Како теориите на заговор ја хранат глобалната епидемија на дезинформации

Фото: Принтскрин колаж

Иако некои теории на заговор делуваат навидум безопасно, многу од нив имаат последици во реалниот свет. Теориите на заговор како: Кју Анон, 5G, ХААРП, кемтрејлс и слични поттикнуваат страв, имаат потенцијал да ја нарушат довербата на јавноста во науката, ја поткопуваат довербата во институциите, може да ги нарушат јавните политики. Од клучно значење е да бидеме внимателни и критички да ги оценуваме информациите со кои се среќаваме, барајќи веродостојни извори и потпирајќи се на експертски консензус. Со разбирање на основите на овие теории на заговор и фактите што ги разоткриваат, можеме да поттикнеме општество кое го цени критичкото размислување засновано на докази

Иако некои теории на заговор делуваат навидум безопасно, многу од нив имаат последици во реалниот свет. Теориите на заговор како: Кју Анон, 5G, ХААРП, кемтрејлс и слични поттикнуваат страв, имаат потенцијал да ја нарушат довербата на јавноста во науката, ја поткопуваат довербата во институциите, може да ги нарушат јавните политики. Од клучно значење е да бидеме внимателни и критички да ги оценуваме информациите со кои се среќаваме, барајќи веродостојни извори и потпирајќи се на експертски консензус. Со разбирање на основите на овие теории на заговор и фактите што ги разоткриваат, можеме да поттикнеме општество кое го цени критичкото размислување засновано на докази

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Дезинформациите, поттикнати од теориите на заговор, претставуваат значителна закана за општеството, демократијата и јавното здравје. Дигиталната ера обезбеди плодна почва наративите полни со невистини, дезинформации и теории на заговор да може да се шират како шумски пожар.

Теориите на заговор се плодна основа од каде што се црпат и обликуваат многу дезинформации. Овие теории често се вртат околу верувањето дека група поединци или организации тајно манипулираат со глобалните настани за своја корист.

Иако некои теории на заговор делуваат навидум безопасно, многу од нив имаат последици во реалниот свет. Тие можат да доведат до недоверба во институциите, кризи во јавното здравство, па дури и до насилство. Овие теории често ги замаглуваат границите помеѓу фактите и фикцијата.

Во оваа анализа разработуваме примери на дезинформации и нивната поврзаност со најчестите теории на заговор, вклучувајќи ги Кју Анон, 5Г, ХААРП, „озлогласениот“ Бил Гејтс и други.

 

Кју Анон: Заговорот за длабоката држава

Кју Анон е една од најалармантните теории на заговор што се здоби со внимание во последниве години. Таа тврди дека тајно друштво на елити кои го обожуваат сатаната и тргуваат со деца го контролира светот. Следбениците на Кју Анон веруваат дека поранешниот претседател Доналд Трамп се борел против овие мрачни сили, кои често се нарекуваат „длабока држава“.

Припадниците на движењето Кју Анон ја шират и теоријата за адренохром, и велат дека претседателот Трамп води тајна војна против елитните педофили кои го обожуваат сатаната и се наоѓаат во владата, бизнисот и медиумите. Оваа теорија на заговор тврди дека политичарите од длабоката држава и холивудската елита се вклучени во голема мрежа за киднапирање деца, која го собира хемиското соединение адренохром од сексуално злоупотребувани деца подложени на сатанистички ритуали. Ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува адренохромот со подмладувањето. Нема докази дека оваа супстанца се користи за подмладување, ниту пак, дека има халуциноген ефект. Иако никогаш со докази не е потврдено дека постои некаква пракса да се екстрахира адренохром од деца, сепак наративот не престанува да циркулира на социјалните мрежи

 

Кемтрејлс

Една од најтрајните и најопсежните теории на заговор се врти околу кемтрејлс, белите траги кои ги оставаат авионите, за кои често се тврди дека се хемиски или биолошки агенси намерно испрскани од авиони. Поддржувачите сугерираат дека овие патеки се дел од тајните владини програми за контрола на времето, труење на населението или дури и манипулирање со човечкото однесување. И топлотниот бран летово беше поврзуван со таканареченото „прскање од авионите“.

Вистината е дека белите траги кои авионите ги оставаат зад себе се создаваат кога водената пареа и ситните честички изгорено млазно гориво на авионите се замрзнуваат во кристали од мраз. При ниска влажност на воздухот, кристалите само се распаѓаат. При поголема влажност тие опстојуваат и на крајот создаваат видлива трага на големи површини на небото. Не сите авиони оставаат бели траги – се проценува дека ова се случува на само околу 18 отсто од летовите. Воздухот треба да биде доволно студен за водата да замрзне, поради што тие обично се појавуваат само над одредени надморски височини – обично над 6 километри висина.

За да докаже дека оваа теорија на заговор е неточна и ги измамува луѓето, Форбс објави студија, според која 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

 

Негирање на климатските промени

Негирањето на климатските промени е постојана теорија на заговор која фрла сомнеж врз консензусот на научната заедница во врска со климатски промени и нивните страшни последици.

Ширењето на дезинформации и теории на заговор околу климатските промени ги попречува глобалните напори за решавање на едно од најитните прашања на нашето време. Се шират неосновани тврдења дека климатските промени се измама или дека се дел од голем план за контрола на светот.

Во реалноста голем број на научни истражувања ја поддржуваат идејата дека човечките активности, првенствено согорувањето на фосилните горива, значително придонесуваат за глобалното затоплување. Покрај тоа, повеќето од водечките научни организации ширум светот објавија јавни изјави со кои ја поддржуваат оваа позиција. Тука може да најдете листа на овие организации, заедно со линкови до нивните објавени изјави и избор на поврзани ресурси. Дури 97 проценти од климатските научници ширум светот се согласуваат дека климатските промени се реални и водени од човековата активност. Во научниот свет тоа е консензус.

 

Теоријата на заговор 5Г тврди дека воведувањето на безжичната технологија од петтата генерација е штетно за здравјето на луѓето и е потенцијално алатка за надзор на владите. Се споделуваат објави, во кои се тврди дека 5Г е оружје за масовно уништување, но научната јавност е категорична дека 5Г технологијата ќе се користи за подобрување на комуникацијата во воените комуникации, но не како оружје за масовно убивање. Експертите велат дека е бесмислено да се шират застрашувачки гласини дека 5Г се користи како оружје од војската.

На Фејсбук се споделуваат и објави кои тврдат дека 5Г антените се маскираат во кактуси што потврдува дека тие се штетни. Но, вистината е дека камуфлирањето на овие антени се прави пред сè поради естетски изглед и за подобра радиофреквентност, за да не се трпат штети од временските прилики кои би можеле да предизвикаат прекини во емитувањето на радиобрановите.

На социјалните мрежи се појави и објава која вели дека рускиот претседател Владимир Путин ги забранил 5Г кулите и дека Русија ќе ги уништува. Но, како поткрепа не е понуден ниту еден кредибилен доказ. Напротив, според информации објавени на веб-страниците на Владата на Русија и на руското министерство за дигитален развој, комуникација и масовни медиуми, во земјата постојат активни програми со цел да се зголеми опфатот на 5Г мрежата

Се споделуваше и измислица дека 5Г може да активира патогени кои ги има во ковид вакцините и да предизвика болести во телото на вакцинираните. Во февруари 2020 и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје. Мобилната 5Г мрежа никако не влијае ниту на вируси, ниту на бактерии и не може да шири болести.

Технологијата 5G работи во рамките на утврдените безбедносни упатства, а бројни студии не пронајдоа убедливи докази што ја поврзуваат со негативни здравствени ефекти. Тврдењата за кулите 5G кои наводно предизвикуваат ковид-19 или се користат за контрола на умот, се широко дебанкирани.

 

ХААРП и контрола на времето

Високофреквентната програма за истражување на поларната светлина (ХААРП) е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците направија лабораторија во Гакони, Аљаска, и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радиобранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас.

Но, за теоретичарите на заговор тоа е таен владин проект чија цел е контрола на времето, предизвикување природни катастрофи и манипулирање со умовите.

Некои теоретичари на заговор обвинија дека ХААРП е виновен за климатските промени, како и за појавата на земјотреси и урагани. Се тврдеше и дека невремето на почетокот на август во Македонија, како и силното невреме кое ја погоди Словенија во јули, се резултат на ХААРП. Овие тврдења не се поткрепени со научни докази и нашироко се дебанкирани. Како што напоменавме погоре, климатските промени се реални. Не е точно тврдењето дека тие се резултат на ХААРП и дека антените можат да влијаат врз промените на климата, дека предизвикуваат земјотреси или промени во расположението кај луѓето.

Радиопреносите од ХААРП предизвикуваат само мали ефекти во јоносферата кои траат краткотрајно, неколку секунди. Нема докази дека ХААРП може да предизвика природни катастрофи или да влијае врз човековите движења и мисли.

 

Бил Гејтс и Клаус Шваб мета на теории на заговор

Две истакнати личности кои биле предмет на бројни неосновани теории на заговор се Бил Гејтс и Клаус Шваб.

Бил Гејтс, коосновачот на Мајкрософт и истакнат филантроп, стана цел на теории на заговор кои тврдат дека тој користи вакцини за вградување микрочипови кај луѓето и за да го контролира населението.

Друга теорија на заговор се врти околу идејата дека Гејтс сака да го депопулира светот преку програми за вакцинација. Во реалноста, напорите на Гејтс во јавното здравство се насочени кон спасување животи и подобрување на условите за живот во сиромашните региони.

Невистинито се споделуваше и дека Гејтс преку комарци ќе го боцка населението со отрови и вируси, како што го правел тоа со мРНА вакцините за време на ковид пандемијата. Иако Фондацијата Гејтс обезбедува финансирање и поддршка за борба против маларијата, таа не финансирала никакви активности што вклучуваат ослободување од комарци во САД или на кое било друго место на светот. Фондацијата ја поддржала биотехнолошката компанија „Окситек“, која ослободува модифицирани комарци во Флорида како дел од иницијативата за контрола на болеста, но портпаролот на компанијата изјавил дека нејзината работа во САД не е финансирана од Фондацијата Гејтс.

Се манипулираше дека Гејтс заговара геноцид, дека сака глобална пандемија и затворска држава. Овие тврдења произлегоа од негова колумна во Њујорк Тајмс, но тој во излагањето всушност зборува за идејата да се формираат стручни тимови во секоја држава кои брзо ќе знаат да одговорат на предизвикот доколку се случи нова пандемија

Клаус Шваб, основачот и извршен претседател на Светскиот економски форум (СЕФ), е уште една личност која е цел на теории на заговор. СЕФ е познат по своите годишни состаноци во Давос, Швајцарија, каде што глобалните лидери се собираат за да разговараат за итни глобални прашања. Според теориите на заговор Шваб и СЕФ се дел од таинственото глобално планирање за воспоставување на Нов светски поредок.

Се тврдеше и дека Шваб им наредил на владите во светот да ги апсат сите што читале „лажни вести“, и да ги забранат независните медиуми. Иако на страницата на Светскиот економски форум се споделени неколку препораки за справување со дезинформациите, Шваб нема никакви овластувања, ниту правна ниту политичка моќ да им „наредува“ на владите од цел свет што да прават. Ова е класична дезинформација.

Потоа, цитирајќи негова наводна книга, тој беше претставен како монстурм кој има план да ликвидира 4 милијарди луѓе, што е исто така неточно, бидејќи тој не е авторот на таква книга.

На социјалните мрежи се појави и тврдење дека Светскиот економски форум сака да забрани природно зачнување односно дека сите бебиња мораат да бидат одгледувани во лабораторија. Но, вистината е дека Светскиот економски форум нема никакви овластувања да забранува природно зачнување, ниту пак, на нивната агенда се наоѓа таква небулозна цел.

Теориите на заговор како. Кју Анон, 5G, ХААРП, кемтрејлс и слични имаат потенцијал да ја нарушат довербата на јавноста во науката, ја поткопуваат довербата во институциите, може да ги нарушат јавните политики, поттикнуваат страв јавноста и во некои случаи доведуваат до штета во реалниот свет. Од клучно значење е да бидеме внимателни и критички да ги оценуваме информациите со кои се среќаваме, барајќи веродостојни извори и потпирајќи се на експертски консензус. Со разбирање на основите на овие теории на заговор и фактите што ги разоткриваат, можеме да поттикнеме општество кое го цени критичкото размислување засновано на докази.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција