Техномаркет не доделува 350 машини за перење ако напишете ,,честитки”

Фото: Принтскрин ФБ пост

Лажна Фејсбук страница го злоупотребува брендот името и логото на „Техномаркет“ и ги мами корисниците на Фејсбук дека ќе им додели 350 автоматски машини за перење со гребнатинки, доколку искоментираат „честитки“. Ова не е вистина. „Техномаркет“ има своја официјална Фејсбук страница со 180 илјади следбеници, официјални контакти, летоци, промоции, секојдневна комуникација со клиентите. На лажната страница, пак, има само една објава без никакви дополнителни информации

Лажна Фејсбук страница го злоупотребува брендот, името и логото на „Техномаркет“ и ги мами корисниците на Фејсбук дека ќе им додели 350 автоматски машини за перење со гребнатинки, доколку искоментираат „честитки“. Ова не е вистина. „Техномаркет“ има своја официјална Фејсбук страница со 180 илјади следбеници, официјални контакти, летоци, промоции, секојдневна комуникација со клиентите. На лажната страница, пак, има само една објава без никакви дополнителни информации

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Со гордост објавуваме дека ќе донираме 350 автоматски машини за перење кои не можат да се продадат поради мали гребнатинки бидејќи се уште се во добра состојба. Па ќе го дадеме по случаен избор на некој што напишал „ЧЕСТИТКИ“.

Во склоп на објавата има фотографии од машини за перење. Објавата е исклучително вирална и во моментот на нашата рецензија има над 270 споделувања, 250 допаѓања и речиси 750 коментари. Меѓутоа, таа не е веродостојна, наградната игра е измислена, а целта е да се промовира лажната Фејсбук страница во што повеќе групи и на што поголем број места на Фејсбук, за страницата да добие поголема интеракција, односно посетители и луѓе кои ќе ја заследат. Оваа тактика честопати ја користат оние што ги злоупотребуваат брендовите кои се добропознати и етаблирани, за на тој начин да соберат што поголем број следачи на лажната група. Во делот за коментарите под објавата од лажната страница се прави пресија врз корисниците на Фејсбук да ја споделуваат објавата во што поголем број на групи.

Постојат повеќе фактори кои на корисниците на социјалните мрежи треба да им сигнализираат дека оваа објава е лажна. Првиот е тоа што е премногу добра за да биде вистинита. Исто така, објавата е правена по „шаблон“, односно и во минатото на социјалните мрежи се споделувани слични лажни наградни игри каде се тврди дека бела техника ќе биде донирана поради ,,мали гребнатинки”. Кога се споделува текст дека се подарува оштетена стока, тоа на корисниците на социјалните мрежи веднаш би требало да им укаже на сомнеж за наградната игра. Маркетите, вообичаено тоа не го прават.

Понатаму, страницата од која се споделува оваа објава, воопшто не е официјалната страница на компанијата „Техномаркет“. Украдена е фотографија со логото на „Техномаркет“ и фотографии од интернет за да се наведат корисниците на социјалната мрежа Фејсбук да поверуваат дека се на официјалната страница на „Техномаркет“, што не е случај. На Фејсбук страницата од која се споделува лажната наградна игра ова единствена објава. Потоа, нема оставено податоци за адреса, телефонски број, нема седиште на компанијата, нема долгорочна комуникација со клиентите, ниту пак, се споделуваат класичните промоции, продажни акциски цени итн. Официјалната страница на „Техномаркет“ има 180 илјади следачи и постојана комуникација, споделување на акциски цени, фотографии од производите, а споделени се и опсежни контакт информации, вклучително и телефонски број.

Дополнително, доколку стануваше збор за реална наградна игра, би имало и правила за наградната игра срочени во документ. Премногу лесни наградни игри со скапи подароци, би требало да претставуваат основа за сомнеж кај корисниците на Фејсбук, за тоа дека некој ги злоупотребува за да ѝ донесе репутација и поголема виралност на својата страница.

Во делот од страницата каде се оставаат рецензии, повеќе граѓани алармирале дека станува збор за лажна страница, но тоа не ја намалува виралноста на објавата и измамата за повеќе кликови, допаѓања и споделувања.

Секогаш проверувајте дали страницата од која доаѓа наградната игра е официјалната страница на бизнисот кој ја промовира, дури и ако на насловната фотографија се наоѓа логото на брендот. Во овој случај, фотографија со логото на „Техномаркет“ е украдена и неовластено споделена за да се добие лажна импресија дека страницата е вистинита.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Не е точно дека „Техномаркет“ доделува 350 машини за перење ако напишете ,,честитки”.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција