките на Окулус рифт.

Припишувањето на исчекувањето на Apple’s Vision Pro на серијата „Симпсонови“ го занемарува фактот дека технологијата веќе ѝ била позната на јавноста и брзо се развивала во тоа време.

Шоуто некои го нарекуваат видовито, иако водичите на шоуто постојано повторуваа дека „предвидувањата“ што ги направиле се случајни, потсетува Ју-ес-еј тудеј.

Општо би рекол кога луѓето велат: „Симпсонови“ предвиделе нешто, едноставно ние ги сатиризиравме настаните од реалниот живот од годините пред тоа, и бидејќи историјата постојано се повторува, едноставно изгледа како да ги предвидуваме работите, рече поранешниот продуцент на шоуто Бил Окли во интервју за Ројтерс во 2020 година.

Што е VR?

Виртуелна реалност (VR) е термин кој се применува на компјутерски симулирани средини во виртуелни светови што може да се примени на локации во реалниот свет. Овие средини им овозможуваат на корисниците да комуницираат со 3D вештачка визуелна средина или која било друга сензорна поставка. Апликациите за виртуелна реалност ги потопуваат корисниците во компјутерски генерирани средини кои симулираат реалност преку интерактивни уреди, како што се слушалки, очила, ракавици или боди, кои испраќаат и примаат информации.

Во типично искуство со виртуелна реалност, корисникот кој носи стереоскопски слушалки опремени со екран гледа подвижни слики од симулирана средина. Тие можат да талкаат наоколу во различни симулирани простории, доживувајќи променливи перспективи убедливо поврзани со нивните чекори и движења на главата.

Досега имало многу тврдења дека Симпсонови предвиделе некој настан и истите биле дебанкирани. Така на пример, Вистиномер претходно го има дебанкирано тврдењето дека шоуто предвидело дека лани есента ќе имало војна во Косово.

Од сето ова можеме да заклучиме дека Симпсонови не го предвиделе појавувањето на виртуелните слушалки на Епл Vision Pro. Програмите за виртуелна реалност (VR) не беа нов концепт кога епизодата се емитуваше во 2016 година. Компаниите како Oculus VR веќе ги објавија своите VR слушалки на пазарот, со што употребата на такви уреди стана популарен концепт, а не ново предвидување на шоуто. Поради тоа, можеме да кажеме дека објавата што ја анализираме е неточна.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција