Токму јаглерод диоксидот, испуштен од човекот во атмосферата, придонесува за климатските промени

Photo by Ben Klewais on Unsplash

Причината за глобалното затоплување е човечки фактор, најмногу поради придонесот на емисии на CO2 во атмосферата. Наводното испуштање „од авиони на милиони тони тешки метали“ нема никаква врска со ефектот на стаклена градина

Причината за глобалното затоплување е човечки фактор, најмногу поради придонесот на емисии на CO2 во атмосферата. Наводното испуштање „од авиони на милиони тони тешки метали“ нема никаква врска со ефектот на стаклена градина

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, заедно со фотографија од агрегаторот Time.mk со наслови поврзани за актуелниот топлотен бран, се тврди следното:

 

Нит’ се климатски промени, нит’ се емисии на CO2 во атмосферата испуштени од човекот…
ДОВОЛНО Е САМО ДА ПРЕСТАНЕТЕ СЕКОЈДНЕВНО ДА ИСПУШТАТЕ ОД АВИОНИ МИЛИОНИ ТОНИ ТЕШКИ МЕТАЛИ (АЛУМИНИУМ, БАРИУМ, СТРОНЦИУМ, НИКЕЛ, ЖЕЛЕЗО, ОЛОВО, КАДМИУМ…) ВО АТМОСФЕРАТА И СЕВО ОВА ЛУДИЛО ЌЕ ПРЕСТАНЕ, ЕФЕКТОТ НА СТАКЛЕНА ГРАДИНА ГО ПРАВИ ТОКМУ ТОА НЕНОРМАЛНО ПРКСАЊЕ ОД АВИОНИ СО ТЕШКИ МЕТАЛИ !!!

Според НАСА, вселенската агенција на САД, климатските промени се долгорочна промена на вообичаените температурни движења што ја дефинираат локалната, регионалната и глобалната клима на планетата Земја. Овие промени имаат широк опсег на набљудувани ефекти, кои се синоним за терминот.

Промени во климата на Земјата се забележани од средината на 20-тиот век и се предизвикани од активностите на луѓето, најмногу од горење на фосилни горива, што го зголемува нивото на стакленички гасови, што, пак, доведува до задржување на топлината во атмосферата на Земјата. Последица од тоа е зголемување на просечната температура на површината на Земјата.

Не е пронајден извор, ниту е пронајдена студија која би покажала дека испуштањето на тешки метали во воздухот предизвикува климатски промени. Досегашните истражувања и од НАСА и од ЕСА (Европската вселенска агенција), главниот причинител за климатските промени го ставаат испуштањето на јаглерод диоксид, кое настанува како последица на човечките активности, поточно, како последица од согорувањето на фосилните горива.

 

CO2 е главниот виновник за ефектот на стаклена градина

Ефектот на стаклената градина е претставува зголемување на топлината блиску до површината на Земјата. Според примерот на НАСА, стакленичките гасови можат да се замислат како ќебе кое ја покрива Земјата и кое ја одржува планетата во идеална температурна состојба. Познати стакленечки гласови се јаглероден диоксид, метан, азотни оксиди и водена пареа.

Научниците имаат утврдено дека испуштањето на одредени нивоа јаглероден диоксид помага да се стабилизира атмосферата на Земјата. Ако целосно се отстрани јаглеродниот диоксид од атмосферата, ефектот на стаклена градина ќе пропадне. Температурата на површината на Земјата ќе се намали некои 33 целзиусови степени. Во последниот век, најмногу преку горење на фосилни горива, луѓето го нарушуваат балансот на стакленечките гасови при што нивните нивоа растат, а со тоа растат и просечните температури што доведува до екстремни климатски појави какви што се топлотни бранови со многу високи температури и зголемен број на шумски пожари со висок интензитет и времетраење, односно токму онакви климатски појави какви што ги посочува авторот на постот.

Точно е тврдењето дека се испуштаат одредени метали во воздухот, но не и од страна на авиони, кои тоа го прават намерно и свесно. За такво нешто не се пронајдени никакви докази, а особено, пак, нема докази дека тие тешки метали придонесуваат кон глобалното затоплување. Оваа студија покажува дека извори на тешките метали се: индустриските процеси, употребата на горива, пестициди и ѓубрива. Никаде не се спомнува намерно испуштање на тешки метали од авиони. Уште повеќе што тешките метали, ако се најдат во воздухот, тие не остануваат во атмосферата, туку паѓаат на површината на Земјата и завршуваат во оеканите и морињата или, пак, на копното. Исто така, нивоата на тешките метали во атмосферата и на копното се наоѓаат во многу мали количества (trace amounts). Доколку тие би биле значителни количества, на пример кога би можеле да се споредуваат со количествата на јаглерод диоксид, тоа би било многу штетно и за луѓето и за целиот жив свет на планетата со оглед на нивната голема токсичност. Веќе спомнатата студија наведува оти „металите како арсен, олово, кадмиум, никел, жива, хром, кобалт, цинк и селен се многу токсични дури и во минорни количества“.

Ваквиот наратив е веќе многу познат како теоријата на заговор „кемтрејлс“ која Вистиномер ја има дебанкирано во повеќе наврати. Станува збор за теорија на заговор стара 20 години, каде што се смета дека трагите од авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси. Со оваа теорија на заговор се верува дека влијателни личности и влади сакаат негативно да влијаат врз контрола на популацијата или да влијаат врз човековото здравје или животната средина.

Поради долгорочната видливост на патеката верувањето е дека трагата содржи опасни хемиски супстанции. Се смета дека трагата од авионите треба бргу да се распрсне, во спротивно тие мора да имаат дополнителни, неоткриени супстанции, односно некакви отрови. Но, како што сме пишувале повеќе пати, ништо од ова не е точно.

Според сето ова, постот што го рецензираме и во кој се тврди дека најголемата штета по ефектот на стаклена градина го прават тешките метали испуштани од авиони, го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција