СЗО не го забранило земјоделството ширум светот

Фото: Принтскрин видео

Во објавата невистинито се тврди дека Светската здравствена организација под превезот на глобалното затоплување ќе забрани земјоделие, месо и млечни производи за да се изгладнуваат луѓето и да се намали светската популација, Но, кога ќе се прочита декларацијата која ја имаат потпишано повеќе од 130 држави, меѓу кои и Северна Македонија, се доаѓа до заклучокот дека тоа кон што цели декларацијата е подобрување на одржливоста на земјоделието, заштита на земјоделците, трансформација на земјоделието во согласност со барањата кои ги поставуваат климатските промени, а никако за искоренување на земјоделието, или пак, на месото и млечните производи

Во објавата невистинито се тврди дека Светската здравствена организација под превезот на глобалното затоплување ќе забрани земјоделие, месо и млечни производи за да се изгладнуваат луѓето и да се намали светската популација, Но, кога ќе се прочита декларацијата која ја имаат потпишано повеќе од 130 држави, меѓу кои и Северна Македонија, се доаѓа до заклучокот дека тоа кон што цели декларацијата е подобрување на одржливоста на земјоделието, заштита на земјоделците, трансформација на земјоделието во согласност со барањата кои ги поставуваат климатските промени, а никако за искоренување на земјоделието, или пак, на месото и млечните производи

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

24.01.2024
СЗО ѝ нареди на Владата да го забрани земјоделството ширум светот за да ја спаси планетата.
Светската здравствена организација (СЗО) ги повика светските влади да го забранат земјоделството со цел да ја спасат планетата од таканареченото „глобално вриење“.
Новата декларација на генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, откри дека глобалистите тајно заговараат да изгладнуваат луѓе како дел од планот за намалување на светската популација.
СЗО ќе го направи ова под превезот на борба против „климатските промени“. Според СЗО, забраната за месо и млечни производи е првиот чекор неопходен за постигнување на нивната радикална цел.

Во склоп на објавата се споделува видео на кое се наоѓа генералниот директор на СЗО, доктор Тедрос Аданом Гебрејесус кој во исечениот дел од којшто се споделува вели:

Системите за исхрана го загрозуваат здравјето на луѓето и придонесуваат за повеќе од 30 проценти од емисијата на стакленички гасови. Затоа трансформацијата на системите за храна е суштинска. И тоа преку префрлување на поздрава, разновидна и исхрана базирана на повеќе растенија. Ако системите за исхрана доставуваат здрава храна за сите би можеле да спасиме 8 милиони животи годишно. СЗО е посветена да ги поддржи земјите да развијат и имплементираат политики за подобрување на исхраната и борбата против климатските промени. Затоа сум презадоволен што над 130 земји ја потпишаа Декларацијата на COP 28 за климата и здравјето. Заедно можеме да го заштитиме и промовираме здравјето и на луѓето и на планетата. 

Вистиномер го пронајде целиот видеоматеријал од неговото излагање овде.

COP 28 е Конференција на Обединетите нации за климатски промени на која е потпишана Декларацијата за климата и здравјето која може да ја прочитате овде.

Од Декларацијата може да се види дека СЗО воопшто не ги повикала светските влади да го забранат земјоделството поради глобалното затоплување, како што тоа невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Во Декларацијата, меѓу другото пишува дека „земјоделството и системите за храна се фундаментални за животите и живеачката на милијарди луѓе, вклучително семејни фармери, рибари, мали претприемачи“ и дека „сите патишта за целосно постигнување на целите на Парискиот договор мора да го вклучат земјоделството и системите за храна“.

Потврдуваме дека земјоделството и системите за храна мора итно да се адаптираат и трансформираат за да се одговори на императивите на климатските промени, пишува во Декларацијата.

Целите на кои земјите се обврзуваат да работат се однесуваат на адаптација и отпорност за да се намали ранливоста на сите земјоделци, рибари и други производители на храна од влијанијата на климатските промени, вклучително и преку финансиска и техничка поддршка за решенија, градење капацитети, инфраструктура и иновации, вклучувајќи системи за рано предупредување, кои промовираат одржлива безбедност на храната, производството и исхраната, додека се заштитува, зачувува и обновува природата. Со Декларацијата се промовира безбедноста на храната и исхраната преку зголемување на напорите за поддршка на ранливите луѓе преку пристапи, како што се системи за социјална заштита и безбедносни мрежи, програми за исхрана во училиштата и јавни набавки, насочени истражувања и иновации и фокусирање на специфичните потреби на жените, децата и младите, домородните народи, малите стопанственици, семејните фармери, локалните заедници и лицата со попреченост.

Целта на Декларацијата е и поддршка на работниците во земјоделството, за одржување на инклузивна, пристојна работа, како и да се зајакне управувањето со водата во системите за земјоделство на сите нивоа за да се обезбеди одржливост и да се намалат негативните влијанија врз заедниците.

Со Декларацијата целта е и да се максимизираат климатските и економските придобивки, а да се намалат штетните влијанија поврзани со земјоделството. Се цели да се заштитат и обноват земјиштето, да се подобрува здравјето на почвата и да се префрлат земјоделците од практики со висока емисија на стакленички гасови на поодржливи пристапи за производство, како и да се намали загубата на храна и да се промовира одржлива храна.

За да ги постигнеме овие цели според нашите сопствени национални околности се обврзуваме да ја забрзаме интеграцијата на системите за земјоделство и храна во нашата климатска акција и истовремено да ги вклучиме климатските активности во нашите политички агенди и активности поврзани со земјоделството и системите за храна, пишува во Декларацијата.

За да се остварат овие цели, земјите потписнички се заложуваат да го подобруваат пристапот до финансии, јавно приватните партнерства, за да се прилагодат и трансформираат земјоделските и прехранбените системи како одговор на климатските промени. Земјите, исто така, ќе ја забрзаат науката и иновациите засновани на докази вклучително и локалното автохтоно знаење, кои ја зголемуваат продуктивноста и производството во земјоделството, вклучително и за руралните заедници, малите стопанственици, семејните фармери и за другите производители.

Исто така, земјоделството ќе се интегрира во националните планови за адаптација, во долгорочните стратегии, во националните стратегии за биолошка разновидност и други сродни стратегии.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

СЗО не го забранила земјоделието, туку напротив, со Декларацијата која ја потпишале бројни држави вклучително и Северна Македонија, се подобрува земјоделието во контекст на климатските промени со цел да се заштитат и земјоделците и производите и климата. Не е вистина ни наведеното дека СЗО ќе ги изгладнува луѓето за да ја намали светската популација. Напротив, со оваа иницијатива се цели исхраната да биде одржлива, што значи дека СЗО се грижи за тоа процесот на производство да се оптимизира без да се намали производствениот аутпут, односно без да се намали ефикасноста на системите кои ги снабдуваат луѓето со земјоделски производи. Што се однесува на објавеното дека СЗО ќе забрани месо и млечни производи за остварување на својата радикална цел, тоа е лага. СЗО има направено извештај за црвеното месо и процесираното месо којшто може да се види овде, но во него нема никакви препораки за консумација, ниту пак, се најавува забрана.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција