Видео старо 7 години се споделува како да е од актуелното невреме во Србија
Видеоматеријалот споделен во постот не потекнува од актуелните временски непогоди во Србија. Ова видео постои на интернет со години, првпат е објавено на 24 мај 2016 година на Јутјуб каналот на приватен корисник со наслов „Торнадо Србија 2016 Пијавица“
Видеоматеријалот споделен во постот не потекнува од актуелните временски непогоди во Србија. Ова видео постои на интернет со години, првпат е објавено пред седум години – на 24 мај 2016 година, на Јутјуб каналот на приватен корисник со наслов „Торнадо Србија 2016 Пијавица“
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:
Околина на Белград вечерва!
Во рамките на објавата се споделува видеоматеријал на кој се гледа наоблачено небо, а во позадина се слушаат луѓе кои на српски јазик извикуваат дека се приближува торнадо и дека сите во куќата треба да се засолнат во подрумските простории. На небото се забележува необична форма, за која снимателот на видеото смета дека е торнадо.
Видеоснимката во постот што го рецензираме, е споделена во периодот (19 јули 2023 година) кога во Србија, Хрватска, Босна и во Словенија имаше големо невреме кое предизвика материјални штети и човечки жртви.
Но, видеоматеријалот споделен во постот не потекнува од актуелните временски непогоди во Србија. Ова видео постои на интернет со години, првпат е објавено пред седум години – на 24 мај 2016 година, на Јутјуб каналот на приватен корисник со наслов „Торнадо Србија 2016 Пијавица“.
Со пребарување на клучнните зборови од 24 до 26 мај 2016 година, во медиумите може да се пронајдат извештаи за невреме кое на 24 мај 2016 година ја погодило Јагодина, во Поморавскиот регион во Србија.
Пороен дожд со силен ветер, грмотевици и град ги погоди во вторникот попладнето Јагодина, Ќуприја и Параќин. Како што за агенцијата Бета изјавија од радарскиот центар Бешњаја, град со големина на цреши паѓал кај Батинац кај Ќуприја, како и во Милошево кај Јагодина, извести тогаш N1.
Како што пишуваат проверувачите на факти на Истиномер, на социјалните мрежи и тогаш се појавувале фотографии за наводно „торнадо“, но стручните лица од радарскиот центар објасниле дека не станува збор за торнадо.
Не станува збор за торнадо туку за „пијавица“ која се појавува на рамни површини кога доаѓа до разлики во притисоците. Оваа појава не е вообичаена за Поморавија и се јавува во рамничарските краеви, најчесто во Војводина, наведуваат стручните лица за N1.
За невремето кое на 24 мај 2016 година го погоди Поморавскиот регион во Србија и наводното „торнадо“ во Јагодина, извештаи тогаш имаше на РТВ, Б92, Мондо и други медиуми.
На метеоролошкиот веб-сајт Времерадар објаснето е дека „ ‘пијавица’ е значајно послаба верзија на торнадо над водена површина“ и дека „’тромба’ претставува исто што и ‘пијавица“, само над копнена површина“.
„Пијавица“ претставува локален воздушен вртлог, ротирачки воздушен столб над површината на водата, која е пропратена со видлива инка помеѓу основата на облакот и површината на водата. Се формира како дел од облаците со вертикален развој – кумулус и кумулонимбус, а она што ги разликува „пијавиците“ од „торнадата“ е тоа што тие се појавуваат над површината на водата и се формираат од помалку развиени облаци, така што се значително послаби по интензитет, помали по големина и со пократко времетраење од „торнадата“, наведува Времерадар.
Поради сите горенаведени факти сметаме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Видеото е автентично, но не потекнува од јули 2023 година, туку од мај 2016 година.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар