ТВ-дневник: Светот невидлив од паричките во божикните погачи на македонската елита

Veljanovski-Ivanov-plotna-horizontal-001-final
Вељаноски и Иванов: Кај кого се падна паричката – поважно од масакрот во Париз. Фото: Видеоклип скриншот, обработка СПФМ

 

[Анализа на ТВ-дневник на Македонската телевизија – 7 јануари 2015 година, во 17 часот]

 

Скандалозен е односот на овој ТВ-дневник во однос на настанот што го потресе светот – убиството на француските новинари. Во светот и во регионот се прекинуваа други емисии и вести, се правеа дебати, а МТВ, која таму, како што се покажа, има дури и известувач (!), го третираше настанот подолу и од „заложничката драма во Раштак“

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Колку луѓе треба да загинат во ситуации што го прават светот многу запаллив за да се реагира и да се излезе од „шемата“ на ефемерното и поданичко новинарство? Или, можеби, во деновите на празникот немало целосна екипираност за да се постави прашањето за третманот на новостите во светот, кој никогаш не спие и кој не признава однапред наредени прилози?!

 

 

На 7 јануари 2015 година, вест број еден во светот беше нападот на група терористи на редакцијата на еден француски весник, при што се убиени 12 лица и ранети 10, од кои четворица потешко. Истиот ден имаше и терористички напади во други делови од светот, некои и со поголем број жртви, ама оваа вест, најнапред заради запалливоста на политичката сцена во една од најмоќните земји на ЕУ токму во однос на етничките и меѓурелигиски прашања, ги прекина сите емисии на телевизиите во светот, се донесоа новинари, експерти и се направија отворени студија, на веб-страниците, ако веќе немаше вонредни вести во живо, се емитува нови сознанија од Париз како што пристигнуваа. Но, Македонската телевизија остана вљубена во нашите политичари, чија дневна рутина за овој празник беше само доаѓањето на утринска литургија во Соборната црква на МПЦ и нивни извештаи кај кого паднала паричката од божикното лепче!?

МРТ на својата веб-страница, до некаде половина час пред првиот дневник, значи до околу 16.30 часот, немаше никаква вест за она што се случува во светот, како и за париските настани! Се гледа дека последната обнова била околу 10.30 часот, кога политичарите излегувале од црквата и веб-страницата покажува сопрен часовник на 12 часот. Нормално, светот престанува да се врти кога некои наши раководители треба да ручаат!

Да појдеме по ред. Првиот дневник за Божик 2015 почна со најава на четири вести (настани) – божикната служба и нашите политичари, новите предлози во Законот за високо образование, потоа следуваше најава за заложничка драма во Раштак, а дури потоа драмата во Париз.

И, нормално, првата вест во дневникот беше извештајот од Соборниот храм, каде прашањето кај кого се падна паричката веднаш стана доминантно, дури и со обврзувачко прашување на верниците за таа „енигма“. Честитките и објавите за народот каде паднале паричките, кај претседателот Иванов и спикерот Вељаноски зазедоа простор во посебен прилог, како и посетата на премиерот на еден тетовски храм (трет прилог). Сите тие зазедоа пет и пол минути, без никаква особена содржина. На ова треба да се додаде и кус прилог за прославата на Божик во православниот свет, со еден голем кикс (така е кога не се читаат тикери) – тоа е посетата на група врвни политичари од Приштина, Албанци, на манастирот Дечани, што е гест кој, секако, треба да се обележи.

И наместо од известувачот од местото на настанот во Париз да биде побарано да направи барем кус извадок на почетокот на вестите, извештајот беше пуштен по осмата минута во вестите и тој траеше одвај две минути, односно помалку од извештајот за паричките на политичката елита. Да се има таму новинар, да не се дополнува извештајот со прашања, да не се дадат други, паралелни извештаи кои, просто, како водопади излегуваат од малите екрани, е шокатно сознание за состојбата на новинарската професионалност, при што настанот беше одјавен само со една реченица: дека тоа е „вест број еден во светот“. Па, ако е вест број еден, зошто тоа не е во Македонската телевизија или таа има поумни професионалци од сите телевизии?! За споредба, во трите следни вести од светот, централно место имаше (без никаква спектакуларна снимка), на пример, дека авион паднал во едно езеро, а екипажот се спасил со падобран. Па, да ја измериме вредносно таа процена за веста со онаа која заслужуваше во студиото да дојдат барем половина новинари од надворешно-политичката редакција и да отворат куса дебата, која, нели, потоа би продолжила понатаму! Прилогот од Париз можеше да биде предност за МТВ поради дописникот на теренот, ама очигледно наредените прилози не требаше да се разместуваат – имавме неколку најави на прилогот за Божиќниот концерт на Македонската филхармонија, на пример, па имавме прошетки низ градот, сè на сè една идила која не смееше да се расипе. Впрочем, за овој ТВ-дневник дури и заложничката драма во Раштак заслужи повреден простор и најава од смртта на нашите француски колеги.

Следниот блок почна со скандалозен прилог за образовните реформи на власта – студентите беа комлетно отсутни како субјекти кои имаат свој став и со кој почнаа ноемвриско-декемвриските „гибања“ , „Професорски пленум“ беше присутен само по онаа – да ја нареечеме несреќна – изјава на проф. Ванковска, додека „резултатите“ од расправата во Собранието имаа и своја графичка реминисценција за тоа кои сè нови предлози се прифатиле. Иако е тоа очекуван однос на МТВ кон оваа тема, во прилогот подолг од три минути не се најде ниту една реченица за писмото на „Професорски пленум“ до премиерот или за нивната прес-конференција пред зградата на Собранието. Место тоа, следуваше нов прилог, во кој говореа наводни експерти. Првиот беше извесен докторанд Тимчо Муцунски, за кого, веројатно, ретко кој чул, а вториот со подолга изјава на неизбежната Тања Каракамишева, која вербално и без аргументи ги нападна своите колеги. Невидено и скандалозно, дури и од МТВ.

Сè на сè, по овие вести, гледачот кој би посакал барем да има просечна информираност, ќе мора да врти на ТВ-каналите за да дојде до вистински сознанија. Колку за париските настани да го препорачаме дневникот на „Телма“ како пример за тоа што е приоритет или веб-страницата на српската државна телевизија (и ним, нели, им беше Божик) како пример за соодветно уредување на вести и за следње на масакрот од час во час.

Првиот ТВ-дневник траше половина час без неколку секунди, а со прилозите за времето и за спортот имаше стандардна должина од 45 минути.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција