Вакцините против ковид не се отровни и пандемијата не е „план за депопулација“

Фото:fernando zhiminaicelaPixabay

Наспроти изнесеното во објавата, светското население продолжува да расте и после ковид пандемијата и после ковид вакцинацијата, а не да опаѓа, со што фактички и со бројки може да се побие тврдењето дека „ковид е план за депопулација“. Вакцините против ковид-19 се со испитани состојки кои се транспарентно наведени и имаат позитивен безбедносен профил и никакви отрови во нив

Наспроти изнесеното во објавата, светското население продолжува да расте и после ковид пандемијата и после ковид вакцинацијата, а не да опаѓа, со што фактички и со бројки може да се побие тврдењето дека „ковид е план за депопулација“. Вакцините против ковид-19 се со испитани состојки кои се транспарентно наведени и имаат позитивен безбедносен профил и никакви отрови во нив

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

31.12.2023
Носејки го името на овој фејсбук профил на овој јак човек, разбудивме и спасивме илјадници од ковид отровните вакцини.
Секоја вечер 21.00, 20 месеци со почеток 09.2020, со 2000 во живо секоја ноќ…покренавме огромна маса луѓе кои го проширија знаењето за ковид планот за депопулација.
Процесот сеуште трае.
Вашата храброст се исплати.
Живот без слобода е затвор.
Оваа планета припаѓа на патриотите, не на глобалистите.
Q

Под објавата се споделува видео од Мајк Тајсон, каде тој е со неговите гулаби, а авторот на објавата кој се претставува под псевдонимот Мајк Тајсон и на таков начин алудира дека во објавата зборува за себе.

Не е точно дека ковид пандемијата била „план за депопулација“, туку глобална пандемија на коронавирус предизвикана од Сарс Ков 2. Вирусот прво беше откриен во кинескиот град Вухан во декември 2019 година. Потоа тој се прошири во други делови од светот. Светската здравствена организација (СЗО) го прогласи за здравствена опасност од интернационални размери. Пандемијата до 1 јануари 2024 година има предизвикано 772,837,981 случаи и речиси 7 милиони потврдени смртни случаи со што оваа пандемија стана петтата на листата на најсмртоносни пандемии во историјата.

Онака како што тоа се прави во објавата што ја рецензираме, така и во екот на самата пандемија, кога болниците беа преполни со пациенти кои се бореа за живот, постоеја луѓе кои со своите објави на социјалните мрежи се обидуваа да ја претстават како некаков заговор за депопулација, притоа заговарајќи против мерките кои владите ширум светот ги препорачуваа за заштита на населението. Во периодот на вакцинацијата таквиот наратив продолжи против вакцините против ковид-19, за кои се ширеа најразлични измислици со цел да се обесхрабрат граѓаните да се имунизираат.

Но, дека ковид-19 не е „план за депопулација“ покажува фактот што светското население од ден на ден се повеќе расте и се зголемува бројот на луѓе кои живеат на планетата Земја. На следниот линк може да се видат бројките за светското население во 2019 и во 2023 година и да се види дека бројот само продолжува да расте, а не да опаѓа. Доколку ковид беше „план за депопулација“ тогаш бројот на светското население би требало да намалува, а не да се зголемува, како што тоа е случај.

Во објавата се тврди и дека вакцините против ковид „се отровни“. Дека тоа не е вистина потврдуваат сите релевантни здравствени организации и институции од земјава и од светот. Во земјава против ковид се вакцинирани над 869 илјади граѓани. Доколку вакцините против ковид беа отровни, тогаш тоа ќе се забележеше на начин што смртноста значајно ќе се зголемеше, или пак, ќе имаше голем број на несакани ефекти коишто ќе беа пријавувани во МАЛМЕД и така ќе се сфатеше дека постои проблем со вакцините – што не се случи. Состојките во сите ковид вакцини се јавно достапни и не станува збор за контроверзни состојки, туку за безбедни. Ниедна состојка во ковид вакцините нема интеракција со човековата ДНК и во вакцините нема антибиотици, лекови, ткива – како што се клетки од абортирани фетуси, протеини од храна, метали или латекс, објавува Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ).

Вакцините против ковид-19 беа предмет на испитување и ќе продолжат да бидат предмет на најинтензивно мониторирање на безбедноста. Доказите од стотици милиони вакцини против ковид-19 кои веќе се администрирани во САД и милијардите вакцини администрирани глобално, покажуваат дека тие се безбедни и ефективни, пишува на сајтот на ЦДЦ.

Теоријата на заговор дека со ковид пандемијата мала група на луѓе сака да преземе контрола врз светот, да го намали бројот на  населението (депопулација), е карактеристична за движењето Кју Анон, а авторот на објавата што ја рецензираме и во оваа објава (на крајот) и во други објави се претставува како следбеник на Кју Анон.  Припадниците на ова движење во текот на пандемијата се обидуваа со голем број контрадикторни, недокажани, неосновани и нафрлени измислици да ги обесхрабрат луѓето да се вакцинираат, да носат маски и да им веруваат на докторите.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција