Вакцините и маските не разболуваат од ковид-19

Спротивно на тврдењата изнесени во постот, клиниката Кливленд тврди дека ПЦР тестот е способен да детектира многу многу мали количества од вирусниот материјал и може да продолжи да детектира фрагменти од Сарс Ков 2 дури и откако сте закрепнале од ковид-19 и веќе не сте заразни за околината. Научните студии покажуваат дека ПЦР тестот за дијагностика на коронавирусот има сензитивност од 86 проценти и специфичност од 96 проценти. Дека пандемијата не е лажна, покажува и вкупниот број на дијагностицирани граѓани кои од почетокот до денеска во Македонија изнесува дури 136.426 лица. Од нив починале 4.022 лица како последица на коронавирусот а активни се 21.265 случаи. За вакцините, пак, дефинитивно се знае дека ќе заштитат од смрт и хоспитализација дури и ако вакцинираниот се зарази со коронавирусот

Спротивно на тврдењата изнесени во постот, клиниката Кливленд тврди дека ПЦР тестот е способен да детектира многу многу мали количества од вирусниот материјал. Научните студии покажуваат дека ПЦР тестот за дијагностика на коронавирусот има сензитивност од 86 проценти и специфичност од 96 проценти. Дека пандемијата не е лажна, покажува и вкупниот број на дијагностицирани граѓани кои од почетокот до денеска во Македонија изнесува дури 136.426 лица. Од нив починале 4.022 лица како последица на коронавирусот а активни се 21.265 случаи. За вакцините, пак, дефинитивно се знае дека ќе заштитат од смрт и хоспитализација дури и ако вакцинираниот се зарази со коронавирусот

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук посветен на пандемијата со коронавирусот, во кој се тврди дека „лажните тестови даваат лажно заразени, а тоа е лажна пандемија“ и дека „луѓето вистински ќе се разболат од вакцините и од маските“. 

Откако е почната таканаречената пландемија не сум ставил маска на лицето. Во контакт сум секој ден со стотици луѓе, се ракувам и прегрнувам. Зошто не се разболам, зошто не умрам?”, се вели во изјавата од постот атрибуирана на германски лекар Клаус Кохлаин.

Како што може да се забележи од неговата биографија, станува збор за доктор интернист, кој уште во минатото, пред постоењето на коронавирусот и пандемијата, бил коавтор на книга во којашто се тврди дека медицинската индустрија континуирано измислува епидемии, правејќи милионски профити на сметка на граѓаните. Книгата е објавена во септември 2017 година, што значи дека овој став лекарот Кохлаин го застапувал и за други пандемии. Во книгата се тврди дека медиумите постојано ги тероризираат граѓаните со вести за Сарс, хепатитис Ц, Сида, ебола и полио.

Сепак смртоносните ефекти од овие агенти никогаш не биле докажани. Овие наводно заразни агенти, всушност, се честички продуцирани од самите клетки како последица на стрес фактори како дрога, лоша исхрана, пестициди и тешки метали, се вели во описот на книгата со наслов „Вирусманија“.

Секогаш кога некој го употребува зборот пландемија, тоа се однесува на некаков заговор и непостоечка теорија дека малкумина од „големото добро утро“, се собрале и направиле масовен план за контрола на целото човештво, односно план за фармацевтските коропорации да профитираат, луѓето да се депопулираат од планетата земја и други слични небулози,  невтемелени тврдења за кои нема никакви суштински докази.

Но, какви се фактите?

Клиниката Кливленд тврди дека:

Најголемите придобивки од ПЦР тестот се точноста и тоа што на тестот може да се потпрете, односно дека засега тоа е најточниот тест за детекција на ковид-19.

Спротивно на тоа што го тврди германскиот лекар, клиниката Кливленд тврди дека:

Тестот е способен да детектира многу многу мали количества од вирусниот материјал и може да продолжи да детектира фрагменти од Сарс Ков 2 дури и откако сте закрепнале од ковид 19 и веќе не сте заразни за околината.

Значи, оттаму тврдат, дека може да продолжите да бидете позитивни на тестовите, дури и ако сте имале ковид-19 поодамна и не можете да го ширите кај другите луѓе.

Значи, клиниката Кливленд објаснува дека ПЦР тестот е дури и пресензитивен. Откако ваквата информација дека тестот може да е позитивен, иако лицето не е заразно и не може да ја шири инфекцијата на другите околу себе, стигна во Македонија, Комисијата за заштита на населението од заразни болести реши тие што имаат симптоми да бидат во задолжителна изолација 20 дена, а тие што немаат симптоми добиваат решение за изолација во рок од 10 дена од детекцијата на вирусот.

Меѓутоа, актуелниот контекст во којшто се споделува оваа изјава на докторот Кохлаин, дека лажни тестови даваат лажни резултати, е комплетно поинаков. Во моментот во Македонија и поголемиот дел од Европа и светот, се соочуваме со британскиот сој на коронавирусот, кој воопшто не е ист со оној претходниот за кој зборува Кохлаин. Британскиот сој на коронавирусот ги напаѓа и младите, за 70 проценти е попренослив, односно многу е полесно да се заразите сега, отколку на почетокот на пандемијата. Понатаму , ако претходно се сметаше дека инкубацијата трае до 14 дена, сега е три до пет дена, а клиничката слика се влошува значително брзо.  Како што може да се забележи од дневните статистики на Институтот за јавно здравје, од овој вид на коронавирусот за една недела во земјава починаа 227 лица.

Понатаму, тоа што го кажува Кохлаин е спротивно на препораката на Светската здравствена организаија, која од почетокот на пандемијата препорачува тестирање, тестирање и тестирање, односно масовно негово спроведување за да се дојде до поголема детекција. Ако нема тестирање нема да има ни детекција на коронавирусот.

Иако постои можност тестот да биде лажно негативен, сепак, таа можност зависи од типот и сензитивноста на тестот, тоа колку добро е прибран примерокот од страна на медицинскиот техничар и точноста на лабораториската анализа.

Научните студии покажуваат дека ПЦР тестот за дијагностика на коронавирусот има сензитивност од 86 проценти и специфичност од 96 проценти, но треба да се применува во контексти на голема преваленца на коронавирусната инфекција. Кога има проблеми, односно сомневања дека дијагнозата не е точна, треба да се земе втор примерок за да ја потврди дијагнозата.

Освен тоа, во Македонија Министерството за здравство секојдневно известува на број на пациенти кои се хоспитализирани во болниците и во ковид-центрите ширум земјата, кои се позитивни или суспектни на коронавирусот. Значи, наспроти лагите за измислена пандемија, односно како што милуваат да ја наречат теоретичарите на заговори ,,пландемија”, симптомите и клиничката слика често пати СЕ ЗА ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА ДУРИ И КОГА ПАЦИЕНТОТ НЕ Е ПОТВРДЕН ПОЗИТИВЕН! Едноставно, се нема време да се чека резултатот од тестот зашто влошувањето прогресира!

Лажно и комплетно неодговорно е и тврдењето дека граѓаните ќе се разболат од маските и од вакцините. Овде ќе потсетиме на тоа што го пишуваме од почетокот на пандемијата, дека маските не предизвикуваат хипоксија ниту рак. 

Мајо клиниката од САД официјално тврди дека носењето заштитна опрема во комбинација со честото миење раце и физичкото дистанцирање од два метра го намалува ризикот од ширење на ковид-19. Истото го препорачуваат и македонските здравствени власти, Светската здравствена организација, Американската асоцијација за контрола и превенција на заболувања и владите на речиси сите земји во светот.

Вакцините, пак, дефинитивно се знае дека ќе заштитат од смрт и хоспитализација, дури и ако вакцинираниот се зарази со коронавирусот!

Базирано на доказите кои ги имаме досега, вакцината против ковид-19 може да ги заштити граѓаните од тешка форма на болеста и да ја намали хоспитализацијата и смртноста. Сепак, уште е важно за јавноста да остане будна и да продолжи да ги следи вообичаените заштитни мерки, со усвојување и практикување на превентивните мерки кои се препорачани. Ова вклучува да се одбегнуваат места со многу гужва, да се практикува физичко растојание, да се носи маска, да се остане дома кога имате симптоми, како и често да се мијат рацете, да се одржува личната хигиена, велат од Светската здравствена организација.

Директорот на институтот за имунологија, професор доктор Александар Петличковски, тврди дека вакцините се најефикасното оружје против пандемијата зашто заштитуваат од хоспитализација и смртност.

Дека вакцината не заразува од ковид, пишува и на официјалната страница на центарот за контрола и превенција на болести на САД.

Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот КОВИД-19. Нема да предизвика позитивен тест со кој се тестира активна инфекција со КОВИД-19. Некои луѓе кои примиле вакцина пријавиле лесни до умерени несакани ефекти, вклучувајќи болка на местото на инјектирање, замор, главоболка и болка во мускулите. Не секој добива несакани ефекти. Но, ако добие, тие се нормални и знак дека вашето тело ја гради својата одбрана од вирусот, пишува на официјалната страница на Министерството за здравство наменета за разбивање на митовите околу вакцинацијата.

Дека пандемијата не е лажна, покажува и вкупниот број на дијагностицирани граѓани, кои од почетокот до денеска во Македонија изнесува дури 136.426 лица. Од нив починале 4.022 лица како последица на коронавирусот а активни се 21.265 случаи. Хоспитализирани во болниците се 1.744 граѓани, а празни се 230 болнички кревети.

И ова говори за реалноста на пандемијата како и секојдневните апели на изморениот медицински кадар. Во земјава дури и се воведоа најрестриктивните и најнепопуларните мерки за заштита кои вклучуваат двонеделно комплетно затворање на угостителскиот сектор и зголемување на времетраењето на полицискиот час од 20 навечер до 5 часот наутро. Здравствените власти ова го направија поради тоа што земјава се наоѓа во најкритичниот период од почетокот на пандемијата и се сака да се одбегне да снема места во болниците каде има голем наплив на пациенти за хоспитализација.

Имаме голем број на пациенти кои се хоспитализирани во болниците, лекувањето трае нешто подолго од претходно, и тоа создава дополнителен товар за сите здравствени установи и работници. Сегашните мерки кои беа на сила не дозволија раст, сепак, е огромен бројот на новодијагностицирани, огромен број на хоспитализирани и сметаме дека празниците може дополнително да ја комплицираат ситуацијата. Имаме една клиничка слика на болеста која е различна од претходната. Хоспитализацијата трае подолго, за разлика од претходно кога по 14 дена веќе немаше опасност за пренос, сега имаме влошување во 12, 13, 14 ден од лекувањето, на форма која навистина ретко се гледа – влошување на белите дробови, на крвта и, за жал, завршува лошо. Претходно беа хоспитализирани 7 проценти, сега со овој сој се хоспитализирани 11-12 проценти, рече Филипче објаснувајќи ја потребата од носење на овие мерки.

Поради сите овие наведени аргументи, тврдењата дека граѓаните ќе се разболат од ковид поради маските и вакцините, а не од реалната причина – британската мутација на коронавирусот, ги оценуваме како лажни исто како и тврдењето дека пандемијата е „пландемија“.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција