ТВ Дневник: Кога една информативна емисија ќе стане партиски билтен

 

[Сител: ТВ Дневник 1, 18.00, 21.12.2014]

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Кога еден ТВ Дневник некритички ќе пренесе информации и притоа од петни жили ќе се труди, без аргументи да ги оправда потезите на владата, кои патем се само предлог-мерки, не може да се рече дека се работи за професионален производ. Таков беше и ТВ Дневникот 1 на телевизија Сител од неделата (21.12.2014).

Во ситуација кога владината седница во живо се пренесува на Собраниски канал, а потоа во првото информативно издание (16:00 часот) речиси 90 отсто од прикажаното да се повтори е непотребно. Тоа се случи со ТВ дневникот кој почна со три прилози за почетокот на седницата на Владата. Во одбрана на владините политики присутен беше и владиниот портпарол, кој само ги надополнуваше прилозите. Секако, тоа е и разбирливо кога се работи за човек од власта. Она што не можеше да се разбере е потребата на новинарот-водител да ги брани овие владини политики. Или во најмала рака некритички да се осврне на нив. Но, тоа не се случи. Со леснотија новинарот-водител ги поздрави сите дотогашни чекори од власта, а ниту едно, дури ни потпрашање, немаше критички осврт и тоа во услов кога владиниот портпарол ви стои во живо, пред вас. Одлична шанса да се искористи и да се полемизира со него, која, за жал, не беше искористена.

 

15 МИНУТИ ВЛАДИН БЛОК

Иако изборот и креирањето на вестите е легитимно право на медиумот, сепак, не може да се најде оправдување за емитувањето на вака опширен блок. Така, речиси 15 минути траеше блокот за владината седница од која се вадеа делови кои посебно беа прикажувани како прилози.

По завршувањето на овој блок, партиско-пофалниот дел продолжи и со прилогот за саемот за проектот „Купи куќа-купи стан“.

Овој прилог беше едостран, а тоа се гледаше во одлуката на авторот да искористи изјави од извори кои ја подржуваат оваа кампања. Притоа, иако имаме извори во вид на анкета од граѓани кои присуствувале на саемот, недостигаа изјави на извор со стручно знаење. Поради тоа, дополнително се создаде впечаток дека темата е слабо истражена. На пример, можеби авторот на прилогот можел да се обрати или да најде граѓанин кој веќе зел ваков кредит и да ги каже своите искуства. Вака се добива впечаток дека прилогот е намерно пристрасен.

 

ИМА ФАКТИ-АМА ТИЕ СЕ ЛАЖИ!

По овој следуваше еден прилог кој не може да се стави во ниту еден професинален жанр. Иако телевизијата го крстила како рецензија, тоа беше најмалку тоа, од една (иако има повеќе) едноставна причина. Не беше работен според одредена методологија, туку само со нафрлани ставови, невистинити, без аргументи и во ниту еден момент не можеше да се каже дека е веродостоен.

Инаку овој прилог имаше тенденциозен пристап во кој се изместени стандардите на етички исправното новинарство. Во него беше невозможно да се најде барем еден момент на избалансираност. Тоа е како да барате игла во сноп сено. Отворено покажува омраза кон една политичка опција и една невладина организација, како и неколку медиуми. Тоа е несвојствено за професионалното новинарство. Иако треба да се знае и да се направи дистанца при информирањето за вакви настани, тоа не беше сторено.

Вака со месеци наназад изгледа рутината за медиумско покривање на партиските трибини на СДСМ. Медиумите и нивните уредници, кои упорно се трудат да создадат слика дека работата независно, истражувачки и професионално, изгледа забораваат на овие принципи кога станува збор за работата на Заев.

Првото што би се прашале, анализирајќи го прилогот е: дали тој се темели на факти? Иако може да се констатира дека има факти тие се – лажни!

Овој прилог не ги задоволува основните елементи на она што треба да биде новинарски прилог (проверени информации, објективно и непристрасно информирање на јавноста). Наведено е дека се работи за рецензија, но самиот текст не содржи елементи што би го оправдале овој термин. Рецензијата треба да се базира на релевантни информации, изјави, споредби и опсервации, Ова, пак беше прилог со субјективен ракурс на авторот, непоткрепен со факти, така што посоодветен збор би бил дека е коментар.

Со иста истражувачка жар се покрива и трибината на СДСМ во Куманово. Партискиот сајт објаавува вест со наслов „Шекеринска: ќе видите какво злосторничко здружување направила власта на Груевски“. Прв оваа вест ја реобјавува Макфакс во 15:51 со наслов „Шекеринска: Злосторничко здружување има на Илинденска“. Шест минути подоцна Плусинфо објавува идентичен наслов и содржина како и партискиот сајт, но го додава интерпункцискиот знак извичник. Либертас истражува дополнителни 3 минути па одлучува и во нивниот наслов да има знак за извикување.

Овој прилог ги прекрши и основните стандарди на новинарската професија. Тој е во целосна спротивност со принципите на новинарството и го претовора медиумот во партиска платформа.

Во текстот претежно се коментира, а притоа се нафрлени и низа неточни информации, селективно се фрагментираат податоци во функција на пристрасност, а тоа се прави врз основа на коментирање и спинување.

 

БЕЗ ПРОФЕСИНАЛНИ СТАНДАРДИ

ТВ Дневникот како што почна така и заврши. Пристрасно и без професионални стадарди. Поради преголемото време одвоено за владината седница, која се пренесуваше и во живо, не остана простор за вести од светот. Освен блиц пренесената информација за убиството на двајцата полицајци во САД други вести од светот и регионот немаше. Тоа уште еднаш само ја потврди пристрасноста на ТВ Дневникот затоа што Македонија не е изолирана земја на светот, таа е дел од глобаното село и од светските случувања и трендови, па затоа е пожелно да се известува за позначајните настани кои дента се случиле низ светските мердијани.

Затоа, овој ТВ дневник не ја задоволи својата улога, а таа е добро позната. Да информира и тоа објективно, точно и со критички осврт. Затоа, пак имавме ТВ дневник кој беше пристрасен, на моменти невистинит и несодржаен, а како шлаг на тортата беше и непрофесионално сработен.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција