Со изменето видео на Си-ен-ен се тврди дека западните медиуми лажат

Фото: Принтскрин видео

Видеото кое стана вирално на социјалните мрежи, e монтирано за да изгледа како дописничката на Си-Ен-Е и нејзиниот тим да добиваат инструкции од режисерот да направат сцената да изгледа подраматично и поавтентично за воениот конфликт. Оригиналното видео без „инструкции“ беше споделено на платформите на Си-Ен-Ен, а таа телевизиска куќа, исто така, негираше дека новинарскиот тим добил какви било инструкции од директорот како да се однесува

Видеото кое стана вирално на социјалните мрежи, e монтирано за да изгледа како дописничката на Си-Ен-Е и нејзиниот тим да добиваат инструкции од режисерот да направат сцената да изгледа подраматично и поавтентично за воениот конфликт. Оригиналното видео без „инструкции“ беше споделено на платформите на Си-Ен-Ен, а таа телевизиска куќа, исто така, негираше дека новинарскиот тим добил какви било инструкции од директорот како да се однесува

 

 

Објава на Фејсбук споделува видео на Си-Ен-Ен за кое тврди дека прикажува како новинарите лажат и дејствуваат според режирани инструкции за да изгледа воената состојба подраматично. Нашата проверка покажа дека видеото е изменето.

Еве еден начин како западнните медиуми лажат, стои во објавата.

Под неа има видео објавено од српски Информер како дел од емисија која може да се погледне во целост на нивниот канал на Јутјуб, со наслов: „ТЕМА НА ДЕНОТ – Американците го финансираа Хамас, знаеја дека доаѓа војна!“

Водителката на емисијата претставувањето на монтираното видео го најавува вака:

Да го погледнеме само видеото на Си-Ен-ЕН од терен. Само да видиме за кое ниво се работи за манипулација со информации. Мислам дека ќе ви биде многу појасно кога ќе го погледнете ова.

На видеото се гледа како екипата на Си-Ен-Ен бега за да се засолни од бомбардирање, а истовремено се слуша машки глас кој им дава инструкции каде да трчаат и да легнат, како камерата да се фокусира на ликот на новинарката и како му вели на нејзиниот колега кој го држи телефонот, да изгледа поисплашен.

За да го нагласи машкиот глас кој дава инструкции, водителката на емисијата додава дека „звукот треба да се вклучи бидејќи бомбите не се слушаат доволно“.

Но, во оригиналната снимка објавена на Си-Ен-Ен, овој машки глас го нема. Очигледно е дека тој е дополнително монтиран, односно видеото е изменето.

Што објави CNN на 9 октомври?

На 9 октомври, Си-Ен-Ен објави видео на дописничката Клариса Вард и нејзините колеги како се кријат и трчаат за да се заштитат додека ракети се истрелани во близина на израелско-палестинската граница.

Меѓутоа, на социјалните мрежи и на интернет вирално се рашири верзија на видеото со дополнително монтиран звук, што сугерира дека дописничката и нејзините колеги добиваат инструкции од режисерот. Во оригиналното  видео, дописничката на Си-Ен-Ен, Вард се појавува вознемирена и длабоко дише, додека мажот со неа зборува на телефон и повремено гледа наоколу. Во видеото што беше споделено на Фејсбук, се слуша машки глас кој им вели на новинарите да се тргнат од патот, да легнат на страната на патот, снимателот да се приближи, да се обиде да изгледа исплашено.

Како што напиша Раскринкавање.рс, манипулативното видео првично било објавено на X профилот на The Quartering, со тврдење дека Си-Ен-Ен е фатен како го лажира нападот во Израел.

Оригиналното видео, објавено од Си-Ен-Ен (архивирано овде), не го содржи аудиото со „инструкциите“.

На социјалните мрежи беше споделено и подолго видео од истиот момент, кое вклучува снимки од чад во воздухот. Американскиот политички новинар Брајан Красенштајн сподели подолга верзија на видеото на X, фалејќи го тимот на CNN.

На 9 октомври, Си-Ен-Ен објави и подолго видео на својот канал на Јутјуб кое трае речиси девет минути со следниов опис:

Главната меѓународна дописничка на Си-Ен-Ен, Клариса Вард и нејзиниот тим беа принудени да бараат засолниште од ракети во близина на границата меѓу Израел и Газа.

Ворд во видеото (кое, исто така, не содржи никакви упатства од режисерот) објаснува зошто било потребно да се засолни, дека тимот слуша ракети и дека бројни авиони летаат над областа во која се наоѓале.

Си-Ен-Ен потврди дека видеото е лажно

Си-Ен-Ен потврди дека видеото со аудио „инструкции“ е лажно.

Аудиото во видеото поставено и споделено на платформата X е измислено, неточно и неодговорно и  погрешно ја прикажува реалноста на моментот што беше емитуван во живо на Си-Ен-Ен, рече портпаролката на медиумот, Емили Кун, пренесе Њујорк Тајмс.

За лажното видео пишуваа и бројни мејнстрим медиуми (Business InsiderNew York Times), како и порталите за проверка на фактите (AP NewsReuters Fact CheckRaskrikavanje.rsFact CrescendoSnopes, Faktograf.hr).

Од ова можеме да заклучиме дека видеото кое стана вирално на социјалните мрежи, e монтирано за да изгледа како дописничката на Си-Ен-Ен и нејзиниот тим да добиваат инструкции од режисерот да направат сцената да изгледа подраматично и поавтентично за воениот конфликт. Оригиналното видео без „инструкции“ беше споделено на платформите на Си-Ен-Ен, а таа телевизиска куќа, исто така, негираше дека новинарскиот тим добил какви било инструкции од директорот како да се однесува. Според тоа, објавата ја оценуваме како неточна.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција