Вакцините против ковид не се биолошко оружје

Фото: vectore_Pixabay

Наспроти изнесеното во објавата вакцините против ковид не се биолошко оружје. Оваа дезинформација е активна од почетокот на вакциналната кампања, како што беше активна и дезинформацијата дека самиот ковид е биолошко оружје, принудувајќи ги владите на државите да го демантираат тоа. Во Северна Македонија нема информација дека некој починал како последица на ковид вакцините, ниту пак, е докажана причинско-последична врска меѓу вакцината против ковид и нечија смрт

Наспроти изнесеното во објавата, вакцините против ковид не се биолошко оружје. Оваа дезинформација е активна од почетокот на вакциналната кампања, како што беше активна и дезинформацијата дека самиот ковид е биолошко оружје, принудувајќи ги владите на државите да го демантираат тоа. Во С. Македонија нема информација дека некој починал како последица на ковид вакцините, ниту пак, е докажана причинско-последична врска меѓу вакцината против ковид и нечија смрт. Во објавата се споделува и видеоматеријал на кој се наоѓа американскиот професор Френсис Бојл, ама тој не предава Харвард, како што се тврди во објавата, туку на Универзитет во Илиноис и нема академска титула во биологија или вирусологија. Бојл се вбројува меѓу најпроминентните ширачи на теории на заговор за ковид

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ВИНОВНИ ЗА МАСОВНО УБИСТВО СО БИООРУЖЈЕ „ВАКЦИНИ”.
И покрај алармот медиумите молчат, но повторно истата пропаганда со сеење страв, а Филипче, Заев и другите инволвирани во ковид масакрот, слободно шетаат добро нафатирани од ковид измамата.
Никој не ги чепка, а обичниот ем болен, ем без пари, ем секој поединец си губи некој близок од последици од “вакцини”, а сите молчат.
Оваа официјална судска изјава е за ковид “вакцини” = биооружје, не ги двојам, бидејќи сите се исти, битно си ја завршија работата. Но што правиме со детските таканаречени вакцини??? Треба да се избоцкаат сите деца, за да по завршениот процент избоцкани го објават истото???
РОДИТЕЛИ ВРЕМЕ Е ДА СЕ СПРОТИВСТВИТЕ. НИКОЈ НЕ ВИ ГАРАНТИРА БЕЗБЕДНОСТ ПО ЗДРАВЈЕТО И ЖИВОТОТ НА ВАШЕТО ДЕТЕ.
Американскиот професор од Харвард потврдува преку официјална судска изјава дека вакцините против Ковид се биооружје за масовно уништување. Тој вели дека највисоките функционери на ФДА, ЦДЦ, ДОД и директорите за вакцина против Ковид треба да бидат обвинети за масовно убиство.
Наспроти изнесеното во објавата вакцините против ковид не се биолошко оружје. Во Северна Македонија нема информација дека некој починал како последица на ковид вакцините, ниту пак, е докажана причинско-последична врска меѓу вакцината против ковид и нечија смрт.

Биолошко оружје (биооружје) претставуваат микроорганизми како вируси, бактерии или габи или токсични материи произведени од живи организми, кои се произведуваат и ослободуваат намерно за да предизвикаат болест или смрт кај луѓето, животните или растенијата. Вакцините против ковид не се биолошко оружје. Оваа дезинформација е активна од почетокот на вакциналната кампања, како што беше активна и дезинформацијата дека самиот ковид е биолошко оружје, принудувајќи ги владите на државите да го демантираат тоа. Така на пример, владината страница на државата Њу Џерси, уште во 2020 година објави дека нема докази дека ковид-19 вирусот е биолошко оружје. Центарот за контрола и превенција на болести на САД го има објавено списокот на состојки во сите вакцини против ковид овде.

Доколку беше точно наведеното во објавата што ја рецензираме, тогаш државата којашто ги креирала вакцините како наводно биолошко оружје, заедно со производителите, ќе беа кривично гонети што секако дека не се случи. Вакцините против ковид и нивното производство се резултат на макотрпна научна работа и глобални напори за справување со пандемијата во што побрз рок. Вакцините против ковид беа ставени на ригорозни тестирања и фази на испитување пред да бидат пуштени во употреба. Таквото мониторирање продолжи и откако вакцините беа пуштени во употреба.

мРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија, ниту пак, биолошко оружје.

Стотици милиони луѓе само во САД безбедно ја имаат примено вакцината против ковид-19. Тврдењето во објавата дека се работело за „опасно биолошко оружје“ е теорија на заговор, во услови кога толку многу дози се дистрибуирани во светски рамки и во ситуација кога вакцините се мониторирани за несакани ефекти. Дополнително, постојат бројни показатели за бројни спасени животи како резултат на вакцината и постојано релевантни здравствени авторитети продолжуваат да потенцираат дека користа од вакцината е поголема отколку штетата.

Ковид вакцините користени како одговор на пандемијата поминаа најинтензивно мониторирање на безбедноста во американската историја. Центарот за контрола и превенција на болести на САД  обезбедува навремени информации за несакани настани пријавени во ВАЕРС од почетокот на вакцинацијата.

Студијата на СЗО/Европа открива дека вакцинацијата против ковид-19 спасила најмногу животи во периодот кога доминантна била варијантата Омикрон, од декември 2021 до април 2023 година.

Наспроти изнесеното во објавата ковид не е измама, туку болест. Самите почетни фази на вирусот, кога имаше бројни починати и заболени и кога беше афектиран целиот свет од последиците на коронавирусот, покажуваат дека вакво сценарио за огромна измама, во кое „би била вклучена целата планета“, не е возможно освен во теориите на заговор.

Во објавата како последен елемент што го рецензираме е делот во кој невистинито се тврди дека „детските вакцини се опасни и никој не ви гарантира безбедност за вашето дете“.

Детската имунизација е еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и претставува најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот на заразните заболувања. Со вакцинирање се спасуваат 2 до 3 милиони детски животи во светот секоја година, согласно податоците од Светската здравствена организација (СЗО).Според Министерството за здравство, редовните вакцини се безбедни и ефикасни. Тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести. Со редовната имунизација се развива долгорочна заштита. Целта на редовната имунизација е да помогне во градењето здрав и квалитетен живот. Националниот календар за редовна имунизација ги содржи сите потребни вакцини за заштита. Истиот треба да се следи и да не се пропушта препорачаниот редослед. Пропуштање и одложување на вакцинацијата го зголемува ризикот од инфекција која може да предизвика сериозни последици и хоспитализација. Вистиномер ги има дебанкирано невистините за детската имунизација во повеќе рецензии.

Во склоп на објавата има и видеоматеријал на кој се наоѓа американскиот професор од Харвард, Френсис Бојл. Како што пишува Асошиејтед прес, тој се вбројува меѓу најпроминентните ширачи на теории на заговор за ковид. Станува збор за професор што завршил на Харвард, ама предава на Универзитет во Илиноис. Бојл во 1989 година направил драфт на закон што го забранува биолошкото оружје и ги има советувано Босна и Херцеговина и Палестина.

Бојл нема академска титула во биологија или вирусологија, но е долгогодишен критичар на оние што ги истражуваат патогените. Тој има тврдено дека израелските разузнавачи биле инволвирани во бомбардирањето на World Trade Center, дека САРС, свинскиот грип и еболата биле генетски модифицирани и дека западно нилскиот вирус и лајмската болест избегале од лабораторија за биолошко оружје на САД. Тој исто така тврди дека основачот на Микрософт Бил Гејтс „бил инволвиран во ширењето на зика вирусот“. Тој тврди дека коронавирусот е генетски инженеринг и биолошко оружје кое избегало од високопрофилни лаборатории во Вухан, Кина, дека американски научници помогнале да се развие и дека илјадници доктори, научници и лидери на позиции и функции се здружени да ја сокријат вистината, пишува Асошиејтед Прес.

Бојл е споменат како човек што шири теории на заговор и во извештајот на невладината Атлантски совет, и тоа повторно со тврдењето дека ковид вакцините биле наводно биолошко оружје, а кои ги ширел во крајно проблематични канали, како американската емисија на Јутјуб Info Wars.

Така што, тој не е професор од Харвард, туку на Универзитет во Илиноис. На Харвард ја добил дипломата, ама таа не е по вирусологија или биологијаИсто така, нема судска пресуда, како што се тврди во објавата, дека вакцините биле биооружје за масовно уништување. Френсис Бојл на почетокот на видеото кажува како „секој може да поднесе жалба кај надлежните истражни органи за убиство и намера за извршување убиство и да бара луѓето да бидаат уапсени“. Така почнува видеоматеријалот, но не е познато претходно за што се зборувало. Тој не се повикува на никаква официјална судска пресуда дека вакцините против ковид се биооружје за масовно уништување, бидејќи таква не постои, туку зборува дека така напишал во некоја негова книга што ја објавил. Бојл ги повикува во емисијата граѓаните да одат во локалните полициски станици и да пријават дека биле „нападнати со биолошко оружје кога ја примиле вакцината”.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција