Техномаркет не доделува 350 фрижидери ако искоментирате ,,честитки”

Фото: Принтскрин ФБ пост

Лажна Фејсбук страница го злоупотребува брендот името и логото на „Техномаркет“ и ги мами корисниците на Фејсбук дека ќе им додели 350 фрижидери со гребнатинки, доколку искоментираат ,,честитки”. Ова не е вистина. „Техномаркет“ има своја официјална Фејсбук страница со 180 илјади следбеници, официјални контакти, летоци, промоции, секојдневна комуникација со клиентите. На лажната страница, пак, има само една објава без никакви дополнителни информации

Лажна Фејсбук страница го злоупотребува брендот името и логото на „Техномаркет“ и ги мами корисниците на Фејсбук дека ќе им додели 350 фрижидери со гребнатинки, доколку искоментираат ,,честитки”. Ова не е вистина. „Техномаркет“ има своја официјална Фејсбук страница со 180 илјади следбеници, официјални контакти, летоци, промоции, секојдневна комуникација со клиентите. На лажната страница, пак, има само една објава без никакви дополнителни информации

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува следното:

Со гордост објавуваме дека ќе донираме 350 фрижидери кои не можат да се продадат поради лесни гребаници бидејќи се уште се во добра состојба. Па ќе го дадеме по случаен избор на некој што напишал „ЧЕСТИТКИ“.

Објавата е споделена од Фејсбук група која што не припаѓа на Техномаркет, ланец на маркети за техника и електроника, кој е злоупотребен за да се шири оваа вирална објава која во моментот на рецензирањето има 590 споделувања, 1.600 коментари и 400 допаѓања.

Станува збор за Фејсбук страница која што го злоупотребува името, брендот и логото на „Техномаркет“ и тоа е видливо од повеќе елементи. Прво, фактот што ова е единствената објава на страницата, укажува дека таа не е веродостојна. Понатаму, во објавата се искористени односно злоупотребени фотографии од фрижидери коишто се земени од интернет за да се креира веродостојност, а всушност се фотографии кои не претставуваат производи кои ќе бидат доделени на некој што ќе искоментира „честитки”.

Во делот за коментарите под објавата, од лажната страница се прави пресија врз корисниците на Фејсбук објавата да ја споделуваат во што поголем број на групи и така таа да добие што поголема виралност и атракција.

Во истите коментари се сугерираат услови кои ја откриваат единствената цел на објавата, а тоа е да се донесат што поголем број на допаѓања и следачи на лажната Фејсбук страница, со цел таа подоцна да се користи за други намени, меѓу кои, едната можност е да се преименува и да се продаде за да ја користи некој бизнис.

Покрај бројните елементи што сугерираат на невистинитоста и неверодостојноста на објавата, е и тоа што се дава ветување „дека ако ја освоите наградата ќе бидете исконтактирани во приватна порака”. На таков начин, всушност креаторот на оваа лажна страница, ја одбегнува опасноста јавно да ги објави наводните добитници на наградите, затоа што тие не постојат.

Во делот од страницата каде се оставаат рецензии, повеќе граѓани алармирале дека станува збор за лажна страница, но тоа не ја намалува виралноста на објавата и измамата за повеќе кликови, допаѓања и споделувања.

За разлика од вистинската страница на „Техномаркет“, каде се оставени сите генералии, контакти, се споделуваат летоци со производите, акциите има адреса и контакт телефон, на оваа неверодостојна страница, нема никаков контакт. Веродостојната страница на „Техномаркет“ може да ја погледнете овде, има 180 илјади лица што ја следат и огромен број на објави за производите кои се нудат, но нема објава како оваа што ја рецензираме.

Еден од показателите кои на корисниците на социјалните мрежи би требало да им укаже на сомнеж за наградната игра, е кога се споделува текст дека се подарува оштетена стока. Маркетите, вообичаено тоа маркетите не го прават. Дополнително, доколку стануваше збор за реална наградна игра, резултатите не би биле споделувани приватно во пораки, туку јавно, а би имало и правила за наградната игра срочени во документ. Премногу лесни наградни игри со скапи подароци, би требало да преставуваат основа за сомнеж кај корисниците на Фејсбук, за тоа дека некој ги злоупотребува за да ѝ донесе репутација и поголема виралност на својата страница.

Секогаш проверувајте дали страницата од која доаѓа наградната игра е официјалната страница на бизнисот кој ја промовира, дури и ако на насловната фотографија се наоѓа логото на брендот. Во овој случај, фотографија со логото на Техномаркет е украдена и неовластено споделена за да се добие лажна импресија дека страницата е вистинита.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Техномаркет не доделува 350 фрижидери ако искоментирате „честитки”.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција