Сите вакцини што ги примаат децата се сигурни и проверени

Photo by charlesdeluvio on Unsplash

Сите вакцини од редовниот календар за имунизација се сигурни и проверени, произведени од врвни светски фармацевтски гиганти, кои вложуваат во развојот на вакцините, нивното испитување и квалитет. Дополнително, вакцините во земјава се регистрирани од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства врз основа на документи за безбедност од странство, а откако ќе бидат пуштени во промет во земјава, тие се следат преку одделот за фармаковигиланца во МАЛМЕД

Сите вакцини од редовниот календар за имунизација се сигурни и проверени, произведени од врвни светски фармацевтски гиганти, кои вложуваат во развојот на вакцините, нивното испитување и квалитет. Дополнително, вакцините во земјава се регистрирани од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства врз основа на документи за безбедност од странство, а откако ќе бидат пуштени во промет во земјава, тие се следат преку одделот за фармаковигиланца во МАЛМЕД

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Знаете ли дека сите 11 вакцини што нашите деца ги примаат се увезени, ниедна не е сигурна и проверена.

Согласно календарот за имунизација и годишната програма за имунизација, задолжителна имунизација се спроведува против следните болести: вирусна жолтица Б (Hepatitis B) туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), дифтерија (Diphteria), тетанус (tetanus), голема кашлица (Pertusis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заушки (Parotitis) и црвенка (Rubeolа) и заболувања предизвикани од хуман папилома вируси (ХПВ). Имунизацијата е бесплатна за сите лица од 0-18 години без разлика на здравственото осигурување.

Придобивките од вакцинацијата се многубројни и вакцините се најголемото достигнување на медицината. Таа обезбедува здраво поколение, придонесува за колективниот имунитет, го спречува ризикот од заболување, ги намалува трошоците за боледување и лекување, спречува инвалидитет и други последици, спречува смртност од заболувањето, создава отпорност на организмот кон заболувањето и спречува епидемии од заразни болести.

Министерството за здравство на страницата за информации околу вакцините и задолжителната имунизација, наведува дека вакцините кои се регистрирани за употреба во нашата земја, се истите кои се користат во сите европски земји. Повеќе информации за името на производителот, производот и датумот на одобрување на вакцините може да се најдат во Регистарот на лекови.

На пример, конкретната вакцина што се дава кај децата на 2,4,6, 18 месеци и 7 години против пертусис, е од производителот Санофи Пастер од Франција. Регистрирана е во МАЛМЕД.

Станува збор за шестовалентна вакцина. На линкот погоре се наведени сите возможни информации за вакцината, производителот, што таа содржи, упатство за користење итн.

Друг пример е МРП вакцината ММР Вакспро, произведена од Мерк, Шарп и Доме Холандија (Merck Sharp & Dohme), со производствени капацитети во Германија и САД. Од истиот производител е и рота вакцината. Буквално сите вакцини од задолжителниот календар за имунизација имаат детални описи на тоа што содржат, дозирање, збирен извештај, упатство за употреба, претставништва преку кои се набавени во земјава и се разбира, сите имаат одобрение од МАЛМЕД, единствената овластена државна агенција која има право да им даде дозвола. Понатаму, сите вакцини како и сите лекови воопшто, подлежат на систем на фармаковигиланца. Тоа значи дека доколку се јави несакан ефект, тој се пријавува во МАЛМЕД каде има оддел што ги следи несаканите ефекти. Доколку нешто со вакцините не било во ред, овој оддел досега тоа ќе го детектирал и тоа би било детектирано на светско ниво, што се разбира се нема случено.

ХПВ вакцината што се администрира во Македонија се вика Гардасил и ја произведува холандски Мерк.

Вакцината против пневмококни инфекции се вика Превенар и ја произведува Фајзер, во производствен капацитет во Белгија.

Агенцијата за лекови и медицински средства води Регистар на сите регистрирани лекови на територијата на Република Северна Македонија за кои е издадено соодветно одобрение за ставање на лек во промет во земјава, вклучително и за вакцините.

Овој регистар служи како помошно средство во секојдневната медицинска пракса при препишување и издавање лекови на граѓаните.

Регистарот за лекови содржи информации за одобрените лекови кои треба да најдат практична примена во секојдневното работење на лекарите, стоматолозите и фармацевтите, а истиот е достапен и за информирање на граѓаните.

Точно е дека вакцините се увезени од странски европски држави и пред да дојдат во земјава подлежат на ригорозна контрола. Некои од нив се користат со децении. Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, вакцините се сериозно испитани, сигурни и проверени, а одобрението во Македонија го добиваат врз основа на документи за таа испитаност и провереност.

Нема потреба да бидете загрижени за потеклото на вакцините. Без разлика на земјата на производство, вакцините поминуваат низ ригорозен процес на одобрување и регулаторен процес пред да се стават во употреба. Бидете сигурни дека вашите деца се вакцинирани според националниот календар за имунизација во соодветна здравствена установа или во рамки на кампањите за имунизација што ги спроведува Министерството за здравство, пишува на страницата на УНИЦЕФ.

Според УНИЦЕФ вакцините спасуваат 2 до 3 милиони деца од опасни болести секоја година. Бројот на деца кои се соочуваат со парализа како последица на полио, е намален за повеќе од 99 проценти од 1988 година. Вакцините против мали сипаници овозможија да се избегнат повеќе од 23 милиони смртни случаи помеѓу 2000 и 2018 година.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина. Точно е дека сите вакцини се произведуваат во странство, но не е точно дека не се сигурни и проверени.

Всушност, истите вакцини што се примаат во цела Европа, се достапни и во С. Македонија и тоа од врвни фармацевтски компании, гиганти на светско ниво. Вакцините се проверени, ефикасни и се користат со децении, спречуваат бројни последици од болестите кои во некои случаи може и да се искоренат, доколку доволен процент од населението се вакцинира, за да се создаде колективен имунитет.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција