Видео од пат во Кина прикажано како снимка од патот Прилеп-Крушево

Фото: Принтскрин видео

Наспроти тврдењето во оваа објава на Фејсбук, не станува збор за видео од патот Прилеп-Крушево. Според она што успеавме да го најдеме на Интернет, се работи за пат во Кина. Не е јасно дали лицето кое го објавило видеото сакало на сатиричен начин да го прикаже овој пат, или пак, намерно ги довело во заблуда неговите следбеници. Како и да е, од коментарите е видливо дека голем дел корисниците на Фејсбук поверувале во напишаното

Наспроти тврдењето во оваа објава на Фејсбук, не станува збор за видео од патот Прилеп-Крушево. Според она што успеавме да го најдеме на Интернет, се работи за пат во Кина. Лицето кое го објавило видеото сакало на сатиричен начин да го прикаже овој пат, но, од коментарите е видливо дека дел корисниците на Фејсбук поверувале во напишаното

 

 

Анализираме објава на Фејсбук во која се споделува видео од пат со огромни дупки преку кои поминуваат автомобили и камион, а во описот на видеото пишува:

Прилеп – Крушево, и обратно…

Објавата е доста вирална и во моментот на оваа рецензија има околу 150 реакции и преку 230 споделувања. Но, не е вистина дека на видеото е прикажан патот Прилеп-Крушево и обратно. Според она што Вистиномер успеа да го најде, станува збор за пат во Кина.

Лицето кое го објавило видеото мислело да се пошегува и да направи некаква споредба на сатиричен начин, но тоа морало да го нагласи. Онака како што е пласирано видеото дел од корисниците се доведени во заблуда, бидејќи, според коментарите оставени под видеото, очигледно е дека некои навистина поверувале оти станува збор за патот Прилеп-Крушево.

Вистиномер е свесен дека многу корисници веднаш сфатиле оти не станува збор за патот Прилерп-Крушево, при што во коментарите ги посочуваат палмите покрај патот. Но, сите корисници на социјалните мрежи ги немаат забележано, видеото е со лош квалитет, а многумина набрзина го прегледале, обраќајќи внимание само на возилата во движење. Оваа рецензија е изработена со цел да се разјаснат нештата токму за оние корисници на социјалните мрежи кои стекнале впечаток како видеото да е снимено кај нас во земјава. Вистиномер има обврска токму за нивните потреби да појасни за што точно станува збор и да истакне дека се работи за сатира, а не за локален настан.

Доколку го пребарате видеото на Гугл ќе видите дека тоа е објавено на 28 јуни 2022 година на Фејсбук со опис на шпански. Истото видео може да се најде и на Твитер во ноември 2023 година со опис на англиски и на повторно на шпански јазик.

Во твитот со видеото на англиски јазик пишува:

Вашингтон, Минесота и Мичиген се државите со најмногу проблеми со дупки (на улиците).
Градови со најмногу проблеми со дупките (на улиците) се Њујорк, Лос Анџелес и Минеаполис.
Просечната сметка за поправка на автомобил поради дупки (на улиците) е 460 долари.
Бројот на поправки на автомобили поради дупки ( на улиците) се зголеми за 57% помеѓу 2021 и 2022 година.

Сајтот Латеја.цр, осврнувајќи се на видеото, на 13 ноември 2023 година, објави текст со наслов: „Поранешниот министер ‘не ни трепна’ кога требаше да ја критикува наводната состојба на улица во Костарика“. Според сајтот, поранешниот министер за планирање Роберто Гаљардо, воопшто не сакал да го коментира видеото кое се појавило на Твитер, бидејќи тоа немало никаква врска со Костарика.

Сајтот го цитира твитот, нагласувајќи дека станува збор за видео од Кина.

Северна Савана на оваа влада, поради проблемот со дождовите што излезе од контрола, ве молам бидете внимателни, тој пат е премногу опасен, напиша корисникот, користејќи видео објавено во Кина во 2020 година, пишува Латеја.цр.

Видеото го најдовме и на сајтот видеохабер7 објавено на 12.11.2023 со опис:

Видео кое ќе ги вознемири оние кои внимаваат на нивното возило! Дождовницата го наполни раскапаниот пат во Кина, што резултираше со овие фотографии…

Од сето погоре, очигледно е дека не станува збор за видео од патот Прилеп-Крушево. Според она што успеавме да го најдеме на Интернет, се работи за пат во Кина. Лицето кое го објавило видеото сакало на сатиричен начин да го прикаже патот Прилеп-Крушево, но, од коментарите е видливо дека дел корисниците на Фејсбук поверувале во напишаното.

Сатирата е специфичен жанр кој одамна се користи кога се сака преку иронија да се исмее човечка глупост или негативните појави во стварноста. Политичарите и нивните потези неретко се мета на сатирата. Специјализирани медиуми, како францускиот Charlie Hebdo („Шарли Ебдо“) или американскиот „The Onion“ („Кромидот“) не поштедуваат никој од својата сатира.

Меѓутоа, споделувањето на објава, како оваа што ја анализираме, без притоа да се нагласи дека станува збор за сатира, може многумина да доведе во заблуда, па дури и малициозно да се дезинформира.

Според тоа, објавата што е предмет на нашата рецензија, ја оценуваме како сатира.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција