Со невистинити проруски наративи се оправдува руската воена инвазија на Украина

Фото: Принтскрин видео

Во видеото споделено во оваа објава на Фејсбук контроверзната новинарка која со години е воен кореспондент, Лара Логан презентира мноштво непотврдени тврдења, кои се на иста линија со наративот кој ја оправдува руската инвазија врз Украина.  Магазинот Њујорк објави дека нејзините врски со војската понекогаш ја преминуваа линијата на професионализмот. Нејзиното име се споменува како еден од протагонистите кои шират дезинформации за непостоечката програма за биолошко оружје

Во видеото споделено во оваа објава на Фејсбук контроверзната новинарка која со години е воен кореспондент, Лара Логан презентира мноштво непотврдени тврдења, кои се на иста линија со наративот кој ја оправдува руската инвазија врз Украина.  Магазинот Њујорк објави дека нејзините врски со војската понекогаш ја преминуваа линијата на професионализмот. Нејзиното име се споменува како еден од протагонистите кои шират дезинформации за непостоечката програма за биолошко оружје

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

28.09.2023 
Real Americas Voice tv.
 Путин чисти биолабаратории во Украина и апси АЗОВ нацисти кои убиваат невино население, под заштита од САД. Вмешани Џо и Хантер Бајден…и други елитни личности.

Во видеото се појавува контроверзната новинарка која со години е воен кореспондент, Лара Логан и во своето излагање изнесува невистинити факти, како на пример (на 1 минута и 54 секунди во видеото) кажува дека Владимир Путин тргнал на биолабораториите во Украина. На 2 минута и 30 секунда во видеото кажува дека Азов баталјонот е финансиран од САД и НАТО, како и дека Крим гласал за независност зашто Азов баталјонот убивал во Украина.

На 3 минута и 40 секунда Логан вели дека западна Украина ги поддржуваше нацистите

На 4 минута кажува дека има долга историја во која САД финансира наоружување на нацисти во Украина. На 4 минута и 20 секунда од видеото Логан вели дека САД ја спонзорирал револуцијата во Украина во 2013 година и 2014 година.

Потоа Логан на 6 минута и 40 секунда од видеото вели дека Зеленски е марионета, дека е избран од некој друг и поставен за претседател на Украина и дека „поради изборни нерегуларности насекаде во светот не знаеме колку од лидерите се навистина избрани од граѓаните а колкумина поставени“.

Логан презентира мноштво непотврдени тврдења кои се на иста линија со наративот кој ја оправдува руската инвазија врз Украина. За време на ковид пандемијата новинарката Логан го спореди американскиот водечки епидемиолог доктор Ентони Фаучи, со Менгеле, нацистичкиот доктор кој спроведувал експерименти врз затвореници во Аушвиц.

Магазинот Њујорк објави дека нејзините врски со војската понекогаш ја преминуваа линијата на професионализмот. За време на војната во Ирак таа влезе во врска со нејзиниот сегашен сопруг, кој работел за фирма најмена од владата да турка медиумски приказни провојската. Исто така, била отпуштена од работна позиција откако почнала да шири теории на заговор од дијапазонот на Кју Анон. Нејзиното име се споменува како еден од протагонистите што шират дезинформации за непостоечката програма за биолошко оружје, а во тоа го вмешувала и Фаучи.

Тврдењето дека Володимир Зеленски е поставен недемократски односно дека е одбран од моќници, како и неговото претставување како да е марионета, исто така, е ширење дезинформации во рамки на веќе добропознатата пропагандистичка идеја, според која граѓаните на Украина не ја избираат демократски власта, туку таа им е наметната. Што, се разбира, не е точно со оглед на тоа што грѓаните на Украина на сосема легитимни избори го изгласаа Володимир Зеленски за свој претседател. Исто така, ова е навреда за граѓаните на Украина, кои имаат и политичка волја и политичко расудување кое го демонстрираат на демократски избори.

Лара Логан во своето излагање кажува дека „спасот од украинскиот нацизам“ е клучната причина за референдумот за независност на Крим кој се одржа во 2014 година и дека отцепувањето и припојувањето кон Русија во таа смисла било оправдано, а доказ бил Азов со своите злосторства во Донбас. Баталјонот Азов како воена единица е основан во мај 2014 година. Како што наведува Ал Џезеира, се работи за екстремна десничарска воена единица, чии членови се ултранационалисти кои се обвинувани за идеологијата блиска на супремација на белата раса. Единицата е создадена како доброволна група предводена од Андрија Билетски, а сочинета е од ултранационалистичка група „Патриоти на Украина“ и неонацистичка група. Како што пишува Ал Џезеира и двете групи имаат неонацистички и ксенофобични идеали и физички напаѓале мигранти, Роми и дгуги луѓе. Како баталјон групата се борела против проруските сепаратисти во Доњецк во источна Украина, еден од двата главни региона што Путин им ја призна независноста. Но, нацистичките групи кои постојат во модерна Украина, како и во други европски земји, немаат влијание врз парламентот, не се во владата и не може да бидат оправдување за инвазијата на Русија врз Украина. Во извештајот за манипулација со странски информации и закани од мешање од страна, Европската служба за надворешни работи пишува дека еден од најчесто употребуваните наративи е дека „Украина е наци и терористичка држава“ и дека поддржува такви групи.

Вистиномер претходно пишуваше за теоријата на заговор која се шири од приврзаници на Кју Анон, дека „војната во Украина е чистење сатанисти“.

Кога вели дека Русија ги таргетирала прво лабораториите за биолошко оружје, наративот на Логан е еквивалентен со оној на руската страна која ја промовира тезата дека овие лаборатории се закана, а дека зад нив наводно стои САД. Приказните за „американски лаборатории за биолошко оружје“ се објавуваат на интернет уште од 2015 година, а во контекст на војната во Украина беа оживеани. Но, не постојат докази дека САД финансира развој на биолошко оружје во Украина. Како што пишува Би Би Си, во Украина постојат неколку лаборатории за јавно здравје кои работат на истражување и отстранување на опасности од опасни болести.

Некои од овие лаборатории добивале финансиска поддршка од САД, ЕУ и СЗО како што било случај и со други земји. Во деведесеттите години САД почнаа програма за намалување на биолошката опасност (Biological threat reduction program), со намера да се намали ризикот од биолошко оружје во останатите земји после распадот на Советскиот Сојуз, вклучително и во Украина.

Во рамките на таа програма одредени лаборатории во Украина добиваа поддршка од САД за модернизација и опрема, но со нив не управува САД. Роберт Поуп, директорот на кооперативната програма за отстранување на опасност (Cooperative threat reduction program), изјави дека со овие лаборатории управува самата Украина.

Американското Министерство за одбрана работи во партнерство со украинското министерство за здравство од 2005 година на унапредување на лабораториите за јавно здравје во таа земја. САД пружа техничка поддршка и соработува на сузбивање на опасноста од избивање на намерни случајни или природни светски заразни болести, но не постојат докази дека работат на производство на биолошко оружје како што тврди руската страна, а пренесува Лара Логан. Американското министерство за одбрана во јануари соопшти дека програмата има за цел токму спротивно – да ја намали опасноста од биолошкото оружје.

Во своето излагање Логан го опишува претседателот на Украина, Зеленски како марионета која игра во потпетици, со што го претставува како несериозна личност, бидејќи пред да стане претседател бил комичар. Логан изнесува невтемелено во фактите тврдење дека револуцијата во 2013 и 2014 година била финансирана од ЦИА и дека Зеленски е „наместен“, а не избран на демократски избори.

Затоа морате навистина да се запрашате, кога знаете дека ЦИА ја спонзорираше „обоената револуција“ во Украина во 2013 и 2014 година, дека тие ги одбраа и украинските лидери. И Зеленски е наместен како многу наши лидери и искрено, со технологија и изборните измами ширум светот не можеме да знаеме колку од лидерите се навистина избрани на избори а колкумина се наместени, вели Логан.

Не е точно дека ЦИА е спонзор на револуцијата т.е мајданските протести во 2014 година и Вистиномер веќе пишуваше за тоа.

Евромајдан – бранот демонстрации, граѓанска непослушност, бунтови и вооружени судири букнаа ноќта на 21 ноември 2013 година, кога украинските граѓани започнаа со протести во Киев. Претходниот ден, владата на Украина ги суспендираше подготовките за потпишување на Договорот за асоцијација и Договорот за слободна трговија со Европската Унија и тоа претставува причината за протестите. Протестите продолжија и покрај засиленото полициско присуство, а својата поддршка ја дадоа и студентите. На 30 ноември владините сили вршеа насилство врз демонстрантите, што предизвика протестите да се зголемат во обем и да достигнат над 1.5 милиони демонстранти.

Голем број светски медиуми и меѓународни институции и органаизации ги претставуваат настаните од Евромајдан како најголемиот проевропски бунт во историјата на Украина. На 30 март 2012 година ЕУ и Украина го потпишаа Договорот за асоцијација. Но, договорот не беше ратификуван, бидејќи Украина доби насоки да работи на влошената демократија и владеење на правото во државата.

На 21 ноември 2013 година  со декрет од украинската влада беа суспендирани подготовките за потпишување на Договорот за асоцијација. Официјалната причина е дека „претходните месеци Украина доживела пад на индустриското производство“. Владата на Украина тврдеше дека ќе продолжи со подготвувањето на договорот кога падот на индустриската производство ќе бидат компензирани од европскиот пазар.

Тогашниот украински претседател Виктор Јанукович престојуваше на ЕУ самитот, кој се одржуваше на 28-29 ноември 2013 година во Вилнус, Литванија, каде требаше да биде потпишан Договорот за асоцијација и трговска размена, но договорот не беше потпишан. Фајненшл Тајмс напиша дека протестите во 2013 г. беа „спонтани, предизвикани од социјалните мрежи и ја фатија украинската опозиција неподготвена” за разлика од нивните противници.

Според историчарот од Лавов, Јарослав Хрицак, ова претставуваше:

Револуција на генерацијата која може да се нарече модернистичка за украинската независност, револуција на млади луѓе кои се многу образовани, луѓе кои се активни на социјалните мрежи, кои се мобилни и 90 проценти имаат факултетска диплома, но немаат иднина.

Според него, младите Украинци имаат ист карактер како младите Италијанци, Чеси, Полјаци или Германци и драстично се разликуваат од Украинците кои се над 50-годишна возраст.

Оваа генерација има голема желба за европска интеграција и само неколку регионални поделби за разлика од постарите, смета тој.

Демонстрациите кои почнаа во Киев во ноември 2013 година беа резултат на незадоволството на Украинците кон поранешниот претседател Јанукович, односно неговата одлука во последен момент да ја смени насоката и после 7 години преговарања да не го потпише договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ. Како резултат на рускиот притисок тоа го запре напредокот на приближувањето на Украина кон ЕУ.

Јанукович заврши во бегство, по што преодна влада ги презема работите во свои раце. Тогаш војници без државни обележја го окупираа Крим и поставија знамиња на Русија. По референдумот, кој не е признаен од меѓународната заедница, Руската Федерација го анектираше Крим.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција