Со злоупотребени фотографии и измислени лекари се рекламира чај што „лекува“ седум болести

На фотографијата којашто се споделува во постот е познатиот кардиохирург, научник, претседател на  Бакулев медицински истражувачки центар за кардиоваскуларна хирургија  во Москва, Лео Антонович Бокерија. Неговата фотографија е злоупотребена при што тој е претставен како извесен Леонард Сараци. Во текстот, пак, споделен во постот има слика од друг лекар претставен како Ристо Новаковски, за кој се вели дека е пензиониран кардиолог кој има 97 години и го препорачува „волшебниот“ чај. Ама таков доктор кардиолог во пензија во земјава нема, ликот на овој доктор во написот е целосно измислен. Ако се провери фотографијата од наводниот д-р Новаковски на Google images ќе се види дека истата фотографија ја користат и други измамнички веб-портали за лажни реклами

На фотографијата којашто се споделува во постот, е познатиот кардиохирург, научник, претседател на  Бакулев медицински истражувачки центар за кардиоваскуларна хирургија во Москва, Лео Антонович Бокерија. Неговата фотографија е злоупотребена при што тој е претставен како извесен Леонард Сараци. Во текстот, пак, споделен во постот, има слика од друг лекар претставен како Ристо Новаковски, за кој се вели дека е пензиониран кардиолог кој има 97 години и го препорачува „волшебниот“ чај. Ама таков доктор кардиолог во пензија во земјава нема, ликот на овој доктор во написот е целосно измислен. Ако се провери фотографијата од наводниот д-р Новаковски на Google images ќе се види дека истата фотографија ја користат и други измамнички веб-портали за лажни реклами

 

 

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук во кој со злоупотребени фотографии од лекари и измислени ликови претставени како кардиолози се продава чај, кој наводно лекува висок притисок и срцеви болести. Ова е измама.

Во објавата стои:

Следете ја врската за да ја дознаете тајната!

Се нуди чај Hypertea, а се споделува фотографија со лик од лекар и под неа пишува:

Леонард Сараци: Не го убивајте срцето со хемија, ако притисокот е над 140/80 варете чај.

Доколку се следи линкот се отвора текст на веб-портал каде има слика од друг лекар. Ликот е претставен како Ристо Новаковски, за кој се вели дека е пензиониран кардиолог, кој има 97 години и го препорачува чајот. Се плете цела приказна со измислено интервју,  дека чајот што се нуди лекува седум болести за седум недели.

Во написот меѓу другото пишува дека:

За само 7 недели чајот ги регенерира крвните садови, така што притиоскот ќе ви биде 120/80 наредните 5 години.

За да се намамат повозрасните граѓани се нуди и посебен попуст за пензионерите.

Во текстот се вели:

Акции за пензионерите во општините!

Во 5 општини благодарение на субсидии чајот “Hypertea” може да се нарача бесплатно. Тоа е мерка за превенција на болестите. Акциите се наменети на лицата постари од 47 години кои живеат во општините со зголемени епидемиолошки показатели.

Во написот уште се додава дека редовнта цена на едно пакување на чајот е 2.400 денари.

Но, сето ова е типична онлајн измама.

Најпрво, на насловната фотографија којашто се споделува во постот е  познатиот руски кардиохирург, научник, претседател на  Бакулев медицински истражувачки центар за кардиоваскуларна хирургија  во Москва, Лео Антонович Бокерија.  Но, во постот неговата фотографија е злоупотребена, при што тој е претставен како извесен Леонард Сараци.

Понатаму, Ристо Наваковски, наводно претставениот доктор кардиолог, по името и презимето треба да биде Македонец. Таков доктор кардиолог во пензија во земјава нема. Ликот на овој доктор во написот е целосно измислен. Ако се провери фотографијата од наводниот д-р Новаковски на Google images ќе се види дека истата фотографија ја користат и други измамнички веб-портали за лажни реклами.

На пример, на еден портал истиот лик со истата фотографија е претставен како руски кардиолог Рустам Каримов. Но, таму не се продава чајот туку некои таблети, за кои се тврди дека наводно лекуваат срцеви заболувања.

Исто така, лекар кардиолог Ристо Новаковски не постои во шифраникот на лекари специјалисти во земјава. Неговото име не се појавува ниту кога ќе се пребара на Гугл.

За да биде измамата уште поверодостојна под текстот има коментари со измислени имиња од граѓани кои наводно се излекувале од многу болести токму поради „чудесниот“ чај кој се продава.

Воедно под текстот се нуди и наградна игра за освојување на попуст. И можност чајот да се добие потполно бесплатно. Но, се разбира и тоа е измама.

Во целото интервју во кое лажни лекари препорачуваат чај кој волшебно лекува седум болести меѓу кои и високиот крвен притисок, нема состав на чајот, ниту е наведена фирмата производител.

Има само една реченица:

“Hypertea” не содржи хемикалии, а содржи само екстракти со голема концентрација од оние растенија што придонесуваат за прочистувањето на крвните садови.

Не пишува какви екстрати, какви растенија, кои билки. За ефикасноста на овој чај, којшто се рекламира на неколку веб и фејсбук страници,  нема ниту официјални истражувања, ниту какви било докази.

Пред две години во 2021 година, американски доктор беше претставен како 109-годишен кардиолог од Македонија и го рекламираше истиот чај Хипертеа. За оваа измама пишуваше Вистиномер.

Со овие постови во кои се прикажани непостоечки лекари со лажен идентитет, или се злоупотребени фотографии од кардиолози, измамниците се обидуваат да ги намамат луѓето да веруваат дека купуваат чудотворни лекови.

Поради изнесените факти овој пост го оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција