Тренчевска никогаш не изјавила дека покачувањето од 78 отсто ѝ е малку

Фото: ФБ профил на министерката Јованка Тренчевска

Министерката за труд и социјална политика јавно кажа дека лично не се согласува со толкаво големо зголемување на платите. Исто така, Тренчевска не изјавила дека зголемувањето на пензиите од 6 отсто им е доволно на пензионерите. Таа објави дека од септември пензиите ќе бидат зголемени за 6 отсто и дека ова е второ покачување оваа година, откако претходно во март пензиите беа покачени за 8.4 отсто. Но, никаде не спомнува дека покачувањето на пензиите било „таман“, како што невистинито се тврди во постот

Министерката за труд и социјална политика јавно кажа дека лично не се согласува со толкаво големо зголемување на платите. Исто така, Тренчевска не изјавила дека зголемувањето на пензиите од 6 отсто им е доволно на пензионерите. Таа објави дека од септември пензиите ќе бидат зголемени за 6 отсто и дека ова е второ покачување оваа година, откако претходно во март пензиите беа покачени за 8.4 отсто. Но, никаде не спомнува дека покачувањето на пензиите било „таман“, како што невистинито се тврди во постот

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук ги измамува корисниците дека министерката за труд и социјална политика, м-р Јованка Тренчевска изјавила нешто што таа никогаш не кажала. Во постот се вели:

ПЛАТЕНИОВ ТРАВЕСТИТ, вели дека напензионерите 6% им биле таман, но 78% за неа биле малку!

пс

Мислите случајно има имиџ на маж!

ЕУ ЏЕНДЕРКА!

Постот, освен што е навредлив и омаловажува, тој шири невистини. Се тврди дека министерката за труд и социјална политика, м-р Јованка Тренчевска, наводно изјавила дека покачувањето коешто го добија пензионерите од 6 отсто им било доволно, а покачувањето коешто го доби таа од 78 отсто ѝ било малку. Ова е невистина, Тренчевска никогаш нема изјавено вакво нешто. Напротив, таа изјави дека не се согласува со одлуката за покачувањето на платите на функционерите.

За што станува збор?

Министерката за труд и социјална политика, Тренчевска, на својот Фејсбук профил објави дека од септември пензиите ќе бидат зголемени за 6 отсто. Таа објаснува дека ова е второ покачување на пензиите оваа година, откако претходно во март беа покачени за 8.4 отсто

За сметка на оваа нова методологија пензиите растат во континуитет. Согласно претходната методологија пензиите во месец јануари 2022 година пораснаа за 2.9%. Со новата методологија пензиите пораснаа за околу 21%. Во септември 2022 година- 6.8%, март 2023 година – 8.4% и моменталната проекција за септември 2023 година – најмалку 6%“, напиша Тренчевска.

Покачувањето, пак, од 78 отсто, го добија 1.060 функционери за месец април.

Платите на функционерите се зголемија по Одлуката на Уставен суд, а не на барање на функционерите кое го добија ова покачување. Одлуката беше донесена на 21 март и со неа се укинуваат два члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со кои досега се одредувал фиксен износ на плата – кој потоа служел како основа за определување на платите на функционерите согласно коефициентите за работното место по кои се множат.  Сега со укинувањето на двете законски одредби, како основица се зема сумата на просечната плата исплатена минатата година според Државниот завод за статистика (ДЗС).

Ставот на Владата беше дека одлуките на Уставниот суд мора да се почитуваат, но оттаму најавија дека се бара решение за да не се покачат функционерските плати толку многу. Најпрво рекоа дека се разгледува можноста за кратење на коефициентите при пресметка на платите, но потоа кажаа дека димензионирањето на платите на функционерите ќе се регулира преку ново законско решение. Таков закон досега не е донесен, па над илјада државни функционери, вклучувајќи ги и највисоките, земаат покачени плати за 78 отсто.

Инаку, Министерството за труд и социјална политика, кое го води Тренчевска, беше против укинувањето на двата члена и даде негативно мислење. Исто така, на почетокот на мај, Тренчевска изјави дека не се согласува со оваа одлука, што е сосема спротивно од она што се тврди во објавата.

За жал, зголемувањето на платата на функционерите е одлука на Уставен суд. И јас лично не се согласувам. Мојата плата и платите на министрите сè уште не е зголемена. Бараме начин како сето тоа да го вратиме во првобитната состојба, изјави Тренчевска.

Така што, целосна невистина е дека таа некогаш изјавила дека покачувањето од 78 отсто ѝ е малку. Напротив, таа јавно кажа дека лично не се согласува со толкаво големо зголемување на платите. А не е вистина ниту дека таа изјавила дека зголемувањето на пензиите од 6 проценти е доволно за пензионерите.

Се добива впечаток дека оваа тенденциозна, невистинита и манипулативна објава е направена со единствена цел да се омаловажи и дискредитира министерката Тренчевска. Постот предизвика лавина негативни реакции и сите коментари се навредливи и омаловажувачки.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција