ВМРО-ДПМНЕ: Телефонска линија за медицински совети (Ало докторе)

Фото: скриншот

Ќе формираме повикувачки центар кој ќе пружа советодавни услуги/упатства за сите граѓани на Македонија, за кои не е неопходен итен медицински третман (настинки, покачена телесна температура, главоболки и др.). Во повикувачкиот центар ќе бидат вработени најмалку 10 лекари специјалисти и 10 медицински сестри со прет- ходно работно искуство во здравствена установа, кои врз основа на симптомите што граѓаните ги соопштуваат преку телефон, ќе даваат медицински совети. Предноста е што сервисот ќе биде достапен 24 часа, во викенди, празници и при неповолни временски услови. Медицинскиот персонал ќе работи со телефон и компјутерска програма – медицински софтвер, во кој ќе се внесе возраста, симптомите и евентуалните хронични болести на повикувачот/пациентот, а врз основа на овие податоци ќе се даваат совети, упатства за натамошно постапување, како и можни лекарства за кои не е потребен рецепт. Ова е особено важно за правилното користење на лекови, особено сега во услови кога одредени лекови можат да се купат во продавници и на бензински станици. Линијата и советите ќе бидат бесплатни за сите граѓани, сите разговори ќе се снимаат електронски без да се евидентира идентитетот на повикувачот/пациентот. Носител: Министерство за здравство Буџет: 4.000.000 денари (Рок: 2015 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Ало докторе“ го најави и министерот за здравство, Никола Тодоров, на партиски митинг во Берово на 17 април 2014 година за време на предизборната кампања за парламентарните избори.

Планираме да ангажираме десетина доктори и десетина медицински сестри, коишто ќе бидат телефонски достапни за сите граѓани на Република Македонија 24 часа. Да можат да им помагаат на граѓаните кога станува збор за не толку сериозни здравствени состојби за коишто може да се побара совет и усно од лекар, особено во вечерни часови и за време на викенди. Доколку не станува збор за сериозна состојба, докторот може да помогне, а доколку е сериозно докторот од другата страна на линијата ќе даде совет да се јави болниот на лекар – изјави Тодоров и објасни дека овој систем се користи во многу земји и дал резултати.

Неколку месеци подоцна, односно на 15. септември истата година, во медиумите беше објавен напис дека проектот „Ало докторе“ почнал со работа.

Со проектот на Владата „Ало докторе“, кој ќе започне од денеска, граѓаните ќе можат со јавување на телефонскиот број 15-123 да се консултираат за определена здравствена состојба или симптоми што ги чуствуваат. Во проектот, како што информира во саботата министерот за здравство Никола Тодоров, се вклучени доктори специјалисти со најмалку 10 години искуство што е различно од диспечерите кои се јавуваат во Итната медицинска помош кои што се општи лекари, а дел од специјалистите се и штотуку пензионирани доктори.

Имајќи го предвид ова, може да се каже дека ветувањето е исполнето.

ЛИНКОВИ:

Оценето од : Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција