Тенденциозни напади дека Зеленски ја забранил опозицијата, ја угнетува црквата, одбива да одржи избори

Фото: president.gov.ua

Постот го обвинува украинскиот претседател Володимир Зеленски за репресија на медиумите, јазикот, црквата и дека не сака да одржи избори, но вистината е дека украинскиот Устав не дозволува за време на воена состојба да се одржуваат избори. Кога се тврди дека Зеленски „ја забранил опозицијата”, се пропушта да се каже дека таа опозиција е поврзана со Русија и дека тие партии се забранети во Украина, поради  воената инвазија на Русија врз Украина. Исто така,  познато е дека во украинската црква Московска патријаршија се шири руска пропаганда, дека се покриваат активности на непријателски служби и дека се регрутираат руски агенти.

Постот го обвинува украинскиот претседател Володимир Зеленски за репресија врз медиумите, јазикот, црквата и дека не сака да одржи избори, но вистината е дека украинскиот Устав не дозволува за време на воена состојба да се одржуваат избори. Кога се тврди дека Зеленски „ја забранил опозицијата”, се пропушта да се каже дека таа опозиција е поврзана со Русија и дека тие партии се забранети во Украина поради  воената инвазија на Русија врз Украина. Исто така,  познато е дека во украинската црква Московска патријаршија се шири руска пропаганда, се покриваат активности на непријателски служби и се регрутираат руски агенти

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Ја забрани опозицијата, ја угнетува црквата, ги монополизираше медиумите, угнетуваше јазик, затвори новинари
Сега одбива да одржи избори.
Ова е слободата за која НАТО ја банкротира Европа, ова е Зеленски.

Кога се тврди дека Зеленски „ја забранил опозицијата”, се пропушта да се каже дека таа опозиција е поврзана со Русија и дека причината поради која политички партии со приврзаности и линкови до Русија беа забранети во Украина, е тоа што Русија спроведе агресивна воена инвазија врз Украина, со бројни жртви, меѓу кои и цивили. Всушност, како што извести Гардијан, политичките партии не беа забранети зашто се опозициски, туку затоа што имаат линкови со Русија, што во ситуација на воена инвазија може да се подведе под графата национална безбедност, односно заштитување. Политичките партии не беа забранети во услови на мир, туку во услови на војна, кога националната безбедност е примарна цел на Украина. Националниот безбедносен и одбранбен совет на Украина заседаваше и одлучи да забрани политички активности на овие партии. Повеќето од нив беа мали, но една од нив, наречена Опозициска платформа за живот, имаше 44 парламентарни места во парламентот на Украина во кој има 450 пратеници.

Активностите на тие политичари се насочени кон поделба и судири и нема да успеат, туку ќе добијат остар одговор. Затоа Националниот совет за безбедност и одбрана реши, со оглед на целосната војна што ја почна Русија и политичките врски што бројни политички структури ги имаат со оваа земја, да им ги суспендира активностите за време на воената состојба, изјави Зеленски во  март 2022 година.

Опозициска платформа за живот, најголемата украинска опозициска партија е предводена од Виктор Медведчук, промосковски олигарх со блиски врски со Владимир Путин. Украинските власти во 2021 го обвинија Медведчук, долгогодишниот пријател на Путин, (се верува дека Путин е кум на ќерката на Медведчук), за предавство и тој беше во домашен притвор, потег кој го налути Кремљ. Украина потоа извести дека Медведчук избегал од домашен притвор, еден ден откако Русија ја почна воената инвазија, за потоа да биде повторно уапсен и на крај разменет за дури 215 украински војници заробени од страна на Русија во текот на агресијата врз Украина.

На листата на забранети партии се наоѓа и партијата Наши, предводена од Јевхен Мурајев, како и помали партии кои немаа претставници во парламентот. Пред почетокот на војната, британските разузнавачки служби тврдеа дека Русија има за цел да го постави Мурајев да предводи влада во Киев контролирана од Кремљ, што Мурајев остро го демантираше.

Поради овие околности, не може да се каже дека Зеленски ја забранил опозицијата затоа што е опозиција, туку овие политички партии се забранети поради сомнеж дека се контролирани или поврзани со земја којашто изврши воена инвазија врз Украина. Замрзнувањето на нивното политичко делување е додека трае воената инвазија.

Во постот што го рецензираме се вели дека Зеленски ја угнетува црквата. Но, Зеленски ја обвини Украинската православна црква којашто е под јурисдикција на руската православна црква дека го поткопува украинското единство и дека соработува со Москва. Повторно, воената инвазија што ја спроведе Русија врз Украина, претставува причината поради која соработката со Русија не се толерира во Украина во услови на војна, со цел заштита на националната безбедност.

Ќе го продолжиме ова движење, нема да дозволиме терористичката држава да манипулира со духовниот живот на нашиот народ или да ги уништува украинските лаври и да краде богатства од нив, рече Зеленски.

Патријархот Кирил отворено ја поддржува воената инвазија на Русија врз Украина. Како што веќе пишувавме, Зеленски ја брани Украина од руска пропаганда во црквите.

Професор Виктор Јеленски за Си Ен Ен вели дека повеќе од 30 години раководството на Украинската православна црква, Московска патријаршија ги „труе луѓето со идеја за рускиот свет“. Тој ги брани претресите што безбедносните служби ги спроведувале во црквите, споредувајќи ги со сузбивањето на исламскиот екстремизам по 11 септември 2001 година.

Центарот за стратешки комуникации под Министерството за култура и информациски политики на Украина најде дека во украинската црква Московска патријаршија се шири руска пропаганда, се покриваат активности на непријателски служби и се регрутираат руски агенти. Зеленски не ги прогонува православните христијани од Украина, ниту пак ја угнетува црквата. Во Украина мнозинството од населението е православно и понатаму има православни цркви.

Што се однесува на тоа дека Зеленски ги монополизирал медиумите, на негово барање во 2021 година беа спроведен исанкции врз три телевизии: Њуз Уан, Чанел 112 и ЗИК, коишто му припаѓаа на Тарас Козак, за кој се верува дека е параван за Виктор Медведчук. Санкциите беа спроведени во согласност со Законот од 2014 година, кој дозволува украински државјани да бидат санкционирани ако ги загрозуваат националните интереси на Украина. На овие канали се емитуваше пропаганда на Кремљ.

Масовните медиуми во Украина се и во државна сопственост и во сопственост на корпорации кои зависат од реклами, претплата и продажба. Уставот на Украина гарантира слобода на говор. Украинскиот медиумски систем е во процес на транзиција. Како што наведува Би Би Си, со почетокот на воената инвазија, медиумите во Украина зазедоа патриотска страна.

Би Би Си наведува голем број медиуми кои постојат во Украина, од што произлегува дека не е вистина оти Зеленски ги монополизирал медиумите.

Што се однесува на тоа дека Зеленски го угнетувал рускиот јазик, проверувачите на факти на ЕУвсДисинфо, пишуваат дека тоа не е вистина:

Тврдењето дека се прекршени јазичните права на Русите во Украина е невистинито. На 25 април 2019 година, Врховната Рада го усвои законот кој ќе обезбеди дека украинскиот јазик е државен јазик. Рускиот како и другите јазици, можат да се употребуваат во приватна комуникација, во религиозни церемонии, во печатот, објавување на книги, итн. Законот, исто така, дозволува употреба на други јазици во здравствениот систем.

Според ЕуВсДисинфо, 27 проценти од државјаните на Украина го користат рускиот јазик во нивната секојдневна комуникација, а украинскиот јазик е префериран од 51 проценти од Украинците, додека 21 процент од нив се билингвални.

Што се однесува на тврдењето во постот дека Зеленски одбивал да одржи избори, ова е дезинформација затоа што Уставот на Украина не дозволува да има избори додека е прогласена воена состојба!

Воена состојба е прогласена од февруари 2022 година поради тоа што Русија ја нападна Украина. Значи, не Зеленски, туку Уставот на Украина не дозволува да се одржат избори во време на прогласена воена состојба.

Што се однесува на делот од постот каде се вели дека НАТО ја банкротира Европа за ваква слобода, станува збор за иронија, но НАТО не е во директен воен конфликт со Русија, туку го брани правото на Украина да се брани од воената агресија. Така што, акциите на НАТО се дефанзивни, одбранбени, дизајнирани не да предизвикаат конфликт, туку да го превенираат. Алијансата има одговорност да обезбеди војната да не ескалира надвор од Украина, што би било уште покатастрофално и поопасно.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 


 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција