Украина не мобилизира лица со Даунов синдром

Фото: Luaks JohnnsPixabay

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Украинскиот претседател Зеленски на 16 април го потпиша Законот за мобилизација, со кој се очекува да се реши проблемот со недостигот на војници во Украина, поради руската инвазија на земјата, но тој не предвидува мобилизација на лица со Даунов синдром

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Украинскиот претседател Зеленски на 16 април го потпиша Законот за мобилизација, со кој се очекува да се реши проблемот со недостигот на војници во Украина, поради руската инвазија на земјата, но тој не предвидува мобилизација на лица со Даунов синдром

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека Украина во војната мобилизира лица со Даунов синдром.

Страшно, стои во објавата.

Тврдењето дека Украина мобилизира лица со Даунов синдром е погрешно.

Даунов синдром е состојба која предизвикува вишок на хромозоми, што може да предизвика психички и физички тешкотии.

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина, изменет на 18 август 2023 година, пишува сајтот за проверка на фактите Сичек.орг., пренесувајќи проверка на фактите од босанскиот портал Raskrinkavanje.ba.

Истата уредба пропишува детални правила според кои лицата со одредени болести и состојби се прогласуваат за несоодветни за воена служба.

Фото: Принтскрин од Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина

Во веродостојните медиуми, како што покажуваат резултатите од пребарувањето на Гугл, нема информации за регрутирање на лица со Даунов синдром во Украина. Овие тврдења доаѓаат од проруски извори и, освен видеа со сомнителна автентичност, нема докази за потврдување на точноста на овие наводи, додава Сичек.орг..

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 16 април го потпиша Законот за мобилизација, со кој се очекува да се реши проблемот со недостигот на војници во Украина, поради руската инвазија на земјата, но тој не предвидува мобилизација на лица со Даунов синдром.

Станува збор за закон што беше усвоен од украинскиот парламент на 11 април, а со кој ќе се регулира начинот на регрутирање на граѓаните. 

Законот ги обврзува Украинците на возраст од 18 до 60 години да ги информираат воените власти за нивните лични податоци, па канцелариите за регрутирање полесно ќе можат да видат кој во кој регион може да се мобилизира.

Способните мажи со закон ќе бидат обврзани постојано да носат документ за регистрација издаден од нацрт-канцеларијата, додека на службените лица ќе им биде дозволено да го побараат документот на улица, јави Радио Слободна Европа.

Иако пратениците ублажија некои одредби поврзани со затајување на воена служба, Законот дозволува казнување за затајување на службата.

Законот не предвидува никакво временско ограничување за отслужување на воениот рок, што значи дека војниците кои се борат од почетокот на инвазијата, односно од февруари 2022 година, сè уште не знаат кога ќе бидат демобилизирани.

Поради воена состојба, на мажите на воена возраст им е забрането да одат во странство, но нема процедура за повикување на украински мажи кои се надвор од државата, информира Радио Слободна Европа.

Не е првпат да се споделуваат дезинформации во врска со мобилизацијата на војници во Украина. Вистиномер веќе пишуваше дека Украина не испраќа бремени жени да се борат на фронтот со Русите, а ја дебанкиравме и информацијата дека во војната ќе се мобилизираат сите Украинки од 18 до 60 години.

Освен овие, се ширеа и дезинформации дека Украина регрутира лица под 18 години. И за ова Вистиномер пишуваше.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека не постојат докази дека Украина во војната мобилизира лица со Даунов синдром. Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина, изменет на 18 август 2023 година. Украинскиот претседател  Зеленски на 16 април го потпиша Законот за мобилизација, со кој се очекува да се реши проблемот со недостигот на војници во Украина, поради руската инвазија на земјата, но тој не предвидува мобилизација на лица со Даунов синдром. Поради сето ова, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како погрешна.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција