Убиството на Вања злоупотребено за заговорнички теории дека била жртва на сатанистички ритуал

Фото: Peace,love,happinessPixabay

Сатанистички ритуал не е споменат во ниту еден дел од досегашните сознанија на истражните органи за убиството на Вања Ѓорчевска. Во објавата се споделува комплетно непоткрепена со докази и факти теорија на заговор, како и нелогичност дека првоосомничениот за убиство и грабнување бил ,,наместен” и покрај тоа што оние кои што го посочија како извршител на кривичното дело убиство, самите признаа дека се негови соучесници. Дополнително тие се од неговата партија, а не негови политички неистомисленици. Мотивот за грабнувањето и убиството според обвинителството досега (ова е предмет на промена доколку се дојдат до нови сознанија и докази во текот на истрагата) е користољубие и изнуда на пари, а не сатанистички ритуали.

Сатанистички ритуал не е споменат во ниту еден дел од досегашните сознанија на истражните органи за убиството на Вања Ѓорчевска. Во објавата се споделува комплетно непоткрепена со докази и факти теорија на заговор, како и нелогичност дека првоосомничениот за убиство и грабнување бил „наместен“ и покрај тоа што оние кои го посочија како извршител на кривичното дело убиство, самите признаа дека се негови соучесници. Мотивот за грабнувањето и убиството според обвинителството досега (ова е предмет на промена доколку се дојдат до нови сознанија и докази во текот на истрагата) е користољубие и изнуда на пари, а не сатанистички ритуали

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

06.12.2023

(преземен текст) 

Katarzata 

…девојчето е жртва на сатанистички ритуал. тајмингот го чувале за празникот воведение на Пресвета Богородица, сакајќи на тој начин да ја спуштат вибрацијата на многу ниско, демонско ниво. Тоа е гозба за демоните. И плус да го насанкаат Палчо. 

Секако нема да им успее, ама бруталноста и дрскоста на скроз отворено демонско улавеење е нешто што го гледаме за прв пат вака отворено.

 И тоа вознемирува…

Објавата се однесува на убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска, за која осомничени за две кривични дела се пет лица, а бројот како што напредува истрагата може да се зголемува или намалува зависно од сознанијата и доказите. Во времето на пишувањето на оваа рецензија, има пет осомничени лица, а меѓу нив првоосомничен е Љупчо Палевски Палчо, којшто се споменува во објавата. Објавата е, всушност, една голема теорија на заговор со цел дефокус, воведување сомнеж во релевантноста на истрагата и класичната теорија на заговор дека „некој некого мести“.

Палевски е посочен како извршител на убиствата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, односно како човекот кој пукал, од страна на сведоци кои се, исто така, осомничени за истото кривично дело. Тие, според досега обзнанетото од страна на истражните органи, хронолошки објасниле како било планирано кривичното дело за убиството на Вања и кој од нив какви улоги и функции имал во тоа. Во интерес на истрагата, детали од улогите, функциите, дејствата и кој од нив што презел, не се соопштуваат. Дополнително, лицата коишто го посочуваат Палевски за човек кој испукал од огненото оружје и ја усмртил Вања и самите осомничени со него за соизвршителство. Оттаму, не е логична тезата дека го мести некој кој и самиот себеси се вброил во соизвршителите.

Првоосомничениот Палевски, пак, уште пред да биде обзнането дека има приведени во станица во врска со исчезнувањето на Вања (тогаш така се водеше настанот, бидејќи безживотното тело уште не беше пронајдено), ја напуштил територијата на Македонија. Еден возач го возел до Белград, а друг од Белград до Турција каде и беше уапсен.

Според искази на осомничените кои се во 30 дневен притвор, убиството на Вања се случило истиот ден кога таа беше пријавена за исчезната на 27.11.2023 година. Празникот кој се споменува во објавата што ја рецензираме, односно Воведение на Пресвета Богородица е на 4 декември. Никакви сатанистички ритуали не се посочени од страна на истражните органи како мотив за убиството туку, според првичните информации кои во текот на истрагата може и да се променат, мотивот е користољубие односно пари кои требало да бидат изнудени, но планот се изјаловил и барањето на откупот не се реализирало.

Тоа што во објавата се промовира дезинформацијата за демонски ритуали, соодветствува во целост со наративот кој се пласира од страна на поддржувачите на Кју Анон теоријата на заговор за наводни сатанисти, кабалата, пиење крв од деца, демони меѓу политичарите итн. Наспроти изнесеното во ваквата непоткрепена со ништо објава, елементите со кои располагаат истражните органи одат во сосема друга насока и тоа е јасно споделено со јавноста. Исто така, сосема контрадикторно е тоа што се тврди дека Палчо е наместен, со оглед на тоа што оние кои го посочуваат за извршител на кривичното дело се негови сопартијци и самите осомничени, кои признале вина.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција