Скопје сè уште без управувачки систем за слободните паркинг места

Системот за паркирање ќе отстрани некои проблеми на возачите, но реализацијата сѐ уште се влечка. Фото: Вистиномер

 

ПРОЕКТ: УПРАВУВАЧКИ СИСТЕМ ЗА СЛОБОДНИ ПАРКИНГ МЕСТА

Опис на проектот: Изработка на инфоводач за слободни паркинг-места во Град Скопје. Овој проект ќе се реализира на еден од двата начина:

Сите поголеми компании со дејност паркирање ќе имаат свој инфоцентар и ќе ажурираат слободни паркинг-места и со локација и број на места ќе ги препраќаат до Центарот за управување и за контрола на сообраќај, од каде што овие информации можат да бидат проследени до светлечките сообраќајни знаци со променлива содржина или, пак,

Поставување ЛЕД на повеќе локации низ градот, кои ќе се контролираат од страна на ЈП „Градски пакркинг“ – Скопје.  (Рок: 2014-2015 година)

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

 

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, во изборната програма со која излеза на изборите во 2013 година (во делот „Паркирање“, стр.14), вети и воведување управувачки систем за слободни паркинг места во Скопје. Идејата е постојано да се следи состојбата со слободни паркинг места низ градот и потоа бројките да се прикажуваат или на светлечки сообраќајни знаци или на ЛЕД екрани на повеќе локации низ градот. Рокот што е наведен за исполнувањето на ветувањето е 2014 или 2015 година, а бидејќи веќе се приближуваме до крајот на 2016 година и преземени се многу малку мерки за да профункционира ваков систем, според методологијата на Вистиномер, ова ветување на Трајановски го сметаме за делумно исполнето.

Увидот што го стекнавме при посетата на поголемите паркинг капацитети во поширокиот центар на Скопје покажува дека информации за слободни места има на еден дел од катните гаражи, но на најголемиoт дел од останатите паркинзи, возачите што сакаат да се паркираат немаат таква можност. Според наведеното во ветувањето, системот треба да ги покрие сите позначајни паркинзи, а тоа не е случај, како што може да се утврди од посетата на паркинзите.

Рокот што Трајановски го назначи за воведувањето на овој систем истече на крајот на минатата година, а првата постапка за реализација е дури на 18 февруари годинава, кога Советот на Град Скопје ја одобрил набавката на ваков систем, за што се предвидени 12 милиони денари (195.000 евра).

Член 1
Со оваа одлука Советот на Град Скопје одобрува набавка на систем за слободни паркинг места.
Член 2
Финансиските средства за набавка на систем за слободни паркинг места се обезбедени во Основен буџет на Град Скопје за 2016 година од програма ЈЕ0, ставка 480, конто 480190, во износ од 12.000.000,00 (дванаесет милиони) денари.

Но, после 19 февруари, кога одлуката е објавена во Службен гласник на Град Скопје не најдовме информации за спроведувањето на постапката.

Поконкретна информација наоѓаме дури на 20 септември годинава, кога од напис во весникот „Дневник“ дознаваме дека системот за паметно управување и известување за паркинзите е уште во фаза на замисла. На веб-сајтот на Град Скопје во периодот од 20 септември до денеска нема информацијата дека е нешто преземено во поглед на набавка на системот.

Факт е дека Скопје е далеку од тоа да добие инфоводач за слободни паркинг места, но бидејќи формално е преземен еден чекор, односно со одлука на Советот на Град Скопје е одобрена набавка на системот (иако по истекот на дадениот рок), ова ветување на Коце Трајановски е оценето како делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Реакциите се онеспособени за овој пост