Во Латвија демонстранти не биле приведени оти пееле песна, туку зошто одбивале да се разотидат од протест

Фото: Принтскрин

Прес Јунајтед објавува дека Латвија отстранила советски споменик, по што 14 луѓе биле уапсени во Рига. Според медиумските извештаи, летонската полиција ги уапсила лицата кои протестирале против отстранувањето на споменикот. Локалните власти посочиле дека од неколку десетици луѓе кои се појавиле на местото, 14 биле уапсени затоа што не ја почитувале полициската наредба да се разотидат, а не затоа што пееле песна

Прес Јунајтед објавува дека Латвија отстранила советски споменик, по што 14 луѓе биле уапсени во Рига. Според медиумските извештаи, летонската полиција ги уапсила лицата кои протестирале против отстранувањето на споменикот. Локалните власти посочиле дека од неколку десетици луѓе кои се појавиле на местото, 14 биле уапсени затоа што не ја почитувале полициската наредба да се разотидат, а не затоа што пееле песна

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека се уапсени луѓе во Летонија (Латвија) поради пеење песна. Во состав на постот објавена е снимка од полициски службеници кои во ноќните часови апсат луѓе.

Во објавата што ја рецензираме пишува:

Уапсени луѓе за пеење песна. Летонија, Европска унија.

 #ДалиКрајотВакаМириса

Но, не е вистина она што се наведува во постот, дека лицата биле уапсени, бидејќи пееле песна.

Како што објавува Прес Јунајтед, Латвија отстранила советски споменик, по што 14 луѓе биле уапсени во Рига. Според медиумските извештаи, полицијата ги уапсила лицата кои протестирале против отстранувањето на споменикот. Локалните власти посочиле дека од неколку десетици луѓе, кои се појавиле на местото, 14 биле уапсени затоа што не ја почитувале полициската наредба да се разотидат.

Рускиот медиум РТ, исто така, извести дека апсењата се поради непочитување на полициската наредба.

Медиумите пишуваат дека полицијата на Латвија, заедно со работници и машинерија, пристигнала во Паркот на победата во Рига, каде што бил лоциран познатиот советски споменик и почнале да го отстрануваат. Вечерта, луѓе почнале да се собираат во паркот, носејќи цвеќиња. Полицијата не им дозволила да му се доближат на споменикот, по што тие се обиделе да ги остават цвеќињата на блиска полјана, што, исто така, не било дозволено од полицијата.

Околу полноќ уште повеќе луѓе почнале да доаѓаат на местото, а дел од нив почнале да ја пеат популарната руска песна од времето на Втората светска војна, „Катјуша“. Во меѓувреме дел од демонстраните станале поагитирани и влегувале во вербални конфликти со полицијата, по што полицијата наредила да се разотидат. Оние кои одбиле да си заминат, биле приведени, пишува Прес Јунајтед.

Медиумот пишува и дека споменикот формално им е посветен на „ослободителите на советска Латвија и Рига од германскиот фашистички окупатор” и е изграден во 1985 година. По распадот на СССР, Латвија ја добила својата независност и властите во земјата почнале да гледаат на споменикот како симбол на советската опресија и постојано се наметнувало прашањето за негово отстранување. Руската инвазија врз Украина, која почна на крајот на февруари годинава, била само катализатор за финалната одлука да се отстрани споменикот. Латвија издала наредба сите објекти што глорифицираат тоталитаристички режими да се отстранат до 15 ноември, вклучително и споменикот од 1985 година.

Овој споменик беше цврст потсетник на нашата окупација и судбината на многу луѓе: депортација, репресија итн. Не ни треба ваков споменик, изјавил претседателот Егилс Левитс.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека во Латвија лица биле уапсени поради тоа што пееле песна. Приведувањата се поради непочитувањето на наредбата на полицијата толпата да се разотиде на одржаните протести по отстранувањето на советски споменик.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција