Во Јужна Кореја имало стампедо, а не масовни смртни случаи поради вакцина

Фото: Принтскрин видео

Постот дезинформира дека мејнстрим медиумите измислуваат дека во Јужна Кореја имало стампедо, а дека наводно станува збор за смртни случаи како последица на вакцините против ковид-19. Бројни светски медиуми објавија извештаи за трагичниот настан со над 150 жртви на денот кога во Јужна Кореа се прославувал Хелоуин и кога огромен број излегле да учествуваат на маскембал во дискотека.  Стампедото се случило на јавно место,голем број на очевидци сведочат за хоророт кој го преживеале, а имало вклучени и истражни органи и спасувачки екипи. Така што,  неверојатно е таков настан, со толку многу луѓе инволвирани во него да биде измислен, односно вистинската причини за смртта да биде вакцината, за која воопшто и не се знае дали настраданите ја примиле

Постот дезинформира дека мејнстрим медиумите измислуваат дека во Јужна Кореја имало стампедо, а дека наводно станува збор за смртни случаи како последица на вакцините против ковид-19. Бројни светски медиуми објавија извештаи за трагичниот настан со над 150 жртви на денот кога во Јужна Кореа се прославувал Хелоуин и кога огромен број млади излегле да учествуваат на маскенбал во дискотека. Стампедото се случило на јавно место, голем број на очевидци сведочат за хоророт што го преживеале, а имало вклучени и истражни органи и спасувачки екипи. Така што,  неверојатно е таков настан, со толку многу луѓе инволвирани во него да биде измислен, а вистинската причини за смртта да биде вакцината, за која воопшто и не се знае дали настраданите ја примиле

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во којшто се споделуваат неколку видео материјали и притоа се тврди:

Официјално стампедо, покосени мртви  без знаци за повреда.

„Причината за сите овие смртни случаи сè уште не е утврдена, но се известува дека многумина претрпеле СРЦЕВ УДАР?!?”

Каква случајност, Јужна Кореја, која има скоро насекаде инсталирана и активна 5G мрежа и земја со многу висок степен на „вакцинација“! Извор: Телеграф

Внимавајте на голите откриени делови од телото (нозе, раце, стомак, гради) никаде нема повреди на меките ткива или хематоми, а ако беше стампедо ќе требаше да има, бидејќи кога некој ќе згазне нечиј стомак, мора да останат модринки, како знак ефект на механичка сила врз мекото ткиво на телото. Исто така, да беше стампедо, ќе имаше скршени вратови, нозе и раце, тука ги нема, заклучокот е едноставен, а тоа е дека мејнстрим медиумите лажат дека било стампедо, бидејќи како инаку би оправдале толку смртни случаи.

Меѓутоа, изнесеното дека не станува збор за стампедо, туку дека смртта на толку многу лица во исто време на исто место е резултат на вакцинацијата против ковид-19, претставува дезинформација. Прво, нема никакви докази за вакциналниот статус на лицата кои присуствувале на настанот. Не е познато колкумина од нив биле вакцинирани, колкумина невакцинирани, ниту пак, изнесеното дека станува збор за причинско последична врска меѓу вакцинацијата и смртта е поткрепено со некакви аргументи, освен што има паушално наведени лични согледувања небазирани на докази.

Бројни светски медиуми вклучително и Ројтерс, објавија извештаи за настанот кој се случил на денот кога во Јужна Кореа се прославувал Хелоуин, па огромен број на млади, првпат после почетокот на пандемијата, излегле да учествуваат на маскенбал во дискотека. За тоа колку бил преоптоварен просторот во преминот во Сеул каде се случи несреќата и каде имаше над 150 жртви, говори следната снимка направена непосредно пред да се случи стампедото.

Снимката покажува дека пред да се случи смртоносното стампедо во Сеул, имало огромен метеж во преминот во областа Итаеун, каде имаше и над 150 жртви. Во тесниот премин може да се видат илјадници луѓе. Јужна Кореа е во состојба на национална жалост. Војс оф Америка објави фотогалерија со ексклузивни фотографии кои може да ја погледнете овде.

На третата фотографија во таа галерија се гледа токму спротивното на она што се тврди во постот што го рецензираме, дека ако имало стампедо би требало да има скршени раце, нозе…  На оваа фотографија на Ројтерс се гледа дека ногата на една од повредените жени е во завој.

Пожарникарите и сведоците за Ројтерс изјавиле дека луѓето продолжиле да се туркаат во тесниот премин кој веќе бил полн од ѕид до ѕид, кога некои од нив паднале што предизвикало другите во толпата да се сопнат и да почне стампедото. Друг сведок за Ројтерс изјавил дека веднаш до зградата била поставена импровизирана капела каде биле носени телата на починатите, пред да бидат пренесени во владин објект за да бидат идентификувани.

Во областа каде се случило стампедото има голем број на млади, како и туристи поради тоа што се работи за дел од градот со барови ресторани и преполни објекти, а особено било така на ноќта на Халоуин, кога бизнисите работеле со засилено темпо после пандемијата.

И за Божиќ тука може да видите големи гужви, но ова беше десеткратно поголем број на луѓе од тоа, изјавил дваесет и едногодишниот Парк Јонг Хун за Ројтерс.

Властите ги истражуваат причините поради кои дошло до инцидентот.  Сосема е неверојатно во исто време на исто место, голем број на луѓе да починале поради вакцина, за којашто како што кажавме, не се знае ни дали ја примиле оние што биле на местото на настанот во времето кога се случило стампедото.

Дојче Веле известува дека властите на Јужна Кореа назначиле специјален тим за да истражува како дошло до несреќата. Тимот истражувачи има над 560 членови. Во несреќата загинаа повеќе од 150 лица, меѓу кои најголемиот дел млади луѓе кои вечерта по повод Хелоуин биле во областа исполнета со голем број на угостителски објекти, дискотеки и барови. Меѓу загинатите имало и странци.

За несреќниот настан, сведоци се сите лица кои биле присутни, тој се случил на јавно место, имало вклучени и истражни органи и спасувачки екипи. Местото каде што се случило стампедото било исклучително проминентно и познато по тоа што било дестинација за забава, а голем број на очевидци сведочат за хоророт што го преживеале. Затоа е сосема неможно овој настан, со толку многу луѓе кои се инволвирани во него да биде измислен, односно вистинската причина за смртта да биде вакцината. Тоа е небулозно тврдење.

Во постот се кажува дека Јужна Кореа е со висока стапка на вакцинација, но меѓу починатите нема само Јужнокорејци, туку и странци. Едноставно доведувањето во корелација меѓу вакцината и несреќата е неосновано. Несреќата се случила независно од вакциналниот статус на луѓето.

Полицијата на Јужна Кореа почна да го истражува настанот и причините кои довеле до стампедото и веќе посочи дека дел од пропустите се направени и од нивна страна, дека имало проблем со менаџирањето односно контролата на голема група луѓе.

Инаку, дури и кога би имало видео и фотоматеријали какви што се наведуваат во постот, од модринки хематоми, голи делови од телото, сосема би било возможно Фејсбук да ги отстрани од својата платформа поради тоа што ќе бидат спротивни на стандардите на заедницата. 

Фејсбук експлицитно им кажува на корисниците да не постираат видео и фотоматеријали ако на нив има мртви тела во немедицински услови, доколку прикажуваат распарчување, видливи внатрешни органи или делумно распаднати тела, јагленизирани или запалени луѓе освен ако не е во контекст на кремирање.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека постот што го рецензираме е невистинит. Не е точно дека мејнстрим медиумите лажат дека во Јужна Кореја имало стампедо и дека станува збор за смртни случаи како последица на  вакцините против ковид-19.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција