Со измислени личности на интернет се рекламира препарат за драстично намалување на килограмите

Фото: Принтскрин фб пост

Во објавата се нуди наводен продукт за брзо слабеење и тоа преку неетички, лажен маркетинг, со користење на лажни фотографии. На една од фотографиите се тврди дека е прикажана извесна Надежда Начаева, поранешна вработена во македонскиот ланец на супермаркети КАМ. Но, супермаркетот во којшто е сликана оваа жена како работи на каса, воопшто не наликува на КАМ маркетите, всушност воопшто не наликува на кој било супермаркет во нашата држава. Пребарувањето на фотографијата нè доведе до сајт на украински јазик, којшто ја објавил оваа фотографија во 2017 година во комерцијален текст за ланецот на украински супермаркети АТБ

Во објавата се нуди наводен продукт за брзо слабеење и тоа преку неетички, лажен маркетинг, со користење на лажни фотографии. На една од фотографиите се тврди дека е прикажана извесна Надежда Начаева, поранешна вработена во македонскиот ланец на супермаркети КАМ. Но, супермаркетот во којшто е сликана оваа жена како работи на каса, воопшто не наликува на КАМ маркетите, всушност воопшто не наликува на кој било супермаркет во нашата држава. Пребарувањето на фотографијата нè доведе до сајт на украински јазик, којшто ја објавил оваа фотографија во 2017 година во комерцијален текст за ланецот на украински супермаркети АТБ

 

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук се нуди производ, со којшто наводно за кратко време може да симнат голем број вишок килограми. Во рамките на објавата е споделена фотографија од некаква смеса во која се истура течност од стаклено шише кока-кола, а на самата фотографија пишува:

Дали тежиш над 80? Дали сакате да тежите 50? Еве еден едноставен начин: изедете 100 грама пред спиење…

Бидејќи реченицата завршува со три точки, ги наведува корисниците на социјалните мрежи да кликнат на линкот кој води до веб-страница на којашто има текст кој почнува ударно и сензационалистички:

СПЕЦИЈАЛЕН ИЗВЕШТАЈ: Надежда Нечаева, поранешна вработена во супермаркетот “KAM”, сега не ја препознаваат колегите, па дури и роднините! На 40-годишна возраст, таа целосно го промени својот живот-се омажи за богат странец, се смени, стана помлада и ослабе!

Овој наводен продукт за брзо слабеење е презентиран и нуден на потрошувачите преку неетички, лажен маркетинг, со користење на лажни фотографии за да се потенцира ефикасноста на продуктот. Притоа текстот е полн со јазични и граматички грешки и остава впечаток како да е брз и лош превод од некој друг јазик.

На почетокот на текстот се зборува за извесна Надежда Начаева која е претставена како поранешна вработена во македонскиот ланец на супермаркети КАМ. Во текстот таа е претставена како личност без самодоверба поради вишокот на килограми, но како што пишува, откако започнала да го консумира производот што се нуди – Quick Fit, ослабела дури 25 килограми за четири недели и животот и се променил на подобро.

Меѓутоа, оваа личност која во текстот е претставена и со фотографија, не е ниту Македонка, ниту некогаш работела во македонскиот маркет КАМ, чиешто име многу очигледно се злоупотребува.

Супермаркетот во кој што е сликана оваа жена како работи на каса воопшто не наликува на КАМ маркетите, всушност воопшто не наликува на кој било супермаркет во нашата држава. Иако на нејзината униформа се гледа логото на КАМ, тоа е фотошопирано односно додадено и го нема во оригиналната фотографија. Пребарувањето на фотографијата нè доведува до сајт на украински јазик, којшто ја објавил оваа фотографија во 2017 година во комерцијален текст за ланецот на украински супермаркети АТБ. На оригиналната фотографија се гледа логото на овој супермаркет на местото каде што во текстот спорелен во објавата е фотошопирано логото на КАМ маркети.

Потоа во текстот е претставен извесен доктор, именуван како Александар Шевченко и кој преку кратко интервју зборува за придобивките од овој наводно чудесен производ. Пребарувањето на неговата фотографија нè доведе до сајт на руски јазик од каде што можеме да заклучиме дека тој воопшто не е Александар Шевченко, туку е психотерапевт и психијатар по име Јури Полјаков.

Во написот од Фејсбук објавата, исто така, има и препораки од лица кои лажно се претставени како да се корисници на овој препарат со кој наводно постигнале успех. Овие личности се прикажани со фотографии и со македонски имиња. Но, тие ниту се од С. Македонија, ниту пак, ослабеле со помош на овој препарат. Дури има и машко име и презиме кое е напишано под фотографија од жена. Па така, фотографијата која што наводно ја претставува 32-годишната Катерина Јосифовска, всушност е Алвина Рајан од Филаделфија за којашто се пишувало уште во 2016 година.

За крајна манипулација на корисниците на социјалните мрежи дури има и измислени коментари од ботови кои ги споделуваат „позитивните ефекти“ за овој производ.

Овие капсули во земјава се продаваат само онлајн. Овој препарат го нема во аптеките, само на интернет, каде се продаваат по наводно намалена цена со попуст, но не се кажува колкав е попуст и која му е цената. Препаратот за слабеење кој се рекламира го нема ниту во регистарот на лекови одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД.

Одржливо губење на тежината се постигнува преку комбинација на здрава исхрана, редовно вежбање и модификации на животниот стил, а не со разни капсули, препарати и рецепти за брзо слабеење. Секогаш консултирајте се со здравствен работник пред да внесете нови супстанции во вашата исхрана, особено ако имате некои здравствени состојби или доколку земате лекови.

Неетички е да се манипулираат граѓаните за да се продава каков било препарат со измислени препораки и фотошопирани фотографии. Ова е типична онлајн измама која го користи незадоволството на луѓето од сопствениот физички изглед, со цел да ги намами да потрошат пари за да купат наводен производ со кој драстично ќе ги намалат килограмите за многу кратко време.

Поради наведените факти ова го сметаме за измама и го оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција